Еден од најголемите митови за вештачката интелигенција е дека таа е објективна или неутрална алатка

Пандемијата ги отвори вратите кон собирањето податоци и следењето на комуникациите во досега невидени размери, смета Мелиса Хекила од „Политико“

Вештачката интелигенција ја открива темната страна на новите технологии

Како технологија, вештачката интелигенција се смета за магично решение за многу од сложените општествени проблеми. Таа има потенцијал во медицината да им помогне на лекарите да забележат карцином, да помогне при подготвување нови вакцини, да помогне во предвидување на времето, да им обезбеди на фудбалските тимови увид во нивните стратегии и да ги автоматизира здодевните задачи, како што се возењето или административната работа. Се разбира, таа може да се користи и за надзор.
Постојат многу причини зошто вештачката интелигенција не може да постои без надзорот. Апликациите за вештачка интелигенција се потпираат на огромни податоци со кои се градат алгоритми за препознавање модели и за донесување одлуки. Поголем дел од податоците се собира од потрошувачите без да знаат тие. Технолошките компании ги следат нашите кликови за дознаат какви производи, вести или реклами претпочитаме. Компанијата за фацијално препознавање „Клиарвју АИ“ црпи слики од портали како Фејсбук и Јутјуб, за да работи на својот модел и да го изгради. „Фејсбук“ неодамна објави дека ќе започне да работи на модели со вештачка интелигенција преку видеоснимки што корисниците јавно ги прикачиле на платформата.

Вештачката интелигенција и пандемијата

Пандемијата на коронавирусот и потребата за добивање брзи податоци за јавното здравје ја отворија вратата за собирање и следење на податоците во размери што не беа замисливи пред нешто повеќе од една година. Владите ги користеа информациите од мобилните телефони за да го следат движењето во Европската Унија (ЕУ). Компаниите поставија камери опремени со вештачка интелигенција за да проверат дали работниците и клиентите ги почитуваат правилата за физичко дистанцирање. Франција воведе технологија за фацијално препознавање во јавниот превоз, за да го следи носењето маски. Фабио Кјузи, менаџер на проектот во „Алгоритам воч“, групата на интерес што го следи автоматското донесување одлуки, рече дека „нормализацијата на биометрискиот надзор стана многу очигледна со појавата на ковид-19“.
Вештачката интелигенција се користеше за надзор, секако, и пред пандемијата. Речиси секоја европска земја се служи со некоја верзија на технологија за фацијално препознавање. Холандската полиција ја користи за да споредува фотографии на осомничени со криминалната база на податоци, додека лондонската полиција користи слична технологија на фацијално препознавање во живо. Француската влада ја користи вештачката интелигенција за следење „сомнително однесување“.

Судир со општествените вредности

Брзото усвојување на технологиите за надзор отвори прашања како тие се вклопуваат во вредностите на општеството. Фацијалното препознавање особено го нагласува компромисот помеѓу приватноста и легитимните потреби за следење. Поддржувачите на оваа технологија велат дека таа е моќна алатка што може да им помогне на имиграциските служби да ги скенираат патниците на границите или да ѝ помогне на полицијата во борбата со криминалците. Слични алгоритми исто така се развиваат за таканаречено биометриско препознавање што ќе ги идентификува луѓето врз основа на тоа како изгледаат, звучат или одат.
Постои зголемена иницијатива во рамките на биометриската сфера, како и во разни држави, за идентификување на емоциите на луѓето врз основа на надворешниот изглед – тврди Ела Јакубовска од групата за дигитални права „ЕДРи“, која водеше кампања за забрана на технологијата.
Таа додаде дека оваа употреба на технологијата „сериозно не е заснована во ниту една веродостојна наука“. Во САД, загриженоста за технологијата натера некои сојузни држави и градови да воведат сериозни ограничувања.

Дали ќе се воведат регулативи?

За системите за биометриско препознавање е општо познато дека се соочуваат со тешкотии правилно да ги препознаат лицата на жените и луѓето со друга боја на кожа. Погрешните совпаѓања одведоа во затвор невини луѓе. Досега овие системи претежно избегнуваа нивна регулација. Европа во моментов дебатира за правилата околу фацијалното препознавање во живо, што ќе им овозможи на властите да ја користат технологијата за да препознаат лица во тек на еден пренос во живо. Критичарите, вклучувајќи го и надзорниот орган за заштита на податоците во Европа, велат дека ова може да доведе до масовно следење. Во април, Европската комисија го претстави својот предлог за регулирање на ризичната употреба на вештачката интелигенција. Предлогот забранува далечинско фацијално препознавање на јавни површини за спроведување на законот „во принцип“, но им остава одреден простор на националните агенции за спроведување на законот да ја користат технологијата.
Еден од најголемите митови за вештачката интелигенција е дека таа е објективна или неутрална алатка. Вештачката интелигенција се обликува според предрасудите, приоритетите и одлуките на нејзините креатори и луѓето што ја користат. За владите што се борат со контроверзната технологија, прашањето што се поставува е кога таа ќе се стави во функција на вредностите на нивното општество и кога ќе работи спротивно на нив.