„Јуриј Долгоруки“ во акција: руската морнарица планира да набави десет такви подморници до 2020 г.

Русија ја проширува Северната флота на Колскиот Полуостров и го зајакнува своето присуство на Арктикот, додека Британија и САД најавуваат дека ќе сторат сѐ за да ја спречат руската доминација на северот.

Русија гради нови бази и ги обновува застарените од времето на бившиот Советски Сојуз, а истовремено ги зголемува капацитетите за складирање крстосувачки и балистички проектили што се лансираат од подморници.

Истовремено, САД и Британија упатуваат разни предупредувања до Москва.
– Тоа не е ничие езеро. Мора да има слободен и фер-пристап за сите земји од Арктичкиот совет, а ние сме негови членки – изјави за „Вашингтон егзаминер“ адмиралот Џејмс Фого, командантот на американските поморски сили во Европа и во Африка и на Командата на здружените сили во Неапол.

Британскиот секретар за одбрана Гавин Вилијамсон исто така се приклучи на предупредувањата кон Русија, нагласувајќи дека Британија будно ќе ги следи случувањата на Арктикот.

– Ќе ги зголемиме нашите вештини во услови под нулата, ќе учиме од долгогодишните сојузници како Норвешка и ќе ги следиме заканите од подморниците со нашиот авион „Посејдон“ – нагласи британскиот секретар.

Предупредувањата од САД и од Британија доаѓаат по соопштението од норвешките разузнавачки служби на 11 февруари дека Русија лани на воени вежби симулирала напад врз норвешката радарска станица кај Вардо. Директорот на службите, генерал-потполковник Мортен Хага Лунде, изјави дека симулираниот напад бил извршен во февруари 2018 година. Норвешките служби исто така ја критикуваа Русија зашто ги блокира ГПС-сигналите за време на воената вежба „Здружен трозабец“ на НАТО во октомври и во ноември.