Патниците што резервирале летови што потоа биле одложени или откажани поради пандемијата се надеваат дека ќе си ги вратат парите од авиопревозниците. Компаниите, пак, сметаат дека државите ќе застанат на нивна страна, а не на патниците

Кога пандемијата ги принуди државите на карантински мерки, Раул-Петру Хрениук (35) беше на патување во Монголија и мораше да се бори за да најде начин да се врати дома. Наставникот по англиски јазик од Романија брзо договори повеќе летови, најпрво кон Берлин, а потоа кон Букурешт. Но само неколку часа пред да се качи на првиот авион во Монголија, Хрениук од „ЛОТ Полиш ерлајнс“, авиопревозникот за вториот дел од патувањето, доби порака дека летот е откажан.
Тој се јави на бројот за поддршка на патници, но не доби никого.
– Се исплашив да не заглавам во Германија, па на крајот закажав лет со друга авиокомпанија – вели тој.
Кога на крајот Хрениук се врати дома, тој побара од ЛОТ да му ги врати парите. Но по многу игнорирани имејлови и безброј часови поминати во обиди да го добие центарот за поддршка на патници, Хрениук реши да контактира со компанија за поврат на средствата.

Ограничувањата на патувањата за време на пандемијата ги погодија глобалните авиокомпании не само со проценети загуби во вредност од над 300 милијарди долари, според Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај, туку и ги оставија со огромни долгови кон патниците.
ЛОТ, државна полска авиокомпанија, вели дека сега се соочува со барање за враќање на парите од 271.000 патници, откако откажа 39.000 лета од март.
Компанијата со седиште во Варшава превезува еден милион патници годишно на 120 светски дестинации. Како и многу други превозници, ЛОТ мораше да прекине најголем дел од летовите помеѓу март и јуни 2020 година.
Додека владите се обидуваат да спречат банкротирање на авиокомпаниите, правата на патниците во голема мера се игнорираат.
Оштетените патници, преку групна тужба во САД и тужби поднесени од „Флајрајт“ во Европа, се надеваат дека ќе си ги вратат парите од неколку авиокомпании, вклучувајќи ги ЛОТ, „Луфтханза“ и „Рајанер“.

Засега, законот наметнат врз авиокомпаниите среде пандемијата на ковид-19 е на страната на Хрениук. Во март 2020 година, Европската комисија донесе одлука авиокомпаниите да понудат целосно враќање на средствата за откажаните летови ако патниците не сакаат да ги презакажат патувањата или да добијат ваучери. Без разлика дали авиокомпаниите едноставно ги игнорираат побарувањата за поврат, ги отфрлаат или само се подготвени да понудат ваучери или презакажување, тие постапуваат спротивно на регулативата на комисијата.
– Во секој од овие случаи авиокомпаниите ги користат своите клиенти како позајмувачи – вели Оскар де Феличе, правен стратег од „Флајрајт“, германска компанија за управување со поврат на средства на оштетените патници.
Патниците користат компании „Флајрајт“ како нивните правни застапници во споровите со авиокомпаниите. За надомест еднаков на 20-30 отсто од побараните средства, „Флајрајт“ им помага да преговараат за поврат и компензација за летовите што биле одложени или откажани.

За компаниите, забраните за патувања поврзани со коронавирусот досега доведоа до повеќе од 20.000 побарувања за поврат на средствата во вредност од над 22 милиони долари, според податоците на „Флајрајт“. Некои од нивните клиенти веќе со месеци чекаат наплата од ЛОТ. Авиокомпанијата признава дека процесирањето на барањата за поврат на средства може во моментот да трае од три до четири месеци. Полската авиокомпанија соопшти дека тие постојано обработуваат нови барања.
– Ги правиме сите напори да го забрзаме процесот – велат од компанијата.
Но коментарите на стотици фрустрирани патници на фејсбук-профилот на авиокомпанијата покажуваат друга слика. Ленарт Тас од Хаг во Холандија е еден од нив. Тој чека на поврат на парите повеќе од два месеци. Тој резервирал 19 лета за група пријатели од Амстердам до Киев и назад и сите биле откажани во април.
– Ми должат 5.000 евра – нагласува Тас, кој резервирал преку „Буџетер“, посредничка веб-страница, која сега се обидува да ги врати парите од ЛОТ.
Од „Флајрајт“ велат дека во некои случаи ЛОТ одбила да ја преземе одговорноста за билетите купени преку такви посредници.
– Од правна гледна точка, ова е погрешно – вели Де Феличе од „Флајрајт“, додавајќи дека авиокомпанијата е договорниот партнер на патникот и затоа е одговорна за поврат на средствата.

Огромните загуби во глобалната авиоиндустрија се голема загриженост за владите, кои решија да спасуваат или да национализираат многу превозници наместо да ги остават да пропаднат. Според анализата на „Фич рејтингс“, европските авиокомпании добија над 25 милијарди евра државна помош само од март досега. Хју Шим, аналитичар во „Фич“, вели дека повеќето авиокомпании имаат средства за да ги враќаат парите, но стравуваат дека ќе се соочат со огромен број барања.
Барања за враќање на средствата нема само во Европа. Во САД, сенаторите проценија дека авиокомпаниите треба на клиентите да им вратат околу 8,8 милијарди евра. Иако досега нема такви процени за целата индустрија во ЕУ, Шим смета дека европските авиокомпании може да имаат слични обврски кон своите патници.
Но авиокомпаниите се чувствуваат уверено откако владите на 12 земји од ЕУ застанаа на нивна страна и се обидоа да суспендираат клучна регулатива што ги обврзува авиокомпаниите за враќаат пари. Дури и германскиот министер за заштита на потрошувачите Кристијан Кастроп се изјасни против регулативата за заштита на правата на патниците. Тој нагласи оти државната помош за авиокомпаниите не мора да биде поврзана со нивната обврска да враќаат пари во рок од седум дена, во согласност со регулативата. Тој предупреди за штетните ефекти врз авиокомпаниите, вклучувајќи и голем број загуби на работни места.

– Никому не му помага ако погодените патници бараат да им се вратат парите, а авиокомпаниите банкротираат како последица од тоа – изјави министерот.
Комисијата на ЕУ, сепак, не сака да ги напушти правата на потрошувачите и поведе процедури за прекршување на регулативата против Италија и Грција. Земјите прекршители ризикуваат судски постапки и финансиски казни. Двете посочени земји им овозможија на авиокомпаниите да понудат ваучери наместо да враќаат пари за откажаните летови. Од комисијата велат оти нема да се колебаат да преземат понатамошни чекори ако земјите-членки не ги почитуваат правата на патниците.
Хрениук, кој чекаше повеќе од три месеци, имаше среќа да ги врати своите пари за купените билети. Полска, сепак, беше гласна во барањата до Европската комисија да го суспендира правото за поврат на средства, откако ЛОТ откажа 90 отсто од летовите. Компанијата се соочува со побарувања за наплата, но и со тужби и од САД.

Истовремено, еден од оштетените патници, Тас, забележал дека полската државна агенција што е задолжена за ЛОТ во мај регистрирала нов разгранок под истото име, односно втор „ЛОТ Полиш ерлајнс“. Новоформираниот ЛОТ неодамна аплицирал за сертификат со кој му се дозволува употреба на авиони за комерцијална намена. ЛОТ го потврди постоењето на новата подружница што бара вакви дозволи. Тас стравува оти компанијата можеби размислува за банкрот. Правниот експерт Де Фелче од „Флајрајт“ вели дека ова ќе предизвика бесконечна постапка.
– За многу патници, банкротот ќе биде најлошо сценарио, зашто тогаш клиентите никогаш нема да ги видат своите пари – вели тој.
Во меѓувреме, од ЛОТ негираат дека авиокомпанијата планира контролиран банкрот.