Лагос се жали зашто нема да добива дневен надомест од европарламентот од 323 евра

Јоанис Лагос е еден од челниците на Златна зора, кои во Грција беа осудени на затворски казни поради водење криминална организација. Сепак, тој сѐ уште не е зад решетки зашто ужива имунитет како европратеник, а згора на тоа и зема плата од ЕУ

ЕВРОБИРОКРАТСКИ НЕБУЛОЗИ

Грчки суд минатиот месец ги осуди лидерите на неонацистичката партија Златна зора на казна затвор до 13,5 години за „водење криминална организација“.
Повеќето од нив веќе се предадоа, но случајот со европратеникот Јоанис Лагос се чини дека е заглавен во бирократијата во Брисел бидејќи за да биде уапсен треба да му се укине имунитетот.
Прво, грчките власти треба да побараат одземање на неговиот имунитет. Откако ќе ги испратат потребните документи, правните служби на парламентот го оценуваат барањето. Откако ќе се даде зелено светло од страна на правните служби, претседателот Давид Сасоли го најавува барањето за укинување на имунитетот на пленарна седница. Потоа, комисија поведува соодветна постапка, што подразбира сослушување и тајно гласање со физичко присуство. Но во моментот комитетот не може да одржи состанок поради ковид-19 и тој бара решение од правните служби.
Лагос, пак, продолжува да прима плата како европратеник. Сепак, според „ЕУ обсервер“, тој е незадоволен зашто нема да го добие дневниот надомест од 323 евра од Европскиот парламент.
– Не е фер да бидеме лишени од дневните надомести – оценил Лагос во електронска пошта испратена до административното раководство на Европскиот парламент.
Неговата жалба следува по одлуките на парламентот за прекинување на дневниот надомест за повеќето европратеници поради ковид-19. Тие средства европратениците ги добиваат само ако физички се присутни во зградата на Европскиот парламент во Брисел или во Стразбур. Но во меѓувреме е донесена одлука да се затвори централниот регистар за присуства за ноември за да се минимизира ризикот од коронавирусот. Но Лагос смета дека надоместот треба да се исплати, предлагајќи систем со електронски потпис како алтернатива или поставување „централен регистар на места без ковид-19“.

Лидерите на Златна зора беа осудени на долгогодишни затворски казни во Грција

Освен фиксниот дневен додаток од 323 евра, европратениците имаат право на 4.563 евра секој месец за да ги покријат таканаречените општи трошоци, како канцелариски материјали. Ова се додава на нивните плати и, во многу случаи, на нивното второ или трето работно место во приватниот сектор. Целосната месечна сума се плаќа доколку тие се појават на седниците на парламентот најмалку 50 проценти од времето.
Но ако присуството е помало, тогаш тие треба да вратат половина од сумата. Сепак, администрацијата во септември одлучи дека сесиите меѓу март и август не треба да се бројат. Тоа значи дека европратениците сè уште ги добиваат сите 4.563 евра секој месец, дури и ако не се појавиле на работа. Евиденцијата за присуство на европратениците се наоѓа во записниците на пленарните сесии.

Податоците за отсуство не се собираат. На прашањето дали може да се обезбедат податоци за тоа колку европратеници отсуствувале барем 50 отсто од времето годинава, Европскиот парламент не беше во можност да одговори. Оттаму велат дека нема прецизни информации зашто повеќето од сесиите во 2020 година се одржувале од далечина. Притоа, нагласуваат оти еден неименуван европратеник требало да врати најмалку половина од месечната сума за 2019 година до почетокот на 2020 година. Лагос, според податоците за присуство на европратениците, го немало на седниците околу десетина дена досега годинава.