Зад повлекувањето на американските војници од северна Сирија би можеле да се кријат поголеми геостратегиски интереси на Вашингтон, смета германскиот политиколог Јозеф Брамл. Погледот сега е свртен кон Иран

Претседателот на САД Доналд Трамп ги повлече американските сили од северна Сирија и со тоа отвори пат за воената офанзива на Турција во тој регион. Оваа одлука наиде на критики на меѓународно ниво. Имено, критичарите сметаат дека Трамп не е заинтересиран за стратегиска надворешна политика. Но тоа не е точно, смета германскиот политиколог Јозеф Брамл, зашто токму зад повлекувањето на силите би можело да се кријат геостратегиски интереси.

– Тоа дека сега Трамп наводно се повлекува како полжав во својата куќарка е погрешна интерпретација – вели Брамл, водител на американската програма во германското Здружение за надворешна политика.

Според него, САД не сакаат да се повлечат од Блискиот Исток. Наместо тоа тие со повлекувањето на копнените сили сакаат да ги минираат можните противнапади, а тие би можеле да дојдат од Иран. Брамл ја набљудува сириската политика на САД пред сѐ со поглед кон Иран, затоа што во конфликтот со Исламската Република, САД сѐ уште не го кажале последниот збор.

– Јас поаѓам од тоа дека САД со превентивни напади сакаат да го спречат Иран да се вооружи со нуклеарно оружје – вели Брамл.

Ако САД извршат воздушни напади, тие мора да сметаат на противнапади. Иран, на пример, би можел да ги нападне американските сили стационирани во Сирија. Ако САД имаат помалку војници во тој регион, тогаш во случај на ирански противнапад би имало многу помалку можни жртви.

Сложените прогнози во врска со блискоисточната стратегија на САД уште повеќе ги усложнува непредвидливоста на Трамп, смета политикологот Кристијан Хаке. Тоа што го зборува воопшто не се совпаѓа со тоа што го прави, вели тој.
По повлекувањето на американските сили од северна Сирија, Турција почна офанзива врз курдските сили. Последиците од неа веќе се големи. Офанзивата предизвика бегство на стотици илјади луѓе и смрт на над 500 луѓе, меѓу кои и на повеќе од 70 цивили, според Светска здравствена организација и курдски извори. Според Брамл, малку е веројатно дека САД не можеле да ги проценат последиците од повлекувањето на војниците од регионот, но тој регион и Курдите би можеле уште еднаш да станат жртвено јагне на ривалството на големите сили. Кога зборува за ривалството, Брамл не мисли само на САД и на Иран, туку и на САД и на Кина, бидејќи, како што вели самиот, кога станува збор за судир со Иран, истовремено се работи и за Кина.

Кина е најголем увозник на иранска нафта. Освен тоа, поврзаноста со Иран е важен дел од кинеската иницијатива за Новиот пат на свилата, кој би требало да воспостави нов коридор од Кина до Европа и Африка. Тоа, пак, не ја прави ситуацијата попрегледна. Различните интереси и актери на Блискиот Исток се тесно поврзани. Повлекувањето на силите на САД од Сирија би можело да биде стратегиско минимизирање на целите на напади. Тоа за САД би било важно ако дојде до воена ескалација со Иран. Во тој случај, ни Кина повеќе не е далеку.
– Ако го напаѓате Иран, тогаш го напаѓате и глобалниот ривал Кина, земјата што се снабдува од тој регион – нагласува Брамл.


Турција ја паузира офанзивата

Турција објави привремен прекин на офанзивата во северна Сирија по разговорите меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и американскиот потпретседател Мајк Пенс во четвртокот во Анкара.
Судирите би требало да запрат пет дена, а САД во тој период би помогнале да се повлечат курдските сили од т.н. безбедносна зона на Турција, по должината на турско-сириската граница. Курдите велат дека се согласиле на примирје во двата погранични града, околу кои се водеа најжестоките борби, но дека ништо друго не е договорено за другите делови од регионот, посочува Би-би-си.