Исламската Република Иран геостратегиски е сместена на просторот на Блискиот Исток, регионот што ги поврзува Персискиот Залив и Арапско Море, со централна и јужна Азија, значи клучни региони за геополитичката трка во 21 век.
Земјата несомнено е регионална сила, која во минатото, но и сега, силно влијаеше врз судбината на Блискиот Исток.

Иран несомнено е голема земја, и, за САД, навистина претставува голем предизвик. Од револуцијата во 1979 година, Иран е во центарот на интересите на западните сили, пред сѐ на САД и на Израел, кои го вовлекуваа – директно или индиректно – во воени конфликти, почнувајќи од Иран, Сирија, Либан и Палестина, а земјата повеќе години е изложена на тешки економски санкции од Западот. Исламската Република Иран геостратегиски е сместена на просторот на Блискиот Исток, регионот што ги поврзува Персискиот Залив и Арапско Море, со централна и јужна Азија, значи клучни региони за геополитичката трка во 21 век. Земјата несомнено е регионална сила, која во минатото, но и сега, силно влијаеше врз судбината на Блискиот Исток. САД во оваа геополитичка игра се обидуваат да ги изолираат евроазиските сили Русија и Кина, дел од т.н. Хартленд, контролирајќи го т.н. Римленд, преку дестабилизација и хибридни војни.

Во оваа игра, Иран всушност е клучна држава, со чија контрола САД би ја обезбедиле својата присутност од Турција, Ирак, Авганистан, Пакистан, до Индија, Мјанмар и азиско-пацифичкиот регион. Доколку Вашингтон успее да ја смени власта во Иран и да воспостави марионетска влада, а со тоа и воено присуство во Иран, но и во Индија, тогаш ќе биде довршен Големиот геополитички ѕид кон евроазиските големи сили Русија и Кина.

На просторот на Ормутскиот Теснец, една од најважните поморски маршрути на светот, во моментот се одвива голема игра. Теснецот е стратегиска артерија што ги поврзува блискоисточните производители на нафта со пазарите во азиско-пацифичкиот регион, Европа и Северна Америка. Токму поради големото значење за извозот на нафта, соседните држави често се спорат околу Ормутскиот Теснец, па поради тоа и граничните спорови се чести. САД повеќе децении се присутни во регионот, подготвени да интервенираат и со воени средства, за да ја зачуваат слободата на поминување низ теснецот.

Кога ескалираат тензиите во односите помеѓу двете земји, во прв план секогаш се појавува Ормутскиот Теснец и сообраќајот низ него, што се подразбира и од самиот факт дека тој е точка на најблизок воен контакт помеѓу САД и Западот со Иран. Поради тоа, теснецот, како и целиот бродски сообраќај низ него во Персискиот Залив, секогаш е на прва линија на конфликтот помеѓу Иран и САД и нивните сојузници.

Истовремено, можноста за блокада на теснецот е силен адут што Иран често го користи во спорот. Инцидентите и судирите од различен интензитет околу Ормутскиот Теснец траат уште од времето на Исламската револуција, а во текот на Ирачко-иранската војна и двете страни се обидуваа со воздушни и поморски напади да го уништат извозот на нафта на противникот. Секогаш кога се заоструваа односите, Иран редовно предупредуваше на можноста за блокада на сообраќајот низ Персискиот Залив и Ормутскиот Теснец. Интензитетот на воените активности на американските, сојузничките и иранските сили секогаш се зголемуваше во моментите на напнатост, а понекогаш преминуваа во фаза на воен конфликт со низок интензитет.


Непредвидливи последици од политиката на максимален притисок

Политиката на максимален притисок против Иран, која ја спроведува американскиот претседател, предизвика одговор од Техеран што го загрижува целиот свет. Во неколку инциденти беа соборени дронови, танкери со нафта беа запленети, а многу беше разгорена и војната на зборови. Меѓутоа, и двете земји соопштија дека не сакаат војна, а и се однесуваат во согласност со тоа. Трамп нареди воздушни напади врз Иран, но потоа ги откажа.