Бард Дранг

Во моментот има пет парадокси што Унијата мора да ги реши за да може ефикасно да одговори на кризите надвор од нејзините граници
Мисиите се дизајнираат во Брисел и повеќе ги следат интересите на членките, а не на земјите во конфликт

ЕУ од 1992 година поведе над 35 цивилни и воени мисии во светот. Унијата идеално се обидува да ги спречи конфликтите уште пред да избијат. Но таа се вклучува и во тековни конфликти, а учествува и во постконфликтни сценарија.
Ангажирањето во тековните конфликти со себе носи низа исклучителни предизвици. Пример за тоа е Мали, земја што има оспорена државна власт и слаба армија, која се бори по неколку бунтовнички групи и со џихадистички терористи. ЕУ веќе шеста година се обидува да ја обнови државната власт, преку обука и советување на полицијата и војската на Мали.

Меѓутоа, способноста на ЕУ да има одржливо влијание на терен е строго ограничена. Ова делумно се должи на горенаведениот сплет од разни предизвици, кои сигурно може да се најдат и на други места. Сепак, како што покажуваат истражувањата, ЕУ може директно да се справи со многу пречки.
Интервенирајќи клучни претставници на локалните и на меѓународните организации и анкетирајќи ги луѓето на терен во областите каде што работи ЕУ, успеавме да идентификуваме пет парадокси што се типични за кризните реакции на ЕУ во земјите како Мали.

Овие парадокси ги откривме и во Авганистан и во Ирак, како и во земјите во кои ЕУ е во голема мера вклучена во изградбата на државната власт преку јакнење на полицискиот, армискиот и правниот систем.
За да може да обезбеди поголемо влијание и да се приближи до остварувањето на огромниот потенцијал на својот сеопфатен пристап, ЕУ мора да се справи со следниве пет парадокси.

Првиот парадокс е што ЕУ се стреми да ги локализира своите мисии, но најчесто добива поддршка само од политичките елити. Ова може да биде проблематично, особено во земјите во конфликт, каде што легитимитетот на националните лидери е оспорен и каде што јазот помеѓу елитите и луѓето на терен е огромен. Дозволата од националните елити е важна, но добивањето поддршка од граѓаните и од организациите на терен е од суштинско значење. За вистинска локализација на мисиите е потребно многу повеќе од дозвола од националните лидери. За тоа е потребна тесна соработка во текот на мисиите.

Вториот парадокс е што ЕУ се обидува да биде сензитивна во својот одговор на кризата, но нејзината интервенција не се заснова на длабинска анализа на локалната динамика и причината за конфликтот. Оттука, одговорот не е приспособен на потребите на локалното население. Наместо тоа, одговорот на ЕУ во голема мера е изработен во Брисел, врз основа на ограничени консултации со оние чии права ЕУ сака да ги заштити или промовира. Ваквата интервенција може да донесе контрапродуктивни резултати.

Третиот парадокс е што европскиот одговор на кризите е воден од побарувачката, при што потребите на населението што живее во конфликтните зони се сметаат за приоритет. Меѓутоа, практиката покажува дека интервенциите често се засноваат на понудата, односно дека реакциите најчесто се водат од интересите на ЕУ. Унијата интервенира со сопствени ветувања, како на пример изградба на државната власт или спречување на миграцијата, кои често или се непотребни или едноставно не се приоритети за луѓето на терен.

Четвртиот парадокс е што напорите на ЕУ за изградба на државата и мирот најчесто завршуваат со милитаризиран пристап. Во земјите што ги проучувавме, како Авганистан, Ирак и Мали, ЕУ се обидува да изгради капацитети на државите да се справат со разни вооружени групи. Но со својот сѐ помилитаризиран одговор, таа не успева да ги справи со клучните причини за конфликтите и да ги зголеми шансите за наоѓање политичко решение и помирување.

Петтиот парадокс е дека ЕУ, иако проповеда долгорочни решенија и се обидува да изгради одржлив мир, таа спроведува краткорочни решенија за конфликтите. Ова се случува, на пример, кога ЕУ го јакне безбедносниот апарат, а не бара длабоки промени во начинот на кој е раководена државата.

Слично, милитаризираниот пристап од четвртиот парадокс може да обезбеди одредена стабилност некое време, но на подолг рок, државите со ограничен легитимитет може да се соочат со уште поголеми предизвици и нестабилности.

Гореспоменатите парадокси се клучните причини поради кои влијанието на ЕУ е ограничено. Тие се идентификувани во нашето истражување во Авганистан, Ирак и во Мали, но можат да се најдат и во други контексти. Исто така, важно е да се забележи дека ЕУ не е единствената што се мачи со таквите парадокси. Многу други меѓународни мисии честопати страдаат од истите недостатоци.

ЕУ треба да вложи напори за да се справи со парадоксите. Важна е соработката меѓу локалните актери и дизајнерите на мисиите, кои треба да се засноваат на локалните потреби. Исто така, треба да се размислува долгорочно. Некои активности може да се фаворизираат краткорочно, но ЕУ мора внимателно да размисли какви последици ќе имаат тие на долгорочен план.

Авторот е истражувач на Норвешкиот институт за меѓународни односи