Туристи во Палмира во мај 2009 година

Обидите за заживување на туризмот во земјата која речиси девет години е во војна наидоа на жестоки критики од некои од локалните жители

На речиси деветгодишниот конфликт во Сирија не му се гледа крајот, но тоа не ги спречува западните туристи во сѐ поголем број да ја посетуваат земјата. Додека претседателот Башар ал Асад ги зазема северозападните територии што до вчера беа под контрола на опозицијата, неколку туристички компании и туристички блогери што се фокусираат на клиенти кои зборуваат англиски јазик почнаа да организираат патувања во земјата. Нивната цел е туристите „да се мешаат со локалното население додека ги разгледуваат уништените села“, да ги посетуваат археолошките места „обвиени во мантијата на деструкција“ и да го доживеат „познатиот космополитски ноќен живот што се враќа во центарот на Дамаск“.

Најмалку 500.000 луѓе се убиени во војната во Сирија, а над половина од населението, кое изнесуваше 22 милиони жители пред конфликтот, ги напуштило своите домови. Додека Асад полека ја враќа контролата, перцепцијата во некои делови од светот е дека земјата повторно се отвора за бизнис и дека тоа се однесува и на некогаш профитабилниот туристички сектор.

Речиси сите влади во светот советуваат против патувања во Сирија од безбедносни причини, а Сиријците кои платиле висока цена во војната ги повикуваат западните држави да не ги нормализираат односите со режимот во Дамаск.

Сепак, наспроти повремените експлозии на бомби-автомобили, израелски воздушни напади и „исчезнувања“ на осомничени шпиони и припадници на опозицијата во затворите на Асад, Дамаск сега е релативно безбеден, па затоа и расте тврдокорниот авантуристичко-туристички интерес за земјата што речиси една деценија беше недостапна за посети.

Посетата на места што се поврзуваат со смрт и трагедии обично се нарекува мрачен туризам. Одморот во држави што сѐ уште се технички во војна сепак е релативно нов феномен, поттикнат од т.н. инфлуенсери на социјалните мрежи во обид да ги освојат забранетите дестинации или да ги посетат сите 195 земји во светот.
Еднонеделните патувања главно се одвиваат во стариот дел на Дамаск, крстоносниот замок Крак де Шевалие од 11 век во близината на Хомс, како и во Палмира во источните делови на Сириската пустина, која беше погодена од нови напади на терористички ќелии на Исламска држава по протерувањето на исламистите од тој регион во 2017 година.

Најмалку една компанија, како на пример кинеската „Млади пионерски тури“, нуди авантури дури до северниот сириски град Алепо, кој по четиригодишни битки беше одземен од сириската опозиција во 2016 година. Повеќе од половина од градот е сѐ уште во урнатини. Патувањето на „Младите пионерски тури“ чини речиси 1.700 долари и не вклучува летови, такси за виза и патничко осигурување. Групите се придружувани од владини обезбедувачи. Од месецов слични патувања нудат и две руски туристички компании.

Џон Вард, ирски блогер, неодамна се состана со мала група туристи во Бејрут и ги однесе преку копнената граница на Либан на петдневно патување во Сирија, во кое беа вклучени Дамаск и замокот Крак де Шевалие.

– Ако патуваме само во земји со чиста домашна и надворешна политика, каде можеме да одиме? Дали луѓето ги критикуваат патувањата во Вегас, Пекинг или со транс-сибирската железница? Колку животи се погодени од домашната и надворешната политика на тие земји? Навистина верувам дека народниот туризам им нуди пари на луѓето на кои им се потребни. На наш мал начин, преку туризмот правиме мал чекор назад кон нормалноста за Дамаск и пошироко. Посетата на една земја не значи и поддршка за нејзиното раководство – тврди тој.

Обидите за повторното отворање на Сирија за туризам наидоа и на жестоки критики. Бакри ал Обеид имал мала туристичка компанија во Дамаск пред да почне конфликтот во Сирија во 2011 година. Тој го напуштил родниот Алепо по падот на градот пред три години и сега живее во Идлиб, кој секојдневно е цел на сириски и руски воздушни напади.

– Она што го прават туристичките компании сега има само една цел – нормализација на режимот. Тие го прават тоа за да му покажат на светот дека Сирија е безбедна и добра и дека војната заврши. Овие патувања го прикриваат режимот и му овозможуваат на светот да ги заборави злосторствата извршени врз Сиријците. Навистина е депресивно и болно да се гледаат туристи кои доаѓаат во вашата земја од странство, кога вашата куќа е конфискувана од режимот и никогаш нема да можете да се вратите дома – нагласува тој.