Откако на необврзувачкиот договор за спречување на уништувањето на шумите до 2030 година му се приклучија 120 земји на Климатскиот самит во Глазгов минатата недела, забелешките на официјални лица од клучните земји изразија сомнежи за нивната подготвеност да го спроведат планот. Како што се забележува во податоците на Глобалниот преглед на шумите на Светскиот институт за ресурси, Индонезија беше означена како четврта земја каде што беше загубен најголем дел од примарната шума во светот во 2020 година, со над 270.000 хектари, веднаш зад Боливија, Демократска Република Конго (ДРК) и Бразил. Слични измешани пораки испрати Малезија, која првично одби да го потпише пактот пред да изјави дека сепак ќе му се приклучи, но не соопшти кога. Двете држави се дом на моќната индустрија за производство на палмино масло и се познати по сечењето на шумите за одгледување токму на тоа растение. Малезија загуби 73.000 хектари примарна шума лани, поради што се најде на деветтото место. Во Југоисточна Азија се наоѓаат речиси 15 отсто од светските тропски шуми.