Новата генерација дронови со вештачка интелигенција може да се користат за страшни цели од страна на опасни држави, криминални групи и психопати, велат Вивек Вадва и Алекс Салкивер од „Форин полиси“

Нова технолошка сензација со вештачка интелигенција

Ако некогаш беше научна фантастика во филмовите суперроботи да убиваат човечки цели, денес тоа не само што стана реалност туку и ваков вид автономни убиствени дронови се продаваат и користат на бојното поле. Новиот турски кваткоптер „Каргу 2“ наводно може автономно да следи и убива човечки цели врз основа на фацијално препознавање и вештачка интелигенција, што е голем технолошки скок од обичен рој на дронови, со кој управува човек на далечина. Во еден извештај на Советот за безбедност на Обединетите нации се наведува дека „Каргу 2“ бил користен во Либија за да се зголемат автономните напади на човечки цели. Според извештајот, дронови од овој вид ловеле логистички и воени конвои и „напаѓале цели без да постои поврзаност меѓу операторот и муницијата“.

Лесна достапност

Растечката достапност и брзото проширување на капацитетите на дроновите претставуваат сериозни предизвици за човештвото. Прво, освен ако не се согласиме да ги запреме нивниот развој и дистрибуција, наскоро секој ќе може да дојде до автономните убиствени дронови како „Каргу-2“ и да управува со нив, од опасни држави до помали криминални банди и психопати. Второ, рој на дронови може да ја онеспособи одбраната од терористички закани распоредена во технолошки напредните нации. Трето, при создавањето потешка нова асиметрија во војувањето, автономните убиствени дронови се закануваат да ја нарушат рамнотежата на силите што инаку го одржува мирот во различни региони. Не е изненадување тоа што на пазарот се достапни и брзо се шират роботски убиствени дронови. Бидејќи дронот во суштина е паметен телефон со ротори, денешните достапни комерцијални дронови во голема мера се нуспроизвод на брзиот развој на технологијата за паметни телефони. Ваквите дронови веќе нудат нови можности, како испорака на производи и лекови директно до вашиот праг. Но ако во дроновите се вградат опции за фацијално препознавање со вештачка интелигенција, тие стануваат моќни оружја достапни за инфериорни деспоти, терористи, тинејџери за дел од цената на скапите дронови на американската војска. Освен ако не се преземат конкретни чекори за да се спречи ваквиот развој на настаните, тогаш инструкциите како евтините дронови да се претворат во убиствени машини во блиска иднина ќе бидат лесно достапни на Интернет.

Употреба на вештачка интелигенција

До денес, вештачката интелигенција потешко обезбедуваше прецизна идентификација на предмети и лица на теренот. Алгоритмите лесно се збунуваа кога сликата малку се менуваше со додавање текст. Временските фактори, како магла, дожд, снег и силно светло, значително може да ја намалат прецизноста на системите за препознавање што користат вештачка интелигенција. Ова може да ѝ овозможи на одбраната од дронови да користи релативно лесни противмерки за да ги ограничи сегашните системи за препознавање. На актерите на кои не им се важни колатералната штета и невините жртви, прецизноста не им игра улога, бидејќи нивните дронови во секој случај може да бидат програмирани да убиваат.
Секоја одбрана од дронови што цели на поединечни цели не го спречува нивното распоредување како нови оружја за масовно уништување. Рој дронови опремени со експлозиви што може да бомбардираат спортски настани или урбани населби тешко се спречуваат и може да убијат огромен број лица. Разни компании сега продаваат системи со противмерки за дронови со разни стратегии, а напредните војски веќе употребуваат електронски противмерки за да ги спречат контролните системи на дроновите. Но досега дури и соборувањето на еден дрон е вистински предизвик. Иако Израел неодамна претстави импресивен ласер за уништување дронови, сепак соборувањето на цел рој дронови е надвор од нашите капацитети.

Кој е прв на удар?

За една група што има цел да предизвика значителна штета, автономните дронови отвораат ново поле на можности. Ако се замислат напади на 100 различни локации во еден ден, тогаш ефектите од терористичките напади на 11 септември во САД се ништо во споредба со тоа. Иако сите држави се на ризик од напади на убиствени дронови, сепак жртви во првиот бран на вакви напади би биле посиромашните земји чии граници се порозни и имаат слабо спроведување на законот. Во Сирија, бунтовничките групи употребија дронови како асиметрично оружје против руското оружје, уништувајќи мултимилионски тенкови со евтини дронови. Но ризикот од дроновите да завршат во рацете на злонамерни актери и да се употребат како оружје со крајно непрецизно масовно уништување ја надминува воената предност во герилското војување. Технологијата на дроновите е глобален проблем, кој човештвото треба заеднички да го реши. Во филмовите, убиствените роботи на крајот се уништуваат, но во реалноста постојано ќе се бориме да се ограничи вештачката интелигенција само на конструктивна употреба. Нејзината примена во убиствените дронови е само првото, кратко поглавје во долгата книга за вештачката интелигенција како причинител на хаосот. Како ќе одлучиме да реагираме за да ја затвориме таа книга, така ќе се отвори патот кон иднината што ја посакуваме за нашите деца.