Антиамерикански протести во Техеран

САД во воздушен напад го убија вториот најмоќен човек во Иран, а Техеран веднаш најави жестока одмазда. Најновата ескалација опасно ги приближува двете земји до директен воен судир со тешки регионални и глобални последици, предупредуваат експертите

Иранските лидери вчера повикаа на жестока одмазда против САД поради убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани во американски напад со беспилотно летало, одобрен од претседателот Доналд Трамп. Убиството на иранскиот генерал драматично ги зголемува шансите за директен воен судир меѓу САД и Иран, чии односи веќе се на најниско ниво по едностраното повлекување САД од иранскиот нуклеарен договор и воведувањето санкции против Техеран, предупредија експертите. Двете страни досега индиректно се судираа преку нивните сојузници на боиштата на Блискиот Исток и смртта на генералот може да има домино-ефект врз многу земји во регионот во кој двете страни водат битки за влијание.

Генералот Сулејмани беше командант на моќните единици Кудс во Револуционерната гарда на Исламската Република и се сметаше за архитект на речиси секоја поважна операција на иранските воено-разузнавачки сили во изминатите две децении. Тој се сметаше за главен заштитник на сирискиот претседател Башар ал Асад од почетокот на конфликтот во земјата. За многумина во западните агенции, Сулејмани беше втор човек во Иран, веднаш зад иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хаменеи.

Нападот е извршен со американски дрон „ем-кју-9 рипер“, кој истрелал проектили врз конвојот возила што го напуштале меѓународниот аеродром во Багдад. Во нападот се убиени и неколку претставници на ирачките паравојски поддржани од Техеран.
– Целта на нападот беше да се спречат идни ирански планови за напади. Генералот Сулејмани активно подготвуваше планови за напади врз американски дипломати и сили во Ирак и во регионот. Генералот Сулејмани и неговите сили Кудс се одговорни се смртта на стотици американски и коалициски сили, како и за ранувањето на илјадници други – се вели во соопштението на Пентагон.

Со убиството на Сулејмани, Трамп направи потег што одбиваа да го направат неговите претходници, Џорџ Буш и Барак Обама, стравувајќи дека такво нешто ќе доведе до војна меѓу САД и Иран. Многу републиканци изјавија дека убиството врз иранскиот генерал е оправдано, додека други сметаат дека нападот претставува непресметана еднострана ескалација што може да има драстични и непредвидливи насилни последици врз Блискиот Исток. Трети, пак, го поставија прашањето зошто Трамп решил да го убие вториот најмоќен човек во Иран без одобрување од Конгресот, знаејќи дека тоа може да доведе до „огромна потенцијална регионална војна“. Самиот Трамп претходно изјави дека не сакал војна против Иран, а вчера на Твитер објави дека Иран никогаш не победил во војна, но не загубил во преговори.

– Од иранска перспектива, тешко може да се замисли попровокативен намерен чин. Тешко може да се замисли Иран да не се одмазди на агресивен начин. Без разлика дали имало или немало намера, потегот на Трамп практично претставува објава на војна – предупреди Роберт Мали од Меѓународната кризна група.

Касим Сулејмани

Убиството на Сулејмани е драматична ескалација во најновите тензии меѓу САД и Иран, кои почнаа со ракетен напад врз ирачка воена база, за кој се верува дека е извршен од паравојски поддржани од Техеран. САД се одмаздија со воздушни напади против паравојските поддржани од Иран, во кои беа убиени 24 лица. Нападите предизвикаа критики дека САД го повредиле ирачкиот суверенитет, по што Ирачани упаднаа во амбасадата на САД во земјата. Американскиот претседател Трамп по упадот нареди испраќање на уште 750 американски војници во регионот, а потоа и ликвидација на иранскиот генерал. Стејт департментот во меѓувреме ги повика сите американски државјани веднаш да го напуштат Ирак. Американски функционери предупредија на можни ирански одмазднички напади во регионот, вклучувајќи и сајбер-напади и терористички напади, против интересите на САД и на нивните сојузници.

Масовни протести избија по петочните молитви во Иран, додека властите одржаа низа средби за да ги разгледаат опциите за одмазда на смртта на генералот Сулејмани. Во Ирак, пак, премиерот Адел Абдул Махди го прогласи за херој иранскиот генерал Сулејмани, а неговото убиство го оцени како напад врз националниот суверенитет и достоинство.

Американските сојузници претпазливо реагираа на нападите, повикувајќи на деескалација на состојбите. Русија и Кина исто така предупредија на зголемување на тензиите по убиството на генералот и побараа од сите страни да покажат воздржаност, „а особено од САД“.


Скокнаа цените на нафтата

Цените на нафтата на светските берзи веднаш се зголемија по веста за убиството на иранскиот генерал Сулејмани во американски воздушен напад на меѓународниот аеродром во Багдад. Фјучерсите за нафтата „брент“ во петокот скокнаа 4,3 отсто на 69,09 долари за барел. Убиството на моќниот ирански генерал се очекува дополнително да ги зголеми тензиите на Блискиот Исток, каде што се лоцирани најголемите производители на нафта и се испреплетуваат клучните маршрути за испорака на енергентот.
Цените на нафтата во септември скокнаа за 14 отсто по координирани напади врз клучни саудиски нафтени капацитети, по што дневните глобални испораки на црното злато беа намалени за пет отсто. САД тогаш го обвинија Иран за нападите, но цените се намалија откако Саудиска Арабија објави дека кралството ќе се потпре на резервите за да ги стабилизира испораките. Иран негираше вмешаност, а на Саудиска Арабија ѝ беа потребни 11 дена за да го врати производството на претходните нивоа, јави Си-ен-ен.


Заеднички воени вежби на Иран, Кина и на Русија

Кина, Иран и Русија одржуваат заеднички поморски воени вежби во Индиски Океан и во Оманскиот Залив, објави кинеското министерство за одбрана во четвртокот по засилените тензии во регионот меѓу Иран и САД, но пред убиството на иранскиот генерал. Вежбите се очекуваше да почнат во петокот, а би требало да завршат в понеделник.
Кина ќе испрати разурнувач на вежбите, кои би требало да ја зајакнат соработката меѓу морнариците на трите земји, соопшти официјален Пекинг, додавајќи дека вежбите се „нормална воена размена“ меѓу три вооружени сили и дека се во согласност со меѓународното право. Кинеските власти нагласуваат дека вежбите „не се неопходно поврзани со ситуацијата во регионот“. Оманскиот Залив е особено чувствителен проток зашто се поврзува со Ормутскиот Теснец, низ кој минува една петтина од светската нафта, кој, пак, се поврзува со Персискиот Залив. Кина има блиски односи со Иран, но и блиски односи со иранскиот регионален ривал, Саудиска Арабија. Кинескиот претседател Си Џинпинг се очекува годинава да ја посети Саудиска Арабија, која ќе биде домаќин на самитот на Г20.