Коронавирусот лани му нанесе значителен удар на меѓународниот автомобилски пазар. Бројот на новорегистрирани патнички автомобили во 27-те членки на Европската Унија (ЕУ) опаднал за околу 24 отсто во 2020 година во споредба со претходната. Овие бројки се според германското здружение на автомобилската индустрија (ВДА). Други големи пазари исто така пријавија двоцифрен пад. Кинескиот пазар загуби најмалку од продажбата, бидејќи тамошниот број на новорегистрирани возила изнесуваше само 6,1 отсто под нивото од 2019 година. Во Германија бројот на новорегистрирани возила опаднал за 19 отсто додека во Франција беше забележан пад од 15 отсто. Италија претрпе уште потежок удар со пад од 28 отсто, а Велика Британија забележа 29 отсто помалку нови регистрации. Шпанија речиси загуби една третина од новорегистрираните возила во споредба со 2019 година. Според ВДА, „забележан е мал напредок во последните неколку месеци“, но сепак повторно во декември продажбата на автомобили во Европа била четири отсто или поточно 1,2 милион единици под нивото од 2019 година.
Кина има најголем удел во светското производство на автомобили, со тоа што токму таму се произведува повеќе од една четвртина од автомобилите во светот. Други важни автомобилски производители се САД, Германија и Јапонија. Во рамките на Европа, најголем дел од патничките автомобили се произведуваат во Германија (околу 4,7 милиони), а веднаш зад неа се Шпанија и Франција.