Многу приврзаници велат оти имаат „суверено“ право да не носат маски за заштита од ковид-19

Движење на луѓе што веруваат дека законите не важат за нив претставува нова закана за полицијата и за спроведувањето на законите во светот, велат експерти

Таканаречените „суверени граѓани“ веруваат дека се имуни на државните правила и во некои случаи, како неодамна во Австралија и во САД, насилно ѝ се спротивставија на полицијата. Мерките за ублажување на коронавирусот, вклучувајќи ги и задолжителното физичко растојание и носењето маски, исто така се претпоставува дека поттикнуваат заговори против владите и овозможуваат да се шири пораката до светското малцинство што смета дека смртоносната пандемија е измама.
ФБИ го опиша движењето, на кое му недостига организациска структура, како „домашен тероризам“ во САД и неговите следбеници ги нарекува „антивладини екстремисти“, кои веруваат дека, и покрај тоа што живеат во САД, тие се одвоени или „суверени“од државата.

– Идеологијата се појави во 1970-тите и се разви од „Посе комитатус“, американска антивладина група во која имаше многу следбеници што беа антисемити и веруваа дека владите ги контролираат Евреите. Тоа доживеа подем во 1990-тите, заедно со движењето на паравоените групи – вели истражувачот Марк Питкавиџ, кој го следи движењето повеќе од 20 години.

Во доцните 1990-ти, идеологијата стигна до Канада преку групите против даноци, а потоа и до Австралија, Велика Британија до Ирска.
Во Австралија, полицијата неодамна го поврза „опасниот“ пораст на бројот на луѓе што се спротивставуваат на мерките за карантин, понекогаш дури и насилно, со движењето на суверени граѓани. Главниот комесар на полицијата на Викторија, Шејн Патон, изјави дека полицајците биле принудени „да ги разбиваат прозорците на автомобилите и да ги извлекуваат луѓето за да дадат информации“, откако тие одбиле да одговорат на прашања или да покажат документи.

Суверените граѓани и антивладините групи им станаа попознати на Американците во 1990-тите. Но секоја симпатија што пошироката јавност можеби ја имаше кон таквите движења исчезна по ужасниот напад во Оклахома Сити. Сепак, сега има знаци дека нивните идеи повторно стануваат привлечни.

За тоа се „виновни“ политичката клима, итните мерки против коронавирусот и незадоволството од полициското работење по убиството на Џорџ Флојд. Суверените граѓани и други групи, кои честопати се преклопуваат, одеднаш се појавија на социјалните медиуми и на улиците. Нивните идеи брзо се шират.

На протестите против мерките против пандемијата во мај во Лондон, на пример, еден демонстрант објаснуваше зошто владата немала законска моќ над него. Во Сингапур, земја позната по придржување кон правилата, едно видео покажа 40-годишна жена што одбива да стави маска на лицето, велејќи им на луѓето дека била „суверена“.
– Тоа значи дека немам никаква врска со полицијата, тоа значи дека немам договор со полицијата. Тие немаат моќ над мене – рече жената, која подоцна беше испратена во установа за ментално здравје.

Во САД, осомничените за насилни злосторства, меѓу кои и еден човек што е обвинет дека го обезглавил сопственикот на станот што тој го изнајмувал, тврдат дека се имуни на гонење од државата бидејќи се „суверени граѓани“.
Еден од најпознатите поддржувачи на идеологијата беше заговорникот на бомбардирањето на Оклахома Сити, Тери Николс, кој поднесе безброј тужби против владата во периодот пред нападот во 1995 година врз федерална зграда, во кој беа убиени 168 луѓе.

Суверените граѓански движења се разликуваат од движењето на паравоените групи, кое става поголем акцент на обуката и организацијата на паравојските, велат експертите. Суверените граѓани, кои се познати и под многу други имиња, меѓу кои вклучуваат и уставници или слободни граѓани, ги поддржуваат правните аргументи.
Исто така, тие се разликуваат од теоретичарите на заговори, кои на пример тврдат дека претседателот Доналд Трамп го спасува светот од злото, бидејќи суверените граѓани ги сметаат сите државни функционери, вклучувајќи го и Трамп, за нелегитимни.

Според експертите, постојат мноштво теории во кои веруваат следбениците, но засега е тешко да се утврди бројот на верници во светот поради недостигот од структура.
Општата идеологија се заснова на верувањето дека првичната влада формирана од основачите на САД полека и тајно е заменета со нелегитимна влада во 19 век.
Следбениците низ светот нудат слични тврдења за сопствените влади. Тие веруваат дека постои правен начин да се исклучат од сегашниот правен систем преку поднесување документи и раскинување на „договорите“ со владата, како што се возачките дозволи или други лични документи.

Според експертите, приврзаниците веруваат дека можат да користат одредени фрази, за кои тие веруваат оти имаат правно значење, за да се „разведат“ од нелегитимната влада. Тие честопати печатат и носат документи за кои тврдат дека го докажуваат нивниот статус.

Следбениците се спротивставуваат на сите владини закони и регулативи, без разлика колку и да се тривијални, а во САД честопати почнуваат долги правни битки против владата, кои критичарите ги нарекуваат „хартиен тероризам“. Тие понекогаш снимаат средби со полицијата, користејќи фрази за кои веруваат дека ги штитат, вклучувајќи ја и: „Дали сум притворен?“

Тие повремено формираат „судови“ и издаваат лажни потерници за американски функционери. Некои од нив се уапсени со лажни регистарски таблички за автомобили што сами си ги „издале“ или дури печателе своја „валута“, сметајќи го доларот за неважечки. Често се наоѓаат и европски следбеници што го наведуваат американскиот кривичен законик, кој нема никакво правно дејство на Стариот Континент.

Некои следбеници веруваат дека е можно да пристапат до таен фонд што го води владата откако ќе станат суверени. Даночната служба на САД на својата веб-страница наведува дека тврдењата за „тајни сметки доделени на секој граѓанин се чиста фантазија“. Некои сметаат дека „со поднесување серија сложени и навидум правни документ, суверениот граѓанин би можел да пристапи до таа тајна сметка на Министерството за финансии“, велат организациите што ги следат екстремистичките групи. Според нив, следбениците честопати или имаат финансиски тешкотии или се луѓе што не можат да толерираат владина бирократија.

– Суверените граѓански движења, преку своите лажни правни теории и тактики, им кажуваат кого да обвинат, нелегитимната влада или нелегитимниот банкарски систем. Сето тоа им нуди излез на овие луѓе – вели Питкавиџ, кој ги проучува ваквите движења.