Она што е лошо за Вашингтон не значи дека е поволно за Пекинг, пишуваат Сет Г. Џонс и Џуд Бланшет за „Форин аферс“

Кинeската сложувалка во авганистанскиот мозаик

Брзото и бурно повлекување на САД од Авганистан и последователната воена победа на талибанците предизвикаа нешто повеќе од една обична радост во Кина. Според кинеските државни медиуми, повлекувањето на САД го означи „последниот залез на империјата“. Министерството за надворешни работи на Кина изјави дека искуството од војната во Авганистан треба да му одржи на Вашингтон лекција за „непромислените воени авантури“. Некои во Пекинг дури тврдеа дека Кина ќе успее таму каде што САД не успеаја. Така, дури Џоу Бо, пензиониран висок офицер во кинеската Народноослободителна армија за „Њујорк тајмс“ порача дека „Авганистан долго време важеше за гробишта на освојувачите, од Александар Велики, Британската Империја, Советскиот Сојуз, па сè до САД. Кина сега влегува во државата, но не е вооружена со бомби, туку со градежни планови и со шанса да докаже дека проклетството може да се разбие“.
Триумфализмот во Пекинг предизвика страв во САД дека Кина ќе профитира од променливиот стратегиски пејзаж во Централна Азија. Но кинеските лидери се длабоко загрижени за новиот поредок во Авганистан, кој може да ја загрози стабилноста на регионот и да овозможи теророт на џихадистите да се прелее во проблематичните западни региони на Кина, каде што живее големо муслиманско население. Заедно со другите авганистански соседи, Кина сега мора да зависи од талибанците за стабилизирање на распарчената и насилна земја, кои немаат многу добро искуство во управувањето, дури и во руралните области што ги контролираа во изминатите неколку години. За да бидат работите уште полоши, економијата на Авганистан крахира и ќе се бори да закрепне без огромна меѓународна помош, вклучувајќи и од Кина.

Ваквата неизвесност ќе ги влоши долгогодишните стравови на Пекинг за транснационалните екстремистички врски меѓу Авганистан и Синџијанг, автономниот регион во западна Кина, каде што Владата смести повеќе од милион муслимански Ујгури. Тоа, исто така, ќе ја зголеми загриженоста за регионалната стабилност, особено во пресрет на 20-от конгрес на Кина закажан за идната есен, кога кинескиот лидер Си Џинпинг ќе се бори да добие трет мандат како генерален секретар на Кинеската комунистичка партија (ККП), покрај досегашната практика од два петгодишни мандати. Кризата во Авганистан може да ги тестира односите на Кина со Русија и со Пакистан, бидејќи сите три држави се обидуваат да влијаат врз талибанците и се борат да се справат со пропадната држава и последователната хуманитарна криза во нивното соседство. Додека Пекинг го оценува постамериканскиот пејзаж во регионот, ризиците поврзани со излезот на САД се поголеми од можните придобивки. Ако Кина ги прифати талибанците, тоа ќе биде така затоа што нема избор. Пекинг сега се соочува со пропаднатиот Авганистан на нејзината западна граница, зголемени тензии со Индија на југозапад, нестабилен и агресивен партнер во Северна Кореја на североисток и ескалација на ривалството со САД, особено во Тајванскиот Теснец. Владата на Си копнее за стабилност и предвидливост, но по повлекувањето на САД од Авганистан, најверојатно нема да го добие ниту едното ниту другото.

Наследство на хаос

Краткорочните цели на Пекинг во Авганистан се релативно јасни. На врвот на листата е талибанците да воспостават меѓународно признаена влада. Само откако ќе воспостават контрола врз целиот Авганистан, талибанците ќе можат да ги исполнат очекувањата на Пекинг „да ги прекинат врските со сите терористички групи и да живеат во добри односи со другите земји, особено со нивните соседи“, како што порача портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, на почетокот на овој месец. Кинеските лидери нагласија дека очекуваат новата влада да биде „инклузивна“, но нивната посуштинска цел е консолидирано владеење, внатрешен закон и ред, како и безбедност на границите, без оглед на тоа како талибанците ги постигнуваат овие цели. Пекинг се чини дека има фрлено око на авганистанските минерални наоѓалишта вредни околу една илјада милијарди долари, кои вклучуваат железо, бакар и литиум. Американските и западните компании главно се држеа настрана од напорите за екстракција поради ризиците, но Кина можеби ќе ја искористи својата огромна армија од државни претпријатија и владино поддржани субјекти за да ги искористи овие ресурси. Но пред Пекинг да ја реализира која било од овие цели, ќе мора да се справи со заканите што потекнуваат од Авганистан, а главната опасност е можното џихадистичко засолниште на западната кинеска граница, која веќе е под терористички ризик.

Особена загриженост за Кина е присуството во Авганистан на неколку стотици борци од Исламското движење Источен Туркистан (ЕТИМ), кое сака да формира држава на Ујгурите во Синџијанг. Според процените на Советот за безбедност на ООН, оперативци на ЕТИМ соработуваат со голем број локални џихадистички организации, вклучувајќи ја и Ал каеда. Пекинг веќе побара гаранции од талибанците да не ѝ дозволат на групата да дејствува во и од Авганистан, но тие може да не успеат да ги испорачаат поради воената и хуманитарна криза, како и поради блиските врски со други џихадистички групи, како што е централното лидерство на Ал каеда, но и нејзината филијала на Индискиот Потконтинент. Покрај тоа, талибанците имаат блиски врски со други милитантни групи во регионот. Кина веќе доби закани за напад од групата Исламска држава-Корасан, која, меѓу другото, им е непријател на талибанците и располага со значителни воени капацитети.

Неостварлива стабилност

Иако кинеските разузнавачки служби станаа пософистицирани, Пекинг сè уште не располага со капацитети на терен и мрежи што се потребни за ефикасно дејствување во Авганистан. Покрај талибанците, Кина ќе мора да го натера и Пакистан да го стабилизира Авганистан и да спроведе поефикасна противтерористичка кампања против групите како ЕТИМ, што е тешко поради ограничените капацитети на Исламабад.
Влошената економска состојба на Авганистан исто така може да ги спречи кинеските напори за стабилизација. Државата се бореше со економски проблеми уште пред талибанците да ја преземат контролата, по што меѓународната заедница реши да го замрзне авганистанскиот капитал и привремено да ја запре клучната странска помош. Да биде уште полошо, драстично се зголемија цените на основните производи, а Авганистанците беа принудени да чекаат во редици за да извадат готовина од банките. Пекинг вети, а талибанците очекуваат, значителни суми на хуманитарна и развојна помош. Со оглед на сериозната економска состојба, дури и Кина нема доволно пари да му помогне на Авганистан. Таа несомнено ќе продолжи да ги спроведува своите проекти од широката инфраструктурна програма „Појас и пат“, но неповолните политички и безбедносни услови ги уништија претходните кинески инвестициски напори. Крупните инвестиции не можат успешно да се спроведат додека државата нема стабилна влада, но тоа не може да се оствари сè додека Авганистан не добие поголеми инвестиции, без разлика дали ќе бидат од Кина или од други места.
Токму оваа дилема објаснува зошто, и покрај заладените односи меѓу САД и Кина, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји неодамна му рече на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека Вашингтон мора да соработува со меѓународната заедница за обезбедување помош во Авганистан. Распадот на Авганистан се случи во многу неповолен момент, а американското повлекување од Авганистан отвора нови неизвесности и не е јасно дали Си има средства за ефикасно да ја менаџира состојбата, а градењето на авганистанската држава под талибанско владеење ќе бара одреден степен дипломатски финеси, прагматизам и трпеливост.

Краток меден месец

Фактот што Пекинг се соочува со нови предизвици како резултат на американското повлекување од Авганистан, не мора да значи дека Вашингтон ќе има корист од тоа. Индија, која е еден од најважните партнери на САД во Индопацификот, смета дека победата на талибанците е голема закана што најверојатно ќе ги влоши нејзините веќе влошени односи со Пакистан. Откако го загуби својот сојузник во Кабул, Индија се грижи дека Авганистан ќе стане засолниште за антииндиските терористички групи, така што ќе мора да насочи поголем дел од својот дипломатски и воен капацитет на северозападната граница. Всушност Кина, а не САД е таа што се соочува со најголем степен на неизвесност по нивното повлекување од Авганистан. Во Источна Азија, САД се подготвуваат да го зголемат военото присуство и да ги продлабочат односите со Јапонија, Јужна Кореја и Тајван, како дел од прегледот на американското министерство за одбрана за глобалната позиција. Кина наскоро може да биде преобременета додека се соочува со нови и наследни предизвици од сите страни. Повлекувањето на САД од Авганистан би можело да го запре Пекинг токму во моментот кога треба да се фокусира на ескалација на конкуренцијата на Исток. Медениот месец на Кина по повлекувањето на американската војска од Авганистан, со други зборови, може да заврши уште пред неговиот почеток.