Откако спасувачките екипи конечно во понеделникот успеаја да постигнат напредок во напорите за поместување на гигантскиот контејнерски брод што заринка во Суецкиот Канал, светот се надева дека брзо ќе се надмине состојбата што предизвика светска криза во синџирот на испорака. Блокирањето на товарниот брод „Евергивен“ ја запре трговијата во една од најважните светски трговски артерии и принуди над сто нафтени танкери и други товарни бродови да се закотват во Каналот, како и во соседното Црвено и Средоземно Море. Со тоа што стоки и суровини вредни милијарди долари се заглавени во огромен поморски сообраќаен метеж, повторно на мегдан се пропустите во светскиот синџир на испорака. Секојдневно расте финансиската штета предизвикана од доцнењето. Во меѓувреме, товарните пристаништа во светот, кои и онака се борат да одговорат на зголемената побарувачка, очекуваат да настане голем хаос откако каналот повторно ќе стане пловен.
Според податоците објавени од страна на Конференцијата за трговија и развој при Обединетите нации (УНКТАД), глобализацијата довела до огромно зголемување на поморската трговија во изминатите децении, со тоа што вкупниот обем порасна од 4.000 милиони тони поморска трговија во 1990 година на 11.000 милиони тони во 2019 година. Испораката со контејнерски бродови доживеа експанзија во последните 30 години, со тоа што трговијата порасна речиси осумкратно од 1990 година.