Медицинска екипа во домашна нега во еден португалски град

Брзата и рана реакција на португалските власти во земјата влијаеше превентивно, поради што мал е бројот на заразени и починати од коронавирусот

Шпанија со својата висока стапка на смртност од коронавирусот и продолжените мерки за ограничено движење, се чуди и ѝ завидува на соседна Португалија. Сместена на истиот полуостров, Португалија од пандемијата има малку повеќе од 1.000 смртни случаи со население од 10,2 милиони жители, во соседна Шпанија се регистрирани повеќе од 26.000 смртни случаи, а таа има нешто повеќе од 47 милиони жители. Португалија, со околу пет пати помалку смртни случаи на еден милион (111 наспроти 569), во исто време не наметна задолжителен карантин, наместо тоа единствено ја надгледуваше граѓанска активност, која всушност ги следеше препораките на Владата. И покрај тоа што баровите и рестораните се затворија, економијата во земјата никогаш не застана.
Која е тајната на Португалија? Експертите од двете страни на границата точката на успешноста на рецептот ја согледуваат низ неколку фактори, вклучувајќи ги тука и намалените патувања меѓу Италија и Португалија, отколку помеѓу Италија и соседна Шпанија. Но над сите фактори се чини успешноста на приказната е што Португалија реагираше побрзо. Откако ги видоа настаните во Италија и во Шпанија, португалските власти прогласија вонредна состојба кога земјата имаше единствено 100 случаи на коронавирусот и не броеше смртни случаи. Во Шпанија таква одлука се донесе по регистрирање 4.209 инфицирани лица и околу 120 смртни случаи од вирусот.
За епидемиологот Рита Самачадо, фундаментална одлука беше раната примена на мерките за јавно здравје, како што беше затворањето на училиштата. Оваа мерка стапи во сила на 16 март, кога беше регистрирана првата жртва во земјата.
– Ако не одржуваме добро социјално однесување, ризикуваме да изгубиме сè што стекнавме – вели Самачадо.

Алберто Инфанте, експерт за јавно здравство, е согласен.
– Како ќе постапите на почетокот одредува како ќе се одвиваат работите подоцна. Иако не го знаевме тоа до крајот на февруари или почетокот на март, асимптоматичните луѓе одиграа навистина важна улога. Португалија имаше многу среќа да види што се случува во Шпанија и во Италија и имаше добра замисла да се воведат рани мерки при започнувањето на епидемијата – вели Инфанте.
Покрај оваа рана акција, Инфанте забележува три елементи што можеби направија разлика во однос на Шпанија.
– Португалија нема систем на пренесени овластувања во регионите што го олеснува носењето одлуки. Социјалистичката влада и опозицијата работеа како една и ја испратија истата порака уште од почетокот и можеби поради ова и затоа што можеле да увидат што се случува во странство, народот покажа голема свест – објаснува епидемиологот. Единствено Комунистичката партија на Португалија (ПЦП) се спротивстави на прогласувањето вонредна состојба, тврдејќи дека тоа ќе ги наруши уставните права.
Антонио Пирес де Лима, поранешен министер за економија, кој служеше со конзервативната влада на Пасос Коело помеѓу 2011 и 2015 година, ја пофали брзината со која се донесоа одлуките.

– Вирусот пристигна неколку недели подоцна од Италија и од Шпанија. Ја видовме хаотичната состојба во Италија и кога беше откриена првата инфекција (на 2 март), Владата донесе брзи одлуки. За Португалците беше неопходно да се разбере ризикот од брз раст на преносот и опасноста за јавните услуги. Луѓето дејствуваа со големо чувство на одговорност и останаа дома. Ова помогна да се изедначи кривата на зараза и националната здравствена служба не пропадна, реагираше многу добро – се сеќава тој.
Иако Португалија има направено многу повеќе од Шпанија во однос на смртните случаи и инфекции на 100.000 луѓе, таа сепак е на деветтото место на списокот на земји од 27-те членки на ЕУ, кои имаат повеќе смртни случаи на еден милион луѓе, а шесто по број на инфекции на еден милион. Шпанија засега сѐ уште го држи второто место на обете точки зад Белгија. Некои региони на Шпанија имаат подобри бројки од Португалија, како што се Мурсија и Канарските Острови.
– Не е дека овие региони направија нешто особено добро во споредба со другите, тоа е единствено бидејќи карантинот започна кога сè уште имаше ниска заразеност – вели Јесус Молина Кабрилана, член на шпанското здружение за превентивна медицина. Сепак и покрај раните мерки во Португалија, во земјата имаше и недостиг од заштитна опрема.

– Тоа беше негативната страна. Исто како и во повеќето други земји, мислам дека сите ја гледавме Кина самоуверено, мислејќи дека вирусот нема да дојде до овде. Јануари и февруари никој не беше навикнат да купува наметки и маски и ние ја потценивме нивната улога во личната заштита на граѓаните – вели Пирес де Лима.
Португалија во последните денови забележа неколку порасти во вредностите поврзани со ковид-19.
– Онаму каде што работите стануваат премногу опуштени, се појавуваат нови случаи. Многу мал процент беше заразен, а преостанатите беа изложени на ризик. Ако не одржуваме добро социјално однесување, ризикуваме да изгубиме сè што стекнавме – вели директорот за здравство Граса Фреитас.
Експертите предупредуваат дека сè додека не заврши епидемијата, не може да се донесат цврсти заклучоци. Никој не знае колку долго вирусот ќе ги заразува луѓето, какви нови појави може да излезат и колку штета може да нанесат тие.