Земјите од Истокот може во наредните години да развијат стратегија за нуклеарните сили еднаква на комбинираните американски и руски сили

Четири нови геостратегиски реалности се јавуваат во одбранбените стратегии и оние за контрола на оружјето, вели Питер Хјуси од „Нешенел интерест“

Ниту енергетската криза не го намали апетитот за глобалното вооружување

Четири нови геостратегиски реалности ја предизвикуваат американската стратегија за одвраќање и контрола на оружјето. Тука спаѓаат подемот на нуклеарните сили на Истокот, речиси завршеното руско нуклеарно јакнење, модернизација на нуклеарната одбрана на САД и потребата за одбрана од насочени хиперсонични ракети што може да се управуваат во движење. Прво, нуклеарните сили на земјите од Истокот не се обврзани со некаков договор и може да се зголемат од околу 300 на над 4.000 боеви глави, како и над 55 отсто од руските нуклеарни сили. Второ, почетниот оперативен капацитет за новите нуклеарни платформи на САД и голем дел од новото конвенционално вооружување започнува во 2028-2030 година. Трето, додека Вашингтон изгради многу скромен број пресретнувачи како одговор на балистичките ракети со долг дострел, противниците тврдат дека нивното распоредување во 2003-2004 година ги спречило Русите да воведат забрана за копнени ракети со повеќе боеви глави и ги охрабри Кинезите да почнат да градат повеќе стотици такви проектили. И четврто, сите овие фактори го отвораат прашањето каква идна политика за одвраќање и стратегија за контрола на оружјето треба да ја усвојат САД.

САД доцнат во чекорот зад другите

Американското министерство за одбрана неодамна потврди дека властите на земјите од Истокот планираат изградба на 1.000 боеви глави до 2027-2030 година, иако дури и оваа бројка имплицира дека повеќето од ракетите „дф-41“, кои се распоредени во повеќе од 350 силоси, би имале најмногу една-две боеви глави во споредба со десетте за кои се верува дека проектилот има капацитет. Поборниците за разоружување сега ги обвинуваат САД за јакнењето на другите, повикувајќи се на американската програма за нуклеарна модернизација и распоредувањето на ракетната одбрана од 2003-2004 година, во време на администрацијата на Џорџ Буш Помладиот. Како што објаснува Дејвид Трактенберг од НИПП, ентузијастите за разоружување веруваат во старата мисла, а тоа е дека „Кина само делумно ги проширува своите нуклеарни сили за да располага со одбрана што може да преживее, на пример прв удар на САД, и да возврати во доволен број за да ја порази американската противракетна одбрана“.
Иако САД се согласија да ја забранат ракетната одбрана според Договорот за антибалистички ракети од 1972 година, претпоставувајќи дека Советскиот Сојуз нема да ги достигне американските нуклеарни капацитети, сепак се случи спротивното. Понатаму, како што објаснува Трактенберг, Советите во ваквиот договор на САД увидоа шанса за проширување на сопствената нуклеарна ракетна сила и поткопување на значителен дел од американскиот капацитет за уништување, создавајќи го она што подоцна стана познато како „прозорец на ранливост“ за САД.

Ракетните одбрани клучни за државите

Адмиралот Чарлс Ричард од Стратегиската команда на САД предупредува дека „стратегискиот пробив на источните земји, вклучувајќи го тука и Пекинг, содржи градење капацитети за спроведување на која било веродостојна нуклеарна стратегија“. Командантот на американскиот воен генералштаб, генерал Марк Мајли, исто така порача дека ако „војската на САД не направи темелни промени во наредните 10, 15 или 20 години, тогаш може да се најде на погрешната страна на конфликтот“. Минималната ракетна одбрана на САД не значи дека другите земји треба да развијат арсенал од илјадници боеви глави на кои ќе треба да се одговори. Ова е особено точно со оглед на тоа што, по распоредувањето на ограничената ракетна одбрана од страна на САД во 2003-2004 година за да ги одвратат противничките држави, Русите потоа се согласија, според договорот Старт 1, да ги намалат своите нуклеарни сили од 6.000 боеви глави на 2.200, според Московскиот договор од 2002-2003 година, и до 1.550 според договорот Нов старт од 2010 година. Всушност, поранешниот руски претседател Борис Елцин тврдеше пред Обединетите нации во 1993 година дека САД и Русија заедно треба да распоредат низ светот глобална ракетна одбрана и истовремено да го намалат нуклеарното оружје, став што администрацијата на Реган првпат го изнесе во 1981 година, а го поддржаа и некои важни лидери од администрацијата на Џорџ Буш Постариот.

Договорите за ограничување на оружјето ги променија стратегиите

Клучната одредба во договорот Нов старт што беше отфрлена не беа намалувањата што на крајот беа постигнати преку договорите СОРТ и Нов старт од 2002 и 2010 година. Всушност, беше изоставена забраната за независни копнени ракети со повеќекратни боеви глави со капацитет за насочување (МИРВ), што првпат беше предложено од администрацијата на Реган во голем број директиви за одбрана на националната безбедност. Ваквата забрана беше важна, бидејќи копнени ракети со капацитет за неколку боеви глави остануваат во состојба на готовност. Овие ракети распоредени во силоси се исто така евтини. Во текот на 1970-тите, Советите изградија толку многу копнени ракети од типот МИРВ што можеа да искористат 2.000 боеви глави за да одговорат на сите 1.050 американски интерконтинентални балистички ракети во ракетни силоси и сè уште ќе располагаа со илјадници преостанати боеви глави со кои можеа да им извршат притисок на САД да потклекнат во случај на криза. Клучен фактор беше да се онеспособат американските копнени ракети, бидејќи тие проектили беа единствените со таква прецизност што можеа да одговорат на советските ракети.

Русија има пет-шест стратегиски нуклеарни системи што сега се распоредени или во развој

 

САД сакаа да ја променат таквата нерамнотежа преку комбинација на модернизација на одбраната и контрола на оружјето. Старт 1 и 2 ги намалија советските, а потоа и руските боеви глави за околу 70 отсто, а американското стратегиско модернизирање додаде прецизност во поморската одбрана, го подобри капацитетот за напад на американските бомбардери и им додаде мобилност доколку им беше потребна на копнените ракети. Тие заедно ја намалија ранливоста до степен каде што Русите не би можеле превентивно да ги уништат американските копнени ракетни сили без користење многу висок процент од нивните нуклеарни сили, што би значело нерамнотежа на силите против САД.
Русија под власта на Владимир Путин ја отфрли забраната за копнените ракети МИРВ и сега, дури и ако ги почитуваат договорите СОРТ и Нов старт, имаат огромен пробивен капацитет. Многу од нивните копнени системи имаат капацитет за МИРВ, со ниво на пробивање на распоредени боеви глави што надминува 4.500 под разумни претпоставки. Згора на тоа, Русите имаат пет-шест стратегиски системи што сега се распоредени или во развој, а кои можеби нема да бидат во рамките на Новиот старт.

Варијанти во американската стратегија

Ова ги става САД во дилема. Администрацијата на Бајден прави преглед на својата нуклеарна состојба. Но овие прегледи претежно беа фокусирани на споредба со руската нуклеарна сила, а сега состојбата сериозно се комплицира со шансите на другите земји од Истокот да фати еднаков чекор со нив во однос на нуклеарната стратегија. Вашингтон би можел да распореди дел од своите копнени ракетни сили во мобилен режим и мал дел од интерконтиненталните балистички ракети. Или би можел да распореди многу проширена и цврста вселенска ракетна одбрана, вклучувајќи и насочена енергија, што би можело да ублажи секаков можен превентивен прв удар или разоружување. Исто така би можел да ја прошири својата тековно распоредена сила на стратегиско оружје со посилни МИРВ во поморската одбрана и додавање две боеви глави на секоја ракета од типот „минутмен 3“ или нова копнена ракета за стратегиско одвраќање (ГБСД), како и градење одбрана, конкретно против хиперсонични крстосувачки ракети. Понатаму, би можеле да ги комбинираат офанзивните и одбранбените опции за модернизација со забраната за копнените ракети МИРВ, што во голема мера би ја елиминирало заканата од масовен удар. На една земја ќе ѝ бидат потребни над 1.000 ракети, секоја со поединечни боеви глави, за да ги елиминира копнените сили на САД.
Без разлика дали се обидуваме да спречиме масовен или ограничен напад со користење нуклеарни боеви глави, моќната копнена ракетна сила со една боева глава распространета на голема територија, покрај силната вселенска ракетна одбрана, толку би ги комплицирала пресметките за првиот удар на противникот, што таквиот напад би бил неверодостоен. Ракетната одбрана придонесува за одвраќањето, бидејќи превентивните типови на удари не би можеле да ги постигнат своите цели. Меѓутоа, возвратниот напад не може целосно да се запре, бидејќи повеќе оружја би го пробиле просторот на одбраната.
Каква би можела да биде идната политика на САД? Вашингтон би можел да ја комбинира предложената забрана или ограничувања на копнените ракети МИРВ, со енергична ракетна одбрана во вселената за државата и нејзините сојузници. Системите за насочена енергија и хиперсонична брзина исто така треба да бидат дел од тоа. Рана и ограничена употреба на нуклеарното оружје, како и катастрофален напад, може да се одвратат.