Фактите велат дека сите делиме речиси иста ДНК и дека нема „чиста раса“

Има многу стереотипи и митови за расите, но тоа не ги прави вистински. Расистичките митови најдобро се уриваат со научни докази и со факти

Многу добронамерни луѓе искуството и културната историја ги насочуваат кон погледи што не се поддржани од човечката генетика. Такви се, на пример, претпоставките дека учениците од Источна Азија се природно подобри во математика, црномурестите имаат подобар природен ритам или Евреите добро стојат со парите. Многумина од нас познаваат некој што размислува вака.
Д-р Адам Радерфорд, генетичар и презентер на Би-би-си, вели дека „расизмот денес во јавноста се изразува отворено многу повеќе отколку во кое било време досега и наша должност е тоа да го оспориме со факти“. Токму петте најчести расистички митови може да се урнат со наука и со факти.

1. Белците и црнците имаат различна ДНК. Главниот пигмент во човечката кожа е меланинот. Се користи за да нè заштити од сонцето. Тој ги апсорбира ултравиолетовите зраци од сонцето пред да можат да го уништат фолатот, еден од клучните витамини на организмот. Многу гени се вклучени во биохемиските патеки што резултираат со производство на меланин. Природната варијација во рамките на овие гени е основната причина за спектарот на тоновите на кожата што ги имаат луѓето. Значи, најголемата генетска разлика во човечката раса е меѓу белите и црните, нели? Погрешно Прво, сите луѓе ја делат речиси целата иста ДНК, факт што ги изневерува сите наши неодамнешни претпоставки дека имаме потекло од Африка. Второ, има поголема генетска разновидност на африканскиот континент отколку во остатокот од светот заедно. Две лица од различни племиња во Јужна Африка ќе бидат генетски поразлични едни од други отколку луѓето од Шри Ланка или од Русија. Ние може да ги категоризираме луѓето како бели, црни или кафени, но овие визуелни варијации не ги одразуваат точно генетските разлики, поточно сличностите меѓу нас.

2. Постои чиста раса. Ние мислиме на одредени области, земји или народи како изолирани физички или културни единки и дека овие граници се несовладливи. Но ова не е она што ни го кажуваат ниту историјата ниту генетиката,. Всушност, ниту една нација не е статична.
– Луѓето низ историјата се движеле низ целиот свет и имале секс секогаш и каде и да можеле – вели Радерфорд.
Понекогаш овие се големи чекори за кратко време. Почесто, луѓето се главно статични во текот на неколку генерации, а тоа може да се чувствува како географско и културно сидро.
– Како и да е, секој нацист има еврејски предци. Секој бел расист има предци на Блискиот Исток. Секој расист има африкански, индиски, источноазиски предци, како и сите други. Чистата раса е бесмислица и фантазија. За луѓето, нема чиста крв – вели тој.

3. Германија е на Германците, а Турција е на Турците. Некои луѓе многу се вознемируваат во врска со мигрантите и бегалците што доаѓаат во нивните земји, феномен што во последно време се доживеа на многу места низ целиот свет. Меѓу неодамнешните примери е оној од минатиот месец, со пукањето што се случи во бар во Ханау, Германија, инцидент што беше мотивиран од екстремно десничарска групација, која се залага за протерување и убивање на мигрантите. Оние од крајната десница веќе долго време го изразуваат гневот во форма на фразите: „Германија е на Германците“, „Франција е на Французите“, „Турција е на Турците“ и „Италија е на Италијанците“. Сите се користени како антиимиграциски фрази од екстремно десничарските групи. „Врати се од каде што си дошол“ е навредливата фраза што се резонира низ целиот свет. За волја на вистината, земји како Германија, Франција, Турција и Италија имаат имиграција низ целата своја историја. Всушност, речиси како што има насекаде. Значи, кога политичките партии или некои од расистите велат дека Франција е на Французите или Италија е на Италијанците и зборуваат за „автохтони граѓани“, нејасно е на кого всушност мислат.

4. Со генеалошки тест може да се докаже дека некој е стоотстотен белец. Генеалогијата и потеклото нè фасцинираат, а особено расистите. Веб-страниците како „Стормфроуд“ најмногу ги посетуваат белите националисти, нацисти и антисемити што заговараат теории за негирање на холокаустот и се опседнати со генетиката на населението.
Тие најчесто користат обични тестови за генеалогија, како што ги нуди ДНК-тестирањето. Тие користат тестови за генеалогија за да „докажат“ дека се сто отсто бели или дека не се Евреи. Сепак, логиката има недостатоци. ДНК-анализата може да ви каже некои интересни работи за семејната историја, а тоа е многу корисно за идентификување на блиско биолошко семејство, како изгубени браќа и сестри или биолошки родители, но нејзината доверливост е длабоко ограничена и различна од фундаменталната биологија. Со текот на времето, на потомците почнува да им исчезнува ДНК од нивните вистински предци, а количеството што се губи низ генерациите е огромно. Тоа значи дека вие носите ДНК само од половината од вашите предци, кои датираат околу единаесет генерации наназад. Значи дека вие како личност сте генетски поврзани со вашите предци што живееле не порано од 18 век.

5. Црнците трчаат подобро од белците. Последниот белец што се натпреваруваше на олимпијадите во финалињата на 100 метри беше во 1980 година. Оттогаш, црните спортисти доминираа во модерната ера на спринтот. Ова го поттикна вообичаеното верување дека луѓето со африканско потекло имаат предност во спортот поради нивното генетско потекло.
– Можеби има веројатност во предвидувања што би можеле да се направат во врска со спортските успеси базирани на генетиката, но тие во најдобар случај би биле слаби – вели Радерфорд.
Всушност, генетиката во спортскиот успех е многу сложена. Според Радерфорд, постојат огромен број фактори во физиологијата на физичката активност, вклучувајќи ги и големината на срцето, ефикасноста со која апсорбирате кислород и мускулното закрепнување. Овие се релативно добро разбрани феномени што имаат генетска основа. Но постојат и многу други физички карактеристики, како што се флексибилноста и координацијата, кои се помалку разбрани. Сепак, многу студии укажуваат дека генетиката не се усогласува со расните стереотипи во спортот.