Најголем приоритет е да се спречи опасноста од војна меѓу Русија и САД, посочи рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја. Американски Стратфор ги анализира ризиците за САД ако решат да интервенираат во Сирија, каде што има руски и ирански сили. Опасностите се многубројни и долгорочни и варираат од загуба на опрема и војници до директен конфликт со Русија, нагласуваат аналитичарите на Стратфор

Русија одново предупреди за можен директен судир со САД ако Вашингтон реши воено да интервенира во Сирија како одговор на наводниот хемиски напад минатиот викенд во Дума. Најголем и најитен приоритет е да се спречи опасноста од војна, нагласи рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја, обвинувајќи ги САД дека го доведуваат во опасност меѓународниот мир. Небензја го повика Советот за безбедност одново да се состане и да разговара за можната западна воена интервенција во Сирија. Тој посочи дека засега не можат да се исклучат сите опции и дека постои „зголемена опасност од ескалација“ поради руското воено присуство во Сирија, пренесува Би-би-си. Повеќе високи руски воени и политички претставници изминатава недела предупредуваа дека Москва ќе ги уништи американските ракети и локациите од каде што се лансирани ако САД решат да ја нападнат Сирија.

Американскиот претседател Доналд Трамп прво најави дека многу брзо ќе полетаат „убави, нови и паметни“ ракети кон Сирија, но потоа ја ублажи заканата, посочувајќи дека никогаш не кажал кога точно ќе биде извршен евентуалниот напад. И додека Франција тврди дека има докази дека хемискиот напад го извршиле силите на Башар ал Асад, американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис посочи дека САД сѐ уште бараат докази кој точно го извршил нападот, додавајќи дека САД најмногу се загрижени доколку евентуалниот воен одговор „ескалира надвор од контрола“. Експертите на американската компанија за геополитички анализи Стратфор сметаат дека САД формираат воена коалиција против Сирија, која може да спроведе поширока операција од ланските американски напади, но нема да ги промени линиите на фронтот.

Како и лани, САД во сите можни операции ќе настојуваат да избегнат руски жртви и да го намалат ризикот од уште поголема ескалација, па и директен судир со Москва, прогнозираат од Стратфор Според најавите од Вашингтон, главната цел на евентуалната операција против Сирија ќе биде спречување понатамошна употреба на хемиско оружје, како во случајот со ланскиот напад во април, кога САД истрелаа „томахавки“ кон сириските воени капацитети. Сепак, операцијата против Сирија предводена од САД овој пат би била многу поопсежна и нејзина цел ќе биде да ја ослаби способноста на сириската влада да извршува идни напади со хемиско оружје. Но дури и со поддршка на коалицијата и со поголем операциски опсег, истите фактори што ги спречија САД лани во април, ќе ја испречат и сегашната воената операција, нагласува Стратфор.

Според неговите аналитичари, постојат неколку важни разлики од лани и сега. Лани во април, САД дејствуваа сами кога ги лансираа крстосувачките ракети кон сириската воздушна база „Ал Шајрат“ од која се сметаше дека наводно почнал нападот со сарин врз градот Хан Шејхун. Овој пат, поширока операција би вклучувала повеќе напади за неколку дена и ќе биде потребно да се вклучат поголем број сили, најверојатно од Франција и од Британија како членки на коалицијата. Можно е Саудиска Арабија, Катар или Обединетите Арапски Емирати да ги понудат своите капацитети за помош. На подолгорочен план, една или сите овие држави можат и воено да се вклучат. Катарскиот емир беше во посета на Белата куќа на 10 април. Со вклучувањето на Катар во коалицијата и членовите на Советот за соработка во Заливот има шанса да се формира ограничена воена соработка меѓу скараните држави во Советот.

Во операцијата може да биде опфатена и воздушната база „Ал Шајрат“ со намера да се уништат капацитетите на сириската влада за употреба на хемиско оружје. Францускиот претседател Емануел Макрон ја зголеми можноста за спроведување поширока операција кога изјави дека Франција има докази дека е извршен хемиски напад и дека во операцијата ќе цели кон сириските хемиски капацитети. Новите напади може да ги вклучуваат воздушните бази „Думеир“, „Марџ рухаил“ и „Мезех“ околу Дамаск, кои одиграа главна улога во владината офанзива во источна Гута. Тие исто така можат да вклучат и разни други локации, кои се поврзуваат со сириската програма за хемиско оружје. Поради тоа што коалициските напади можат да вклучат разни цели, Стратфор ги анализира дополнителните распоредувања на американски и сојузнички сили на Блискиот Исток.

Регионално, најголемите бази што најверојатно ќе бидат вклучени во операцијата против Сирија се американската база во Ал-удеид во Катар и британските воени бази на Кипар. Зголемената воена активност на овие локации може да укаже на обемот на претстојниот напад. Пошироката поставеност на целите ќе бара вклучување бази и обезбедување пристап за напади од Турција, Јордан и од Ирак за кои ќе биде потребно да се преговара за добивање дозвола. Иако САД веќе преговараат со Ирак околу прашањето за можен напад, поради блиските врски на Багдад со Иран, државата може да не им дозволи на САД и на нивните партнери да го користат воздушниот простор на Ирак. Потребата на Ирак да ја одржува рамнотежата во интересите со Иран и со САД беше јасна по ланскиот напад на Хан Шејхун, кога ирачката влада ја осуди употребата на хемиско оружје врз сириските граѓани, но се сомневаше во вмешаноста на Дамаск.

Поширок напад исто така би значел вклучување на повеќе капацитети, како што се носачите на авиони од САД. Американскиот носач „Хари С. Труман“ и неговата ударна група бродови веќе испловија од Норфолк, Вирџинија и итаат кон Сирија, додека носачот „Теодор Рузвелт“ и неговата флота можат да бидат пренасочени од Пацификот. Носачот „Хари С. Труман“ ќе пристигне за една недела во Средоземно Море. Колку е поширока офанзивата против Сирија, толку е поголем ризикот за судир со руските сили во државата. Политичките последици од можни руски жртви во американски предводените напади ќе зависи од тоа дали загинатите Руси се припадници на армијата или платеници. Платеници веќе загинаа при директна американска акција во Сирија, што имаше минимални последици, па останува отворено прашањето како Русија би реагирала ако припадници на нејзината војска загинат во американски предводената офанзива.

САД можат да се обидат да го избегнат ризикот, како што направија лани во април со тоа што ја предупредија Русија за претстојните напади. Руското присуство во Сирија, кое генерално е концентрирано во Тартус, Латакија и Дамаск, исто така ги ограничува американските опции за точна поставеност на целите. Поширока офанзива би го зголемила ризикот од судир со руските сили. За разлика од тоа, напад на иранските сили во Сирија би имал помали последици за САД. Доказ за тоа беше кога на 8 април Израел изврши напад на воздушната база Т4 во Сирија, во кој загинаа неколку Иранци, а Техеран не го возврати ударот. Во дипломатската сфера, САД веќе побараа Организацијата за забрана на хемиското оружје да го истражи најновиот напад. Организацијата најави дека ќе испрати истражувачки тим во Дума (Русија и Сирија соработуваат), но како што беше јасно лани, спроведувањето на истрагата не значи дека ќе се одложи воената акција.

Колку подолго трае секаква можна операција, толку е поголема веројатноста дека во игра ќе се вклучат и политичките ограничувања. Конечно, опсегот на можни воени одговори на САД во Сирија се разликуваат во однос на преземаниот ризик, но тој претставува неизоставен дел од нив. Опасностите се многубројни и долгорочни и варираат од загуба на опрема и војници, до предизвикување директен конфликт со Русија, нагласува Стратфор. Дури и под претпоставка дека е извршен беспрекорен напад со мала или речиси никаква колатерална штета, несомнено тој ќе има последици по американските операции во Сирија. Едноставно, не постои лесна воена опција во Сирија, па дури и најдобро спроведената операција неизбежно ќе доведе до ескалација и зголемување на факторите за погрешна процена, кои веќе се присутни во ваков екстремно сложен конфликт.