Пилотите на светските авиокомпании се жалат поради истекување на штетни гасови во кабините, додека институциите во САД и во ЕУ засега не се убедени дека има доволно докази за опасност од оваа појава

Во 2014 година, кога летал со авион на компанијата „Јунајтед експрес“ полн со патници, пилотот Ричард Пап се пожалил дека бил опиен од опасни гасови во кабината, кои му предизвикале гадење и вртоглавица, при што подоцна не можел да размислува трезвено и едвај успеал да слета безбедно.
– На крајот на денот, не можевме да сврземе ниту една реченица – вели тој.
На 17 февруари, авион што летал кон Венеција, бил принуден да се врати во Белфаст, откако патниците почувствувале „силен мирис“ на керозин во кабината. Во 2015 година, шест лица се пожалиле на шум од гас во авионот на американскиот „Спирт ерлајнс“, при што морале да бидат хоспитализирани и да примат лекарска помош веднаш по слетувањето. Седум лица од друг лет на компанијата „Спирит ерлајнс“ лани, исто така, морале да одат во болница откако биле изложени на гас што мирисал на масло. Трет лет на „Спирит“ лани бил принуден да слета во Лос Анџелес поради непознат гас во пилотската кабина.
Досега се поднесени најмалку четири тужби од членови на екипажи. Но и покрај нивните повици да се спроведат истраги и да се воведат построги правила со кои би се осигурило дека издувните гасови што се испуштаат од моторите на авионите не влегуваат во кабината, досега институциите во САД и во ЕУ не се убедени дека е предизвикана некаква опасност од оваа појава кај екипажите, по што тие би биле принудени да преземат соодветни акции.

Федералната воздухопловна управа на САД (ФАА) соопшти дека таа во својата база на податоци од октомври досега има регистрирано вкупно 204 протекувања на издувни гасови во патничките кабини од авионите. Во извештајот до Конгресот за 2013 година, ФАА соопшти дека открила 69 такви случаи во периодот помеѓу 2002 и 2011 година.
Но други извори откриваат многу поинаква слика за тоа колку често се случуваат вакви појави. На пример, студија на Државниот универзитет во Канзас има утврдено дека бројот на вакви случаи на годишно ниво е многу поголем, притоа проценувајќи дека во просек има околу 2.000 инциденти на истекување гас во патничките кабини од 2007 до 2012 година.

Ситуацијата за овој проблем во Европа е иста. Европската агенција за безбедност во воздухопловството (ЕАСА) за овој проблем има објавено две студии во 2017 година, во кои се наведува дека квалитетот на воздухот во кабината е сличен или подобар од оној што се дише во нормалните затворени простори, притоа истакнувајќи дека концентрацијата на супстанции што можат да предизвикаат здравствени проблеми кај патниците е премногу ниска. Агенцијата ќе објави уште една студија за летовите во април.
– ЕАСА не откри никакви индиции кај леталата, кои ја оправдуваат загриженоста од истекување гас во кабините – изјави портпаролката на ЕАСА, Џенет Норткот, наспроти стотината извештаи за инциденти со штетни гасови во периодот помеѓу 2017 и 2018 година.
Во јануари, ЕАСА дополнително ги покани пилотите, производителите на леталата и авиокомпаниите во Келн да разговараат за испарувањето на штетните гасови во кабините, каде што пилотите претходно ја истакнаа заканата. Европската комисија размислува да иницира и своја студија на оваа тема, која ќе биде насочена кон ефектите од гасовите и влијанието врз здравјето на пилотите и на патниците.
Американскиот сенатор Ричард Блументал, кој предложи нацрт-закон со кој се бара на авионите да им се вградуваат сензори за јаглерод моноксид, но и побара од ФАА подобро да ги следи настаните од издувните гасови во кабините, во едно интервју изјави дека ФАА го свела ова прашање на „автоматски пилот“ и тоа засега не води никаде. Не успеа да се реши проблемот, а тоа ги става во опасност патниците, нагласува Блументал. Тој, исто така, истакна дека повеќе верува во наодите на независните истражувачи отколку на податоци на ФАА кога станува збор за инцидентите.

Ако не се реагира, се загрозуваат животите и на екипажите и на патниците, велат пилотите

– Тие може да прикриваат ситуации со издувни гасови само за да ги фаворизираат авиокомпаниите. Премногу често ФАА беше наклонета повеќе кон авиокомпаниите отколку кон патниците и јавниот интерес – додаде тој.
Пилотот Руди Понт вели дека тој присуствувал на состанокот на ЕАСА, кој бил наменет за испарувања на гасовите во кабините со три препораки. Пот, меѓу другото, предложил да се направат подобри системи за филтрирање, да се инсталираат сензори што ќе можат да мерат и да предупредуваат за проблемите со квалитетот на воздухот и да се развијат стандардизирани медицински протоколи кога воздухот во кабината е загаден.
Некои авиокомпании веќе почнаа да реагираат на проблемот со засилување на контролите и инвестирање во безбедносни системи.

Сепак, некои контроли пред летовите на повеќе авиокомпании сè уште се премногу далеку од спречување на инцидентите, според пилотите. Тие наидоа на повеќе разбирање во Европскиот комитет за стандардизација, кој развива и дефинира стандарди за летање на европско ниво. Пилотите успеаја да издејствуваат безбедносни нацрт-мерки, кои се очекува годинава да бидат ставени на гласање.
Сепак, крајното решение за чист воздух во авиокабините, според тврдењата на повеќето пилоти, е да се компресира надворешниот воздух пред полетување, а не авионските мотори да го прават тоа за време на летот, бидејќи е можно тие да содржат опасни хемикалии, кои истекуваат секојдневно од нив.
– Има доволно истражувања, време е да се дејствува – вели пилотот Понт.