Иднината до вчера беше мрачна и за слободниот пазар и за демократијата, но сега со мали промени двете може да бидат изведени на прав пат

Светот можеби достигнува опасна точка на пропаѓање на либерализмот. Според последните извештаи на „Фридом хаус“, во текот на последните 15 години, уделот на неслободните земји во светот се зголеми, додека уделот на слободни земји се намали. Денес, владините дефицити се зголемуваат како одговор на барањето на јавноста за интервенција за да се ублажи економското влијание на пандемијата на коронавирусот, а некои предупредуваат дека авторитарните лидери ја користат можноста за да ја засилат својата контрола.
Сепак, ова може да биде време на нов подем на либерализмот, а не на негов пад. Нова студија на економистите на Светска банка, врз основа на податоци од 190 економии во последните 15 години, открива дека фискалните кризи, какви што создаде пандемијата во земјите во светот, веројатно ќе поттикнат либерални реформи, особено во економската политика во сферите на имотот, инвестициите и трговијата.

Како ќе дејствуваат либералните поддржувачи на оваа искра надеж ќе биде клучно. Напорите по Студената војна за ширење на либералната демократија се разочарувачки. Наместо крај на историјата, како што предвидуваше Френсис Фукујама во 1989 година, пренесувањето на знаењето и промовирањето на либералните институции во другите земји предизвика распространетост на омразата кон западните влијанија. Сепак, ситуацијата е уште посложена. Политичките научници Иван Крастев и Стивен Холмс неодамна тврдеа дека таа огорченост не треба да ја сфаќаме како отфрлање на либерализмот сам по себе, , туку како огорчена реакција на перцепцијата дека тој е наметнат.
Која е лекцијата тука? Либералите мора да престанат да сметаат дека либерализмот е нивен и дека треба да го пренесат. Наместо тоа, тие треба да го прифатат либерализмот како универзален идеал, кој има корени во многу различни традиции и култури. На таквите темели може да се градат трајни либерални институции на различни места.

Потребни се огромни истражувања за институционалните промени. Има една изрека дека луѓето го поддржуваат она што помагаат да се создаде. За либералните институции да фатат корен на нови места, тие не смеат да бидат само копии на институциите што се развија на друго место. Западните либерално-демократски институции, вклучувајќи ги и поделбата на власта, правата на сопственост, слободата на размена, слободниот говор и јавното размислување, се дистинктивни верзии на либералните идеали, но не и самите идеали. Тие се успешни, но тие сѐ уште се развиваат. Тие се достојни за внимателно анализирање, но тие не се соодветни за франшиза.
Ова треба да предизвика тектонска промена во пристапот на странска помош за развој. Сѐ поголем број гласови во развојните кругови се обидоа да го сторат токму тоа. Тие се залагаат за агенда на „локализација“, што значи намалување на улогата и влијанието на странските влади и невладините организации и стеснување на нивниот фокус на неколку области каде што тие се посоодветни за помош, како што се размена на информации и обезбедување оперативна поддршка за локалните невладини организации да го зголемуваат нивниот капацитет за самите да ја предводат промената.

Со распространето затегнување на ременот во развојниот сектор како резултат на пандемијата на коронавирусот, вклучувајќи и кај поголемите институции, ваквата радикална промена стана замислива, можеби дури и неминовна, на начин на кој не би се замислувал пред една година. Ова може да обезбеди краток прозорец за трајно ограничување на непотребното влијание на надворешните фактори на прашањата за локален развој.
Тоа не треба да сугерира чист агностицизам за тоа што треба да се поддржува во странство. Либералните реформи и либералните институции треба да останат приоритет. Истата логика што ги фали федерализмот и неговите принципи на супсидијарност важи еднакво за развојната работа во други земји: Децентрализацијата функционира. Но ако странците продолжат да ја предводат, дури и ненамерно, нивните напори ќе продолжат да шират незадоволство и, што е уште поважно, да не успеат да ги задоволат локалните потреби.

За максимален ефект, треба да се свртиме кон приватна филантропија за повеќето грантови за странски невладини организации. Доброволната невладина филантропија е помалку подложна на нарушувања од посебен интерес и политичка манипулација. Еднакво важно, приватната филантропија може да биде помалку ригидна во однос на претходно утврдените барања за усогласеност.
Ваквата флексибилност е важна. Некои организации во изминатите неколку години помагаа политички институти и други невладини организации, а истовремено молчеа и слушаа. Примачите на грантови беа поканети да кажат што е можно, што е важно, како ќе го сторат тоа и што е најважно, како ќе го мерат значајно нивниот успех за проектите што ги предлагаат.
Тој модел најдобро одговара со она што го знаеме за дифузијата на добри идеи и практики. Во својата студија за „Регулаторните реформи по ковид-19“, економистите на Светската банка исто така откриле дека државите што делат граници или кои силно тргуваат едни со други, поверојатно ќе ги усвојат за себе реформите на нивните соседи и трговски партнери. Тие со свои очи гледаат успеси и неуспеси во соседните земји и можат, на своја иницијатива, сами да одлучат какви промени треба да извршат и како најдобро да го сторат тоа.

Децентрализираниот либерализам е внимателна стратегија за навигација во време на голема неизвесност. Годинава ги видовме границите на централизираните модели. Од центрите за превенција и контрола на болести до даночните служби, на национално ниво, и од Светската здравствена организација до Обединетите нации, на глобално ниво, големите институции потфрлија. Тоа само потсетува дека има многу реални ограничувања во однос на видовите проблеми што далечните власти можат да ги решат, без оглед колку добро се финансирани или обучени.
Рано во оваа криза, милијардерот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, инвестираше милијарди долари во седум различни потенцијални вакцини истовремено знаејќи дека, во најдобар случај, една или две може да функционираат. Гејтс знае каква голема грешка може да направи ако се обложи само на едно недокажано решение. Не само што ги зголемува ризиците за грешка туку и сериозно ги ограничува сите можности за учење, бидејќи нема алтернативни резултати за споредба.

Либералните економии, со нивното претпоставено децентрализирано одлучување, овозможуваат брзо дејствување, распространето, некоординирано експериментирање и учење. Тој модел ги користи предностите на централизираното знаење и експертиза, но исто така ги интегрира дисперзираните знаења што другите ги имаат за нивните индивидуални околности. Луѓето блиски до проблемите можат да најдат решенија што всушност функционираат, многу побрзо пред некоја голема и далечна бирократија.
Нашиот инстинкт, кога се соочуваме со страв и неизвесност, е да ги префрлиме тешките одлуки на експертите и да инсистираме на едно истоветно, и веројатно „најдобро“ решение за нашите различни проблеми. Експертите играат важни улоги во собирањето и ширењето на знаењето, но тие не можат да знаат доволно за успешно да изнесат едно одлично решение за сите. Тоа е лекцијата што треба да се научи од неуспешниот обид да се инсталираат либерални демократии во целиот свет. Во овој момент на криза, сега има втора шанса да се направи тоа како што треба. Време е да се продолжи со создавањето на историјата.