Ако западните држави користеа приватни безбедносни групи како „Блеквотер“ за да ги вршат нивните „валкани работи“ во војните во Ирак и во Авганистан, земјите како Турција и Русија сега користат платеници за да водат војни во нивно име на боиштата во Либија или во Сирија. Сево ова ги усложнува напорите за запирање на конфликтите

Мухамед имал 17 години кога почнала војната во родната земја Сирија. Тој се подготвувал да стекне диплома по инженерство во градот Хомс. Во меѓувреме, Аднан имал 30 години и работел во Хомс како столар. Неговото трето дете штотуку е родено.
Мухамед и Аднан се бореле на различни страни во граѓанската војна во Сирија. Мухамед служел во војската на Башар ал Асад и сакал стабилност, додека Аднан им се придружил на бунтовниците поради својата верба во револуцијата. Двајцата сонувале да живеат во мирна, обединета земја. Сега, девет години подоцна, тие повторно се судираат на фронтовите, но не во Сирија. Двајцата се борат на околу 2.000 километри од дома, во Либија.
Во северноафриканската земја, премиерот Фајез Сараџ се бори против воениот лидер Халифа Хафтар за власт во земјата. Премиерот е главно поддржан од Турција, додека неговиот противник е поддржан од Русија. Аднан ги заработува своите пари како платеник во милитантната мрежа на Сарај, додека Мухамед ѝ се придружил на либиската национална армија на Хафтар.

Приказната за Мухамед и Аднан, двајцата мажи од Хомс, кои сега се борат еден против друг во пустината на Северна Африка, го илустрира трагичниот развој на конфликтот во Сирија. Тоа исто така е лекција за денешното војување.
Сè повеќе, владите што се вклучени во воени судири не се свртуваат кон сопствените сограѓани, туку наместо тоа, се потпираат на странците, кои ги финансираат како платеници. Земјите како Турција, Обединетите Арапски Емирати, Русија и Иран ги игнорираат границите и суверенитетот на другите земји, испраќаат платеници во странски земји затоа што не го сакаат актуелниот режим, затоа што сакаат пристап до природните ресурси или затоа што платениците на нивните непријатели се во овие земји. Тоа е уште еден пример на земји што сакаат да го пополнат вакуумот што го оставија зад себе САД со забрзаното повлекување на своите сили.
Ангажирањето платеници е начин на евтино војување. Регионалните актери можат да водат битка со мал ризик и со релативно ниска цена. Водачите можат да се вклучат во конфликт без да одговараат за жртвите. Самите борци, во меѓувреме, имаат малку заштита заради нивната зависност од нивните финансиери. Платениците се борат во голем број конфликти низ целиот свет, вклучувајќи и во Сирија, Јемен и Либија. Луѓето како Мухамед и Аднан станаа марионети на глобалната политика.

Аднан беше убеден дека Асад може да биде соборен кога ќе се приклучи на дивизијата Хамза, дел од Слободната сириска армија (ФСА), по избувнувањето на војната. Тој, исто така, најде личен успех на бојното поле кога стана командант во дивизијата. Но ФСА продолжи да губи територии и Асад, со помош на Русија и Иран, ги протера бунтовниците во северозападната провинција Идлиб, каде што можеа да преживеат само со турска поддршка.
Во изминатите години, Аднан воопшто не се бореше против Асад и наместо тоа ѝ помагаше на турската армија на претседателот Реџеп Таип Ердоган да ги избрка курдските паравојски од пограничниот регион.
– Ние сме зависни од Ердоган. Мораме да се бориме каде и да посака – вели Аднан.
За Аднан не беше изненадување кога еден турски посредник му донесе нова задача во декември. Имаше задача да собере што е можно повеќе мажи за војната во Либија.
Во тоа време, Аднан не можеше да ја најде Либија ниту на мапата. Кога станува збор за тамошниот конфликт, тој само го знаеше тоа што му го кажаа Турците, односно дека меѓународно признаена влада се бори да се одбрани од воен командант, од „пучист“ и од „терорист“.

Сепак, понудата звучеше привлечно: за секој месец борба во Либија, Аднан требаше да добие 2.000 долари, многу повеќе отколку што заработуваше во Сирија. Во почетокот на јануари, Турците ги префрлија Аднан и 30 соборци со авион на „Туркиш ерлајнс“ од пограничниот град Газиантеп во Либија. Тој леташе првпат во својот живот.
Во Триполи, Сараџ со нетрпение го чекаше пристигнувањето на поддршката. Во претходните месеци, премиерот ја изгуби речиси целата област под негова контрола, со исклучок на главниот град. Платениците на Ердоган се надеваа дека ќе го променат тоа. Според Аднан, тој и неговите луѓе биле сместени во станови во Триполи и добиле оружје и обука од турската тајна служба МИТ, по што биле испратени на фронтот.
Со помош на околу 7.000 сириски платеници и со поддршка од беспилотни летала, Турција успеа да ја промени ситуацијата во либиската граѓанска војна, правејќи го Ердоган индиректен владетел на африканската земја, која ги има најголемите резерви на нафта на континентот. Генералот Хафтар не само што мораше да ја признае загубата на Триполи во изминатите неколку недели, тој исто така беше протеран и од стратегиски важните крајбрежни градови.
Аднан вели оти жали за својата одлука да дојде во Либија. Борбите таму честопати се поинтензивни отколку во Сирија. За разлика од Сирија, тој вели оти не ја гледа целта на операцијата во Либија.

– Се борев против сирискиот режим зашто верував во иднина за своите деца. Погледнете каде завршив – нагласува тој.
Пријателите во Сирија го обвинуваат дека ја продал револуцијата за да заработи пари во Либија. Но Аднан тврди дека едноставно не може да се повлече. Турците, според него, дозволуваат само ранетите да си одат дома, поради што некои од неговите другари се застрелале во нога. Други, вели Аднан, се качиле на бродовите со бегалци со надеж дека ќе стигнат до Европа. Аднан вели дека и тој би се обидел да дојде во Европа ако немал деца во Турција, но сега немал друг избор освен да се бори.
Сонародникот на Аднан, Мухамед, е на другата страна на фронтот во Либија. Но тој исто така има чувство дека повеќе не ја контролира сопствената судбина и дека е под контрола на странските сили. Во животот на Мухамед доминира војната. Тој сè уште бил млад човек кога им се придружил на Пустинските соколи, паравојска што се борела со Асад против бунтовниците. Пред неколку години, оваа паравојска се распушти, а нејзините припадници се приклучија кон воена единица што беше вооружена и контролирана од Русија, најважниот сојузник на Асад. Оттогаш Мухамед одговара пред Москва.

Во јануари неговиот командант го прашал дали сака да се бори во име на Русија во Либија. Му рекле дека ќе добива 1.000 долари месечно и еден месец одмор секое тримесечје. Русија не е официјална страна во либискиот конфликт, но преку т.н. група Вагнер, контролира дел од бојното поле. Групата Вагнер е приватна руска безбедносна фирма со блиски врски со Кремљ, кој е важен поддржувач на Хафтар, заедно со Обединетите Арапски Емирати и Египет. Рускиот претседател Владимир Путин го смета Хафтар за свој човек во Северна Африка и сигурно не му се допадна што неговиот сојузник загуби територии од Ердоган и Сараџ во изминатите месеци.
Мухамед вели дека посредниците што работат во име на Русија отвораат канцеларии во сириските градови за регрутирање платеници за операцијата во Либија. За секој Сириец што ќе го испратат во Северна Африка, посредниците добиваат провизија од 200 евра. По долгогодишната војна, уништени се огромни делови од Сирија и за младите речиси е невозможно да се вработат. Затоа Мухамед брзо донесе одлука.

Во една од канцелариите за регрутирање, тој потпиша договор на арапски и на руски јазик и се обврза да се бори во име на Хафтар најмалку три месеци. Според него, тој и уште 50 други мажи, од кои повеќето помлади од 30 години, биле пренесени во руска воена база во Сирија, каде што добиле двонеделна воена обука. Тие потоа биле префрлени до либискиот град Бенгази. Кога дошле во Либија, Мухамед и неговите другари облекле униформа на војската на Хафтар и биле ставени под команда на руските офицери од групата Вагнер. Тој вели дека се бореле на различни места, како јужен Триполи, на брегот и на истокот на земјата.
Според Обединетите нации, околу 2.000 Сиријци се бореле за Хафтар и за групата Вагнер во мај. Сепак, Мухамед проценува дека таа бројка е близу 5.000. По загубите претрпени за време на битката за Триполи, Русите повикаа засилувања, а Асад дури и ослободил затвореници за да ги испрати во битка во Либија.
– Се прашувам што правам овде – вели Мухамед.

Тој слушнал дека Турција ги плаќа своите платеници многу подобро од Русите и затоа размислува да ја промени страната. Мухамед нагласува дека во Сирија се борел за победа, а во Либија само за пари.
Платеници како Мухамед и Аднан постојат со векови. Триесетгодишната војна, на пример, главно ја водеа платеници. Во 20 век, западните колонијални сили често користеа платеници за своите африкански битки. Во изминатите години, сепак, употребата на платеници доби нова димензија. Додека САД и Британија користеа услуги од приватни безбедносни компании како „Блеквотер“ во војната во Ирак, употребата на платеници денес стана клучен елемент во воените стратегии на многу други влади. На либиските боишта нема да најдете многу Либијци, туку повеќе Сиријци или Суданци.
Сепак ваквиот хибриден пристап на водење војна најмногу во усоврши Иран. Генералот Касем Сулејмани, кого САД го убија во јануари во Багдад, беше креатор и лидер на мрежа паравојски од разни земји. Уште во раните 1980-ти, Хезболах во Либан стана првиот сојузник на Иран. Но земјата почна да ја проширува својата моќ откако Сулејмани ја презеде командата врз силите Кудс, елитното крило на Револуционерната гарда.

Во Авганистан, Пакистан и во Ирак беа регрутирани припадници на разни паравојски. Воената моќ на организацијата на Сулејмани можеше да се види во Сирија, каде што Асад во еден момент беше на работ на колапс. За да го спаси долгогодишниот сојузник на Иран, Сулејмани прво го испрати Хезболах во Сирија, а потоа испрати и борци од Ирак, Авганистан и во Пакистан, вкупно околу 50.000. Оружје, муниција и друга опрема беа пренесени преку Ирак и Асад беше спасен од колапс сѐ додека руските воздухопловни сили конечно не го променија исходот на војната во 2015 година. Иранската платеничка мрежа се претвори во мултинационална организација, која брзо може да собере групи борци, при што Ирачани добиваат наредби од Либанци или од Авганистанци под команда на Иранците. Сепак, на крајот, сите наредби ги даваше Техеран, дури и по смртта на Сулејмани.

Моделот е применет на друго место. Исто како што групите предводени од Иран би се здружиле и менувале, така Турција, Обединетите Арапски Емирати и Русија се менуваат во разните конфликти во кои се вклучени, што го отежнува нивното завршување Компромисот не е дел од нивните планови. Победата е единствената опција, главно против нивните странски противници. Затоа е малку веројатно дека конфликтите во Либија и на други места ќе запрат поради исцрпеност, како што предвидуваат некои западни експерти. Конечно, кој било диктатор или бунтовнички лидер во секое време може да побара од својот странски заштитник нови воздушни напади, оружје, муниција или борци.