Младите се шегуваат со твитовите на Трамп, но истовремено тие често ги споделуваат неговите негативни чувства кон медиумите

Доналд Трамп од првиот ден на претседателскиот мандат немилосрдно ги напаѓа медиумите, избегнува одредени новинари, медиумите ги нарекува „непријатели на американскиот народ“ и го популаризира терминот „лажни вести“ за да оцрни и веродостојни статии. Во меѓувреме, довербата на граѓаните во медиумите падна на најниско ниво досега. Според еден скорашен извештај на „Најт-Галуп“, само една третина од Американците имаат позитивен став кон медиумите.
Има сè поголем број докази дека ваквиот скептицизам, засилен од немилосрдните напади на претседателот на САД, се шири и кај следната генерација гласачи. Еден лански извештај, кој вклучува низа фокус-групи со 52 учесници на возраст меѓу 14 и 24 години, направен од „Дата енд сосаети“ и фондацијата „Најт“, откри дека многу млади Американци веруваат дека вестите се пристрасни и се сомневаат во нивната точност. Во истражувањето се наведува дека немало никаква потврда дека вестите биле веродостојни или би биле вредни за нивната доверба.

Тинејџерите особено многу се сомневаат во веродостојноста и важноста на традиционалните медиумски куќи. Во интервјуа за „Атлантик“, тинејџерите изразија голем скептицизам за точноста на информацијата во водечките медиуми, потоа ја потврдиле пристрасната карактеризација на Трамп за многу нови извори и порачаа дека жестоките твитови на претседателот станаа толку голем дел од секојдневието што прераснаа во типични жаргонски фрази.

– Не верувам дека постојат неутрални медиуми. Секој автор и уредник имаат свој личен став. Тоа што го пишуваат, дури и да е малку пристрасно, сепак е пристрасно – вели Ема Нили (19) од Тенеси.

Енџи (16) од Њујорк се согласува со неа. Таа тврди дека коментарите на Трамп им открија на луѓето дека не може да им се верува на медиумите. Таа верува дека „со целиот феномен тинејџерите станаа свесни дека пристрасноста постои и нештата не се онакви како што изгледаат на прв поглед“.

Сали (17) од Порторико вели дека научила да не им верува на медиумите и е многу разочарана од пристрасноста што ја открила во некои од медиумите што пренесувале за катастрофата од ураганот Марија. Таа вели дека медиумите „го пренесуваат она што им одговара и дека вистината не се пренесува точно“.

Социјалните медиуми им овозможија широк пристап на младите до вестите во реално време. Многу тинејџери ги следат претседателот, другите политичари, новинарите и медиумите на Твитер. Оние што не го следат Трамп велат дека се свесни за речиси сè што тој објавува на Твитер, благодарение на сликите од екранот што се објавуваат на Снепчет или на Инстаграм, каде што неговите коментари се извртени во монтажи и жаргонски фрази.

– Гледам голема промена од пред шест години. Кога почнав да работам, учениците не беа вистински заинтересирани или дури запознаени со главните проблеми. Денес, од друга страна, учениците зборуваат за актуелните настани. Веќе и деца зборуваат за актуелни настани и проблеми како да се обично тинејџерско озборување. Овие нешта станаа поважни за нив – посочува Кејтлин Карвер, наставничка по напредна програма во државното средно училиште „Вајли ист“ во Тексас.

Ова не значи дека тие сериозно го сфаќаат претседателот. Дури и тинејџерите што изјавија дека се конзервативно ориентирани, се шегувале за шокантните коментари на Трамп. Карвер изјави дека била зачудена колку брзо твитовите на Трамп се претворале во жаргонски фрази во училницата. Таа вели дека секогаш кога ќе споделела некаков „луд факт“ или нешто шокантно за учениците, некој од нив довикувал „лажни вести“ што предизвикувало смеа.

– За нас помладите на Интернет јасно е дека е крајно неодговорно од Трамп да твита, но истовремено се смееме и тоа потоа станува монтирана слика. Колку често се случува некој да напише „ти благодарам Кање, многу е јако“? Сега кога некој ќе види нешто откачено вели „ти благодарам Кање, многу е јако“ или случајно избираат твитови на Трамп и ги монтираат – вели Колин (16) од Пенсилванија.
Самара (16) од Тексас вели дека не може сериозно да го сфати претседателот ако тој објавува на Твитер повеќе од неа. Многумина го блокирале затоа што не им бил важен.

Неколку тинејџери изјавија дека им е забавно да се шегуваат со претседателот на неговите социјални канали, реагирајќи на неговите твитови или коментирајќи на неговиот профил на Инстаграм, но станува напорно колку силни реакции следуваат од страна на конзервативните профили. Бенет (15) од Масачусетс изјави дека честопати на Инстаграм или на Твитер објавувал „остри коментари“, а потоа добивал реакции како „глупав либерал“ или „прост антифашист“.

Конзервативниот коментатор Си Џеј Пирсон (16) изјави дека причината зошто пораките на Трамп се шират брзо меѓу тинејџерите е затоа што претседателот ја сфаќа културата на монтирани фотографии многу повеќе од другите.

– Секој твит не останува само таму. Тој се шири на сите платформи и ја поттикнува дискусијата меѓу луѓето, кои дури воопшто не се заинтересирани за политика – вели тој.

Пирсон, кој е силен поддржувач на Трамп, рече дека има многу пријатели што имаат спротивни политички ставови од неговите, но дури и тие будно следат што прави и изјавува претседателот и потоа уживаат да дебатираат. Тој вели дека Трамп успеал да се поврзе со тинејџерите на начин каков што ниеден друг претседател на успеал. Кога Барак Обама сакал да се поврзе со младите, тој се сретнал со 46-годишната ѕвезда на Јутјуб, Глозел, односно со некој на негова возраст. Ако Трамп сака да допре до младите, тогаш тој само ќе објави нешто на Твитер. Дури и Пирсон не ги сфаќа сериозно твитовите на претседателот. Тој директно во коментарите му пишува колку е смешен твитот.

Колку и луѓето да се смеат, негативниот став на Трамп кон медиумите несомнено влијае на мислењето на тинејџерите за одредени медиуми. Тинејџерите честопати се критички настроени кон Си-ен-ен, „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“ и „Фокс њуз“. Колин изјави дека сака да ги избегнува Си-ен-ен и повеќето водечки медиуми и наместо тоа, ги следи независните новинари по негов вкус на Јутјуб.

– Во 2016 година станав поскептичен за водечките медиуми, само затоа што знам како функционираат корпоративните спонзори и маркетингот. Зошто Си-ен-ен не сакаше да ја поддржи Хилари Клинтон или да ја претстави подобро од Трамп кога „Тајм ворнер“ донираше толку многу средства за нејзината кампања – прашува Колин.

Си-ен-ен официјално не поддржа ниеден кандидат на последните избори, но поддржувачите на Трамп ја напаѓаа мрежата бидејќи имаа впечаток дека е пристрасна кон Клинтон.

Лора Медичи Флеминг, која е професорка по историја веќе 35 години во средното училиште „Риџвуд“ во Њу Џерси, забележала голема промена во начинот на кој нејзините ученици ги гледаат водечките медиумски организации.

– Кога првпат почнав да предавам, зборот „Њујорк тајмс“ практично важеше за библија, но тоа се смени во изминатите неколку години. Сегашната клима дефинитивно имаше влијание. Некои од учениците имаа потценувачки коментари за Си-ен-ен и за „лажните вести“, а други дури и превртуваа очи на „Фокс“ – порача таа.
Карвер изјави дека морала да бара нови медиумски извори за нејзините предавања, затоа што ако им презентирала статија од погрешната „страна“, учениците ги негирале информациите. Сè што било презентирано од Си-ен-ен или од „Фокс“ автоматски предизвикувало одредени ограничувања.

Тревис Гранд, професор по историја во Колорадо, изјави дека еднаш учениците го прекориле во училницата затоа што им презентирал статија од Си-ен-ен на паметната табла пред да почне часот. Тој изјави дека еден ученик му рекол дека било очигледно дека Си-ен-ен го напаѓа Трамп што можело да се види од насловите. Дури и на прашањето дали смета дека е смешно тоа што има многу приказни за најмоќниот човек во светот во меѓународните медиуми, ученикот му рекол дека не е смешно, но дека сите приказни на Си-ен-ен биле негативни за него.

Трамп немилосрдно ги напаѓа медиумите, а тие што го критикуваат ги обвинува дека шират „лажни вести“ и ги прогласува за „непријатели на народот“

За „непристрасните вести“, тинејџерите велат дека директно се информирале од новинарите или од медиумските страници на социјалните медиуми проверени од луѓето во кои имаат доверба.

– Следам неколку политички профили на Инстаграм. На сите се објавуваат монтажи на слики, наслови и слично, а луѓето дискутираат за нив. Политичкиот Инстаграм веќе е многу важна работа затоа што претставува чудна комбинација од страница за монтирани слики и медиум – порача Колин.

Пирсон мисли дека многу е подобро да се следат независните новинари на Интернет отколку безличните медиумски мрежи. Тој еднакво ги вреднува објавите на Твитер на новинарите како статија ако се потпишани и стојат зад нив, затоа што потписот има огромен кредибилитет.

Нили порача дека таа најмногу се информира преку Твитер и следи неколку новинари, иако таа не верува многу во она што го гледа.

– На Твитер секогаш се појавуваат најразлични вести и никогаш не знаете дали се вистински или не. Понекогаш налетувам на статија на Твитер и потоа веднаш одам на Инстаграм за да ја побарам личноста за која се зборува за да добијам повеќе информации околу неа – вели таа.

Едно нешто за кое тие имале попозитивен став била нивната способност да влијаат врз поголем број медиуми и политичката сфера. Сите тие чувствуваат дека добиле важност со тоа што преку социјалните медиуми може да се слушне нивниот глас, иако сè уште немаат право на глас.

– Тинејџерите и младите го окупираа светот. Ние сме човечки суштества со реални размислувања. Ваш избор е дали сакате да нè слушнете или не, но ќе зборуваме за проблемите и ќе нè слушнете во скора иднина – изјави Изабел (13) од Њујорк.