По педесет години, трката за Месечината повторно се разгорува, со тоа што неколку држави и приватни компании веќе ги најавија своите мисии. По успешното слетување на кинеските сонди „Чанге 3“ во 2013 година и „Чанге 4“ во јануари 2019 година, која ќе биде следната вселенска агенција или компанија што успешно ќе го испрати своето вселенско летало или следниот човек на Месечината?
По двете неуспешни мисии на израелската приватна компанија „Спеј сил“ во април 2019 година и на индиската вселенска агенција ИСРО во јули истата година, годинава се очекува Русија да оствари успешна мисија до Месечината, Јапонија в година, Турција во 2023 година, Европската Унија (ЕУ) во 2025 година, а за Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) сѐ уште не е прецизирано дали тие ќе испратат лендер или ровер од некоја претходна мисија. Јужна Кореја би требало веќе да го има претставено својот план за испраќање лендер на Месечината до 2030 година.

Приватна мисија на една германска компанија исто така е планирана да се случи годинава, но компанијата што ја финансира мисијата се соочи со одредени финансиски проблеми што може да резултира со нејзино одложување.
Три американски компании, „Астроботикс“, „Рокет лаб“ и „Интуитив машинс“, треба да изведат неколку мисии пред астронаутите да се вратат на Месечината од оваа година. Мисиите што ги нарача НАСА ќе испратат мали сателити во месечинската орбита, но и неколку различни мисии со лендери и ровери, вклучувајќи го роверот „Вајпер“ на НАСА, кој ќе оди во потрага по вода. Во 2022 и 2023 година, три други компании ќе се вклучат во трката за Месечината и ќе испратат повеќе лендери што ќе ја испитуваат. Товарниот лендер „Блу мун“ на Џеф Безос чека да биде испратен во 2024 година.
САД сакаат да испратат повторно маж или жена на Месечината најрано во 2024 година, како дел од мисиите „Артемида 3“ и „Артемида 4“. Историскиот ривал Русија планира во 2028 година да испрати човечка мисија на Месечината. ЕУ и Кина засега се фокусирани на роботските мисии што ќе го истражуваат теренот за можни ресурси. Друга независна приватна мисија под името „Диар мун“ планира да изведе туристички лет околу Месечината во леталото на „Спејс икс“ најрано во 2023 година, во кој патници ќе бидат еден јапонски милијардер и шест уметници.