Растат вселенските амбиции на Блискиот Исток


Марина Корен

Малку луѓе може да именуваат арапски астронаут или научник, па дури и во арапските земји

Пред повеќе од илјада години, исламски научници и мислители почнаа возбудлив период на научни истражувања. Тие преведоа дела за астрономија од грчки и санскрит на арапски јазик и ги искористија за да развијат сопствени методи за набљудување на мистериозните небесни тела што трепкаат навечер. Тие го забележаа движењето на Сонцето и Месечината. Потоа, тие го пресметаа дијаметарот на Земјата и планетите што може да се видат од површината и размислуваа за нивното место во универзумот. Сепак, овие историски достигнувања како да ги фрлаат во сенка сегашните вселенски напори на земјите од арапскиот свет. Професорот Јорг Матијас Дитермен, кој предава на Комон јуниверзити скул оф артс во Катар, истакнува дека историјата ги памти големите средновековни арапски астрономи, но малку ги забележува поскорешните и сегашните научници. Дитерман оценува дека постои мала свест за научниците во арапскиот свет, истакнувајќи дека на повеќето луѓе „ќе им текне на името на некој арапски терорист, но не и на арапски научник“. Во својата најнова книга „Вселенска наука и арапскиот свет: астронаути, опсерватории и национализмот на Блискиот Исток“, тој се обидува да ја смени ваквата перцепција. Дитерман дава еден добар хронолошки преглед на работата и достигнувањата на различни научници и астрономи во регионот, почнувајќи од првата формална вселенска опсерваторија на крајот од 19 век, па сѐ до плановите за мисија на Марс во 2020 година. Во продолжение следува интервју со Дитерман за магазинот „Атлантик“.

Што ве натера да ја напуштите златната доба и да се фокусирате на модерните вселенски истражувања на Блискиот Исток?
– Сметам дека модерната астрономија и вселенската наука во арапскиот свет, истражувања какви што постојат од 1800 година, се многу малку истражувано поле, во споредба со сите истражувања што ги имаме за средновековната и предмодерната арапска и исламска наука. Долго време преовладуваше идејата дека науката е една работа што се движи низ историјата и дека Арапите имаа улога во таа историја само до одредена точка. Затоа, имаме многу книги што се фокусираат на улогата на средновековните арапски и муслимански мислители, кои го зачувуваат, преведуваат, модификуваат и развиваат грчкото и персиското знаење, потоа имаме многу истражувања за тоа како ова знаење потоа е префрлено на почетокот од модерна Европа. Во согласност со овие наративи, исто како што имаше научна револуција на Западот, во Европа, со Галилео и Исак Њутон, така има и крај на златната доба во арапскиот и муслимански свет. Ваквото размислување е многу проблематично.

Зошто?
– Би рекол дека тоа не е само западно размислување. Тоа исто така е размислување што постои и во самиот арапски свет. Опасно е да се биде преносталгичен за науката што се случи во арапскиот и муслиманскиот свет пред илјада години. Тоа само потхранува една многу назадна перспектива. Арапите може да си помислат дека пред илјада години ја имавме оваа златна доба, кога нашата наука беше супериорна, кога нашата наука беше најдобра на светот. Што тргна наопаку? Можеби треба да се навратиме на тоа каков беше исламот пред сто години, можеби треба да се навратиме на тоа какво беше нашето општество пред илјада години. Ваквото пренагласување на златната доба дури може и да придонесе за фундаментализмот, за салафизмот, за минатите верзии на исламот. Затоа сакав да видам какви арапски научници, астронаути и астрономи денес постојат во светот.

Како модерните астрономи гледаат на нивните средновековни претходници?
– Оваа идеја за златната доба е моќен дел од нивното наследство и, исто како и кое било друго наследство, може да се мобилизира за одредени цели. Може да се искористи за да се убеди владата да троши пари на вселенски истражувања и астрономија, кои се скапи, и научниците мора да ги убедат политичарите во своите земји зошто владата треба да потроши милиони и милијарди долари за нов вселенски телескоп, наместо на патишта, болници, училишта или воена опрема.

Според вас, каде почнува модерната приказна за вселенската наука на Блискиот Исток?
– Таа почнува во 19 век, со овој нов, хелицоентричен поглед на универзумот, кога сѐ повеќе и повеќе западни истражувања почнаа да се преведуваат на арапски. Таа почнува со формирањето на првите модерни опсерватории и телескопи, како што е опсерваторијата на Сирискиот протестантски колеџ, институцијата што подоцна ќе биде преименувана во Американски универзитет во Бејрут, основан во 1870-тите години.

Ако преминеме на наредниот век, вие многу пишувате за Фарук ел Баз, египетскиот вселенски научник, кој во 1970-тите работеше беше советник на египетскиот претседател и директор на Воздушниот и вселенски Смитсонијан музеј во Вашингтон? Како Ел Баз ги поврза тие два света?
– Фарук ел Баз можеби е еден од најпознатите арапски вселенски научници. Тој на почетокот не беше астроном. Тој беше обучен за геолог, и во Египет и во САД, па така имаше пристап до образовните системи во двете земји. По докторските студии во САД, и постдокторските студии во Германија, тој се обиде да живее во Египет, но почувствува дека земјата тогаш не му ги понуди можностите за неговите големи амбиции. Затоа емигрираше во САД и се вклучи во вселенската програма Аполо, која бараше геолози што ќе помогнат во истражувањето на Месечевата површина и потенцијалните места за слетувања. Тој стана важна личност во истражувањето на Месечевата површина и обуката на астронаутите од Аполо што слетаа на Месечината. Иако, како и многумина Арапи, Ел Баз се соочуваше со дискриминација, тој беше многу паметен и работеше многу.

Изгледа дека е сличен случајот и со Султан бин Салман, првиот саудиски астронаут. Додека Салман се подготвуваше за летот на спејс-шатлот, НАСА донесе луѓе од „Арамко“, нафтената компанија што имаше канцеларија во близина во Хјустон, за да спроведе еднодневен курс по арапска култура за астронаутите од НАСА. Зошто претставниците на НАСА сметаа дека тоа е потребно?
– Во тоа време, просечниот Американец, вклучувајќи го и најверојатно просечниот американски астронаут, многу малку знаеја за Саудиска Арабија. Кога луѓето ќе чуеја за Саудиска Арабија, најверојатно прво ќе им текнеше на Лоренс од Арабија, на камили и песок, на султани, принцови и шеици. Многумина Американци не знаеја што да прават со саудиски астронаут. Каков човек ќе биде и како ќе го интегрирате како член на екипажот за спејс-шатл? На крајот испадна дека овој саудиски принц, како и поголем дел од тогашната саудиска елита, веќе е доста американизиран. Тој студираше во Америка.

Ја споменавте осудата, фатва, од исламските мислители во 2014 година, која забранува мисија во еден правец за Марс, доколку шансите за смрт се големи. Како некои од потрадиционалните вредности на исламот, кои самоубиството го сметаат за грев, коегзистираат со истражувањето на вселената, кое може да биде смртоносно?
– Модерната биоетика сѐ уште се развива во арапскиот свет. Некои луѓе во муслиманскиот свет, како што луѓето што ја издадоа оваа фатва, би имале голем проблем со самоубиството или можното самоубиство. Се разбира, тоа е важи за секоја религиозна група што има посебен акцент на вредноста на човечкиот живот. Тоа не е нешто специфично само за исламот.
И тоа не ги запре муслиманските земји да работат на мисиите за Марс.
Во случајот со Обединетите Арапски Емирати, националните, политичките и економските амбиции триумфираа над овие исламски грижи за мисиите на Марс. ОАЕ можеби ги има најамбициозните планирани мисии за Марс во регионот. Предвидено е во 2020 година да биде лансирана мисија кон Марс, да се испрати орбитер што би ја истражил атмосферата на Марс. Потоа тука е и проектот „Марс 2117“, со кој ОАЕ планираат за сто години да изградат цел град на Марс.