Развојот на новите варијации на коронавирусот се заканува да ја продолжи пандемијата и покрај тоа што вакцините влеваа надеж дека со нив ќе се стави крај, сметаат Мајкл Остерхолм и Марк Олшакер од „Форин аферс“

Новите мутации на ковид-19 се закануваат да ја одолжат пандемијата

Секоја борба против пандемијата е трка со времето. Човечкото знаење, научната поткрепа и технологијата се трудат да го надминат капацитетот на микробите за брзи промени. Човечкиот вид создава нова генерација во просек секои од 20 до 30 години, а микробите создаваат нова генерација во минути или часови. Секој од овие репродуктивни циклуси му дава можност на вирусот да мутира. Многу од неизбежните мутации ќе бидат незначителни или ќе го нарушат опстанокот на микробите, но некои ќе го направат поотпорен на притисоците од средината и со тоа би станал поопасен за човекот. Со тоа што пандемијата на ковид-19 влегува во втората година, нови мутации на вирусот беа регистрирани во Бразил, Јужна Африка и Велика Британија, но тие нема да бидат последни. Научниците стравуваат дека дел од овие нови мутации може да бидат отпорни на сегашните вакцини против ковид-19. Како резултат на тоа, развојот на новите варијации на коронавирусот се заканува да ја продолжи пандемијата и покрај тоа што вакцините влеваа надеж дека со нив ќе ѝ се стави крај.
Поради ваквите притисоци, вакцините мора да станат подостапни. Сепак, сегашниот светски вакцинациски систем против ковид-19 нема соодветен капацитет да одговори на предизвикот. Милиони во богатите држави веќе добија вакцини, но во многу држави со ниски и средни приходи вакцинацијата воопшто не е започната. Ваквата нееднаквост не е само неправедна туку е и опасна. Вакцинацискиот национализам, поточно разбирливата желба да се заштити сопственото население пред другите, нема да ги спаси богатите земји од новите мутации на болеста што го продолжуваат страдањето и го одложуваат враќањето кон нормалното функционирање. Колективната акција за имунизација на светот можеби звучи идеалистички, но практично е неопходна.

Проблемот со мутациите

Некое време научниците претпоставуваа дека микробот на ковид-19 е релативно стабилен. Неговите мутации изгледаа незначителни, па така со безбедната и ефикасна вакцина се сметаше дека ќе се стави крај на болеста. Но појавата на првите мутации предизвика загриженост лани во ноември и во декември што ја натера научната заедница да признае дека крајот на пандемијата нема тукутака лесно да се постигне. На пример, една мутација може полесно да се пренесува, да предизвика посериозна форма на болеста и поголема смртноста што може да доведе до поголем притисок врз и онака веќе оптоварените болници и здравствени установи. Уште повеќе загрижува фактот што имунитетот што се постигнува преку вакцинацијата или претходна изложеност на ковид-19 може да не штити од новите мутации. Ширењето на британската мутација на ковид-19 во САД покажува дека вирусот се адаптира на начин што станува позаразен и предизвикува потешка форма на болеста. Додека вирусот се шири насекаде во светот, никој не е безбеден од мутациите, кои може да ги направат помалку ефикасни или во краен случај неефикасни третманот и вакцините. Другите две мутации забележани во Јужна Африка и во Бразил не се шират во светот и во САД со толку брзо темпо, но може да го одложат крајот на пандемијата, да ги зголемат страдањето, хоспитализацијата, смртните случаи и економските проблеми од минатата година.

Поливалентна вакцина решение за пандемијата?

Во меѓувреме вакцините и едукацијата ќе бидат најдобриот начин за одбрана од појавата на нови смртоносни мутации на ковид-19. Но додека да пуштат корени, владите и меѓународните здравствени организации мора да воведат далекосежни системи за контрола и следење на промените на вирусот. Истражувачите веќе работат на проширување на заштитата на вакцините, со тоа што развиваат втора и трета нивна генерација што ќе бидат ефикасни за идните мутации. Така, новата генерација на поливалентни вакцини против ковид-19 ќе се бори против повеќе мутации, а веќе се цели и на изработка на една универзална вакцина. Ниту САД, ниту која било друга светска сила не можат да ја поразат пандемијата ако размислуваат самостојно. Вакцините против ковид-19 се главен елемент во националната безбедност и одбрана на САД, но за разлика од други сфери на одбрана, оваа бара заштита на странците, а не борба против нив.