На површина од 1,6 милион квадратни километри во Тихи Океан се собираат 79.000 тони отпад

Научниците открија дека морски животни живеат во пластичен отпад во област на отворен океан што се нарекува Големата Депонија во Пацификот, наведува Викторија Гил за „Би-би-си“

Глобални последици од загадувањето со пластика

Многу од животните се крајбрежни видови што живеат далеку од нивните вообичаени живеалишта, и тоа во една област што се наоѓа токму на половина пат меѓу Калифорнија и Хаваи. На 90 отсто од остатоците од тамошниот отпад што плови на површината од водата се пронајдени растенија и животни, вклучувајќи анемони, ситни морски бубачки, мекотели и ракови.
Научниците се загрижени дека пластиката може да помогне во пренесувањето инвазивни видови. Во нивната студија беа испитувани пластични предмети со дијаметар поголем од пет сантиметри што беа собрани од вител, поточно област во Тихи Океан каде што кружните водни струи предизвикуваат да се собираат остатоци од отпад.

Океанските витли како депонии

Водечката истражувачка д-р Линси Харам, која ја спроведе студијата во центарот за истражување на животната средина „Смитсонијан“, истакна дека пластиката е потрајна од многу природни остатоци од отпад што можат да се забележат на отворен океан. Таа додаде и дека токму пластичниот отпад создава потрајно живеалиште во таа област. Д-р Харам работеше со Институтот за океански патувања, кој е добротворна организација што собира пластичен отпад во рамките на пловечки експедиции и со океанографите од Хавајскиот универзитет во Маноа.
Во светот постојат најмалку пет витли во кои се собира пластичен отпад. Се смета дека токму овој во Тихи Океан содржи најмногу пластика, и тоа околу 79.000 тони во област што се протега на повеќе од 1,6 милион квадратни километри.
– Секакви работи завршуваат во таа област во океанот. Не станува збор за остров од пластика, меѓутоа дефинитивно има големо количество отпад што се собира таму – рече д-р Харам.

Остатоци од отпад уште од разорното цунами од 2011 година

Голем дел од отпадот во океаните е микропластика што многу тешко се забележува со голо око. Покрај тоа, присутни се и поголеми предмети, вклучувајќи и фрлени рибарски мрежи, пливки, па дури и остатоци од пловни објекти, кои се собрани во вителот уште од јапонското цунами во 2011 година. Истражувачите, кои ги објавија своите наоди во списанието „Нејчр комјуникејшнс“, првично започнаа со истрага по разорното цунами. Катастрофата предизвика тони отпад да бидат исфрлени во Тихи Океан, а стотици крајбрежни јапонски морски видови беа пронајдени како живеат на предмети што завршуваа на бреговите на северноамериканскиот брег на Тихи Океан и на Хавајските Острови.
– Сакаме да откриеме како со помош на пластиката може да се пренесат инвазивните видови до бреговите – изјави д-р Харам за „Би-би-си“.
Некои од организмите што истражувачите ги пронајдоа на пластичните предмети што ги испитуваа беа видови што живеат на отворен океан, односно организми што преживуваат со „прикачување“ на пловечки отпадоци. Но откритието што најмногу изненади, според д-р Харам, е разновидноста на крајбрежните видови што беа забележани на отпадната пластика.
Научниците рекоа дека откритието истакнува уште една „ненамерна последица“ од загадувањето со пластика што претставува проблем што само се очекува во иднина да расте. Една претходна студија проценува дека до 2050 година ќе бидат создадени вкупно 25.000 милиони тони пластичен отпад.

Подготвиле: Дејан Србиновски; Билјана Здравковска