Асанж, кој стравува од екстрадиција во САД, од 2012 година се крие во еквадорската амбасада во Лондон

Веста дека против Џулијан Асанж е подигнато обвинение во САД претставува страшен преседан за медиумите, но и потсетник за драматичната трансформација на неговата организација „Викиликс“

Пред основачот на „Викиликс“ да стане меѓународен бегалец, тој раководеше со малку забележлив експеримент за радикалната транспарентност. На почетокот на 21 век, неговиот тогаш непознат веб-сајт Викиликс генерално се занимаваше со објавување мали делови на инаку приватни документи на една швајцарска банка, па и мејлови на Сара Пејлин.

Потоа во 2010 година, „Викиликс“ објави снимка во која се прикажа како американски војници убиваат можеби десетина Ирачани, вклучувајќи и двајца новинари на Ројтерс. Видеоснимката ѝ донесе пофалби на организацијата од граѓанските активисти и застапниците на транспарентноста, но предизвика срам кај американската војска и други институции. Кратко по објавувањето, „Викиликс“ го обелодени најобемниот материјал на тајни документи како дипломатски депеши, воени документи од кои повеќето се однесуваа на војните во Ирак и во Авганистан. Ако Викиликс почна како еден веб-сајт што ја разгоруваше љубопитноста кога беше основан во 2006 година, четири години подоцна, претставниците од службата за национална безбедност на САД јавно го претставија како закана.

Сега изгледа дека американската влада се подготвува за најдиректната акција против Асанж. Американските медиуми минатата недела открија дека против Асанж во САД е подигнато тајно обвинение за неодредени дела. Асанж, кој живее во еквадорската амбасада во Лондон од 2012 година за да избегне екстрадиција во Шведска поради неповрзаната и сега веќе отфрлена истрага за силување, одамна стравува дека САД ќе сакаат да го обвинат и веројатно да го екстрадираат ако некогаш го напушти засолништето.

Откритието даде нов пресврт во сагата за организацијата, која, откако се прослави во 2010 година, стана озлогласена во 2016 година поради нејзината улога во објавувањето на хакираните мејлови, наводно добиени од руските разузнавачки агенции, во обидот да се влијае врз американските претседателски избори. Денес приказната за „Викиликс“ не е само за линијата меѓу транспарентноста и безбедноста, туку за прашањето од кога објавувањето податоци стана информациска војна.

Видеоснимката од убивањето на Ирачаните, неофицијално насловено како „колатерално убиство“, се појави на веб-сајтот на Викиликс пролетта во 2010 година. Видеоснимката е направена од хеликоптер и се гледа дека во 2007 година, една единица отворила оган врз Ирачани што шетале по улица во едно предградие на Багдад и притоа загинале десетина лица, вклучувајќи двајца новинари на Ројтерс, бидејќи мислеле дека камерите им се оружје.

По бурните реакции од објавувањето на видеоснимката, армијата изјави дека го истражувала инцидентот во 2007 година и открила дека убиствата биле ненамерни. Таа ги во обвини „Викиликс“ за прикажувањето, нагласувајќи дека во монтирањето биле изоставени борбите што се одвивале во истата населба тој ден, па така изгледало како убиствата ненадејно да се случиле. Ирачаните во видеоснимката не биле дел од насилствата и случајно се шетале по улицата. Сепак, точно беше дека во нападот на американската војска загинаа двајца новинари и таа во почетокот лажно го претстави нивното убиство како последица на тековната непријателска акција.

Ретроспективно, овој момент покажува дека „Викиликс“ се промени низ годините.
– Порано „Викиликс“ имаше поедноставна цел. Навидум беше нешто блиско до она што беше неговата надворешна реторика, односно информациски медиум за тајни документи – вели новинарот Клинт Хендлер.

Истата година подоцна беа објавени дипломатските депеши и воените документи за војните во Ирак и во Авганистан со што се зацементира местото на „Викиликс“ во американската историја како канал за тогашното најголемо протекување на доверливи државни податоци.

Тензијата меѓу службите за национална безбедност и правото на јавноста да биде точно информирана беше одамна позната и датираше уште од познатиот случај со документите на Пентагон од 1970-тите, кога едно лице јавно објави низа документи за американската вмешаност во Виетнамската војна. Но новата технологија и новите капацитети овозможија одеднаш да се украдат огромен број податоци и ја усложнија дебатата, која останува нерешена.

Правното прашање е еднакво тешко. Истата година кога „Викиликс“ ја објави видеоснимката, Челзи Менинг, лицето од доверба на објавувачот, им се предаде на властите. Таа требаше да отслужи седум години во затвор за прибирање на информациите заедно со депешите и воените документи. Администрацијата на Барак Обама и сега на Доналд Трамп жестоко ги гонат објавувачите и покрај тоа што новинарите и другите предупредуваат за последиците по нивната способност да известуваат за настани од јавен интерес.
Во меѓувреме, „Викиликс“ беше обвинет дека се претворил во нешто многу пострашно од само еден обичен објавувач на податоци, без разлика колку и да се непријатни, па дури и опасни, темите со кои се занимава. Поради улогата во објавувањето на хакираните мејлови што руските разузнавачки служби ги украдоа од Националниот демократски комитет (ДНК), тогашниот директор на ЦИА, Мајк Помпео, во 2017 година за „Викиликс“ рече дека се претворил во агент на „непријателски разузнавачки служби“.

Во таа афера излезе дека многу од објавените документи се автентични записи од вистински расправии во ДНК за однесувањето на Берни Сандерс и Хилари Клинтон во прелиминарните избори во 2016 година. Сепак, дури и вистинската информација може да претстави погрешна слика: објавувањето огромни количества информации за сметка на угледот на Клинтон, а не на Трамп, се совпаѓа со она што разузнавачката заедница го идентификува како намера на Русија да помогне во победата на Трамп.
Низ годините, заедничкото нешто што ги поврзува најголемите приказни на „Викиликс“, од „колатералните убиства“ до документите на ДНК, е дека ретко е неутрално дури и она што се смета за ублажена „транспарентност“. Изборот да се објави нешто што ќе остави последици секогаш ќе има политичко влијание. Обичната „информација“ можеби е помалку вистинита ако не постои контекст што ја користи таа информација и за која цел. Дури и еден огромен магацин на документи не ја пренесува во целост приказната.

Останува нејасно дали наводните обвиненија против Асанж се однесуваат на објавувањето на дипломатските депеши или на улогата на „Викиликс“, намерно или не, да се вклучи во руското мешање во изборите. Но Хендлер вели дека иако не постојат јасни информации за контактите што Асанж, можеби, ги имал со руската разузнавачка служба, неговата организација сè уште објавува податоци.
Од гледна точка на медиумските организации, третирањето на таквата активност како криминал би претставувало застрашувачки преседан.