Америка не може и понатаму да дејствува како доминантна воена сила во целиот свет, а Европа мора да го преземе својот дел од одбранбениот товар

Администрацијата на Доналд Трамп посочи дека може да го смени бројот на американски сили во НАТО кога се закани дека ќе повлече дел од силите од Германија и евентуално ќе ги прераспредели во Полска. Иако се чини дека Конгресот го блокираше тој чекор, оваа контроверзија во НАТО за бројноста на силите и за ангажманот нема да исчезне.
Уште од преземањето на функцијата претседател на САД, Трамп ги засили критиките за континуираниот неуспех на европските сојузници на НАТО да го исполнат договорот од 2014 година и да трошат најмалку два отсто од бруто-домашниот производ на нивните одбранбени буџети до 2021 година. Од најголемите сили, Германија е најлошиот престапник, трошејќи само 1,3 отсто од својот БДП за одбрана и не ветувајќи дека ќе ја исполни годишната цел од два отсто до 2031 година.

Администрацијата на Трамп е нападната за вршење прекумерен притисок врз европските сојузници за преземање поголема одговорност за нивната одбрана. Интензитетот на неговата реторика се смета како доказ дека американскиот интерес за НАТО се слабее, што доведува до тоа некои луѓе да се плашат дека САД дури би можеле да го „напуштат“ НАТО, или значително да ја намалат својата долгорочна стратегиска определба кон Алијансата.
Традиционалните „атлантисти“ ја напаѓаат администрацијата на Трамп поради нејзините критики. Многумина веруваат дека постојните американски воени нивоа во НАТО треба да останат стабилни за да помогнат во зачувувањето на стабилноста и дека тие се историскиот камен-темелник на Северноатлантската алијанса. Германија на Ангела Меркел мрачно имплицира дека нагонот на Вашингтон може да ја поттикне Европа кон некој нов вид неутралност.

– Само можам да кажам дека ние, Европејците, навистина мора да ја земеме нашата судбина во свои раце – секако во пријателство со САД, во пријателство со Велика Британија и како добри соседи каде и да е можно и со други земји, дури и со Русија – рече таа по состанокот со претставниците на НАТО и на Г7.
Некои критичари одат дотаму што тврдат дека актуелната администрација сака да се повлече од НАТО за да ѝ се заблагодари на Русија што наводно му помогнала на Трамп да биде избран за претседател. Примерите, како докази, вклучуваат постојани пофалби на Трамп за Владимир Путин, претходно привремено замрзнување на помошта за Украина, намалување на присуството на војската на САД во Сирија, неодамнешната покана на Трамп кон Русија да се приклучи на следниот состанок на самитот на Г7 (заедно со Австралија, Индија и Јужна Кореја), како и неодамнешните критики дека администрацијата не врши притисок врз Русија за доказите дека наводно им плаќала на талибанците да убиваат американски сили во Авганистан.

Иако реториката на Вашингтон за да изврши притисок врз сојузниците можеби е поинтензивна отколку во минатото, реалноста е дека администрацијата на Трамп исто така зазеде силни ставови и против Русија и за поддршка на НАТО, надминувајќи ги сите убави зборови на Трамп за Путин.
САД се повлекоа од договорот за нуклеарни сили со среден дострел со Русија. САД ја објавија намерата да се повлечат од Договорот за отворено небо. САД се заканија дека нема да го продолжат Договорот за стратегиско намалување на оружјето со Русија, освен ако Кина не се приклучи кон него и Русија не се согласи да ги зајакне механизмите за верификација. Трамп се закани дека ќе продолжи со нуклеарно тестирање. Трамп повика на развој на нови нуклеарни боеви глави и капацитети, потенцијално обновувајќи ја трката за нуклеарно оружје со Русија. Администрацијата продолжува да одбива да ја ограничи американската ракетна одбрана, за што Русија секогаш велеше дека дејствува дестабилизирачки.

Од изборот на Трамп за претседател, САД воведоа постојани санкции против Русија. Во првиот месец од својот мандат, Трамп воведе санкции против Русија поради анексијата на Крим. Оттогаш, тој воведе санкции против богатите руски пријатели на Путин, воведе санкции за руското мешање во избори и воведе ограничувања за енергетската и одбранбената индустрија на Русија. Всушност, во почетокот од годинава, САД воведоа нови санкции, овој пат против лица во Крим поддржани од Русија. Исто така, токму Трамп го нареди затворањето на руските дипломатски мисии во Њујорк, Сан Франциско, Сиетл и Вашингтон. Токму Трамп протера шеесет руски дипломати од САД по убиството со руски нервен гас во Британија.
Покрај директно соочување со Русија преку санкциите и откажувањето од нуклеарното разоружување, САД продолжија да покажуваат конкретна поддршка за НАТО и Европа. САД во 2018 година потпишаа договор од 4,75 милијарди долари со Полска, со што се прошири распоредувањето на ракетните одбранбени системи „патриот“, насочени против Русија.

Истата година, САД распоредија ескадрила „страјкер“ како дел од подобрената програма за присуство на НАТО, вклучувајќи и „борбена група“ на НАТО, предводена од САД. Сега, администрацијата на Трамп објави планови за приближување на американските сили од Германија до Русија, односно во Полска. Американски маринци слетаа во Норвешка како дел од маневри на НАТО.
Во однос на Украина, земја што не е ни сојузник во НАТО, администрацијата на Трамп достави околу половина милијарда долари воена помош, вклучувајќи и испорака на противтенковски ракети, нешто што администрацијата на Барак Обама одбиваше да го стори. Администрацијата исто така ѝ дозволи на Украина да ги распореди системите во Донбас, борејќи се против сепаратистите поддржани од Русија. САД продолжуваат да ги надминуваат своите сојузници во НАТО и европска поддршка во поддршката на Украина наспроти руските притисоци, учествувајќи до 90 отсто во вкупната воена помош за Украина. Исто така, САД продолжуваат да играат најголема улога во НАТО.

Реалноста е дека администрацијата на Трамп не ѝ се поклони на Русија и не го напушти НАТО. Сè што таа прави е да побара од своите сојузници да направат повеќе, како одраз на огромниот пораст на Европа во богатството и просперитетот од крајот на Втората светска војна, што беше практично пред еден век (седумдесет и осум години). Особено со подемот на Кина, очигледна е потребата од поголемо делење на товарот со Европа. Јапонија одговори на тој повик во Азија, значително зголемувајќи ги своите воени способности во последните години. САД повеќе не можат да дејствуваат како осамена, доминантна воена сила во целиот свет. Европските сојузници мора да направат повеќе за да помогнат во одржувањето на глобалната стабилност, особено во нивниот двор.

Но овие аргументи, кои повикуваат на поголемо споделување на товарот од страна на европските сојузници, се познати и разбрани. Потребен е нов императив за ребаланс во Европа. Оружјата доживуваат револуција. Базите на САД во НАТО во иднина ќе бидат поизложени на прв удар од ваквите системи. За само неколку минути, па дури и секунди, Русија би можела да изврши изненадувачки напад со проектили и беспилотни летала врз секоја американска база и седиште во Европа, во комбинација со сајбер-напади, па дури и со вселенски напади.
Овие нови закани ги принудуваат САД и нивните сојузници да седнат и да проценат како да ја реорганизираат тие својата структура на воена сила во Западна Европа за да преживеат, да ги пресретнат или да ги одвратат ваквите предизвици. Подготовката за војување со масовна пешадија и оклопни возила е подготовка за минатото, а не за иднината. Едно приспособување да се намали присуството на САД во базите во Европа, што ќе помогне да се обезбеди опстанок при ненадеен прв удар.

Враќањето на некои воени ресурси што се во странство би можело да им олесни на САД да одговорат и да се спротивстават на изненадувачки ракетен напад, напад со беспилотни летала или на сајбер-напад врз НАТО во Европа. Не само што сите сојузници на НАТО треба да ги исполнат своите обврски од два отсто, тие, уште поважно, треба да коалицираат на заедничка стратегија за одбрана, која ќе ги реши овие нови воени предизвици. Задржувањето големи оперативни бази во Европа може да стане луксуз што САД и нејзините сојузници веќе не можат да си го дозволат. Можеби голема закана нема да бидат тенковите, туку новите хиперсонични оружја на Русија, кои за миг може да стигнат до која било американска напредна база во Европа. Војската на САД мора да се подготви за понепријателска иднина. Ако не го стори тоа, тогаш американските сили стационирани во Европа ризикуваат да бидат цел на нов вид блицкриг.

Авторот е пензиониран њујоршки адвокат