Ако ембаргото за вооружување на Иран заврши во октомври, какво оружје може да купи Техеран од Москва?

Дијалогот на Русија со Иран се појави како еден од најдинамичните фронтови на московската дипломатија за време на пандемијата на ковид-19. Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф летово двапати ја посети Москва за да разговара за иднината на нуклеарниот договор, како и за координираниот одговор на американската кампања за продолжување на ембаргото на ОН за Техеран.
Наспроти ова, патувањето на иранскиот министер за одбрана Амир Хатами на воениот форум „Армија-2020“ на крајот од август само ги подгрева шпекулациите за Москва и Техеран, кои ја зголемуваат воено-техничката соработка откако иранското оружено ембарго истекува на 18 октомври. Американскиот предлог за продолжување на ограничувањата беше изнесен во Советот за безбедност на ОН, но беше одбиен.

Пред посетата на Хатами, иранскиот амбасадор во Русија, Казем Џалали, рече дека военото партнерство меѓу Русија и Иран „расте од ден на ден“ и дека наскоро треба да отвори нови терени.
– Наскоро ќе отвориме ново поглавје во воено-техничкото партнерство – порача тој.
По преговорите на Хатами со неговиот руски колега Сергеј Шојгу, иранската амбасада во Москва зборуваше за неопходноста од натамошно зајакнување на нивното партнерство, имајќи ја предвид „длабочината на стратегиското разбирање меѓу двете земји во регионот“. Меѓутоа, ваквиот ентузијазам не се гледаше во извештаите на руските медиуми, кои се обично оптимисти за изгледите за руско-иранско воено партнерство. Присуството на иранската делегација на форумот не доби големо внимание.

Единствените главни моменти вклучуваат снимки од иранската делегација, кои ги испитуваат системите за противвоздушна одбрана „с-400“ и „панцир-с1“, како навестување за можни нови договори за испорака на тие системи.
Според американската агенција за воено разузнавање, откако ќе заврши ембаргото за оружје, иранските власти ќе бараат да купат руски тенкови „с-400“ и крајбрежен ракетен систем „бастион“. Покрај тоа, Техеран е заинтересиран и за руски авиони „су-30“, напредниот авион за обука на пилоти „јак-130“ и тенковите „т-90“. Тие извештаи треба да се земат со резерва. Засега има само (мошне нејасни) изјави на официјални лица од двете земји, па затоа има сериозни сомнежи дали Техеран навистина ќе склучи скапи договори со Москва.
Постојат неколку причини за претпазливост. Прво, иранските претставници не се првата блискоисточна делегација што го разгледувала „с-400“ и покажала интерес за можна набавка. Руските експерти уживаат да зборуваат за угледот на руското вооружување, велејќи колку биле воодушевени странските делегации од руските тенкови, авиони и системи за ракетна одбрана. Во реалноста, сепак, постои голема разлика помеѓу изразувањето официјален интерес за набавка на оружје и потпишувањето договор за негова испорака. Истовремено, иранската Револуционерна гарда има системи за противвоздушна одбрана со краток дострел „тор-м1“ од руско производство, кои можат да се надградат.

Второ, иранското раководство во неколку наврати повтори дека иако руските тенкови како „т-90“ или ракетната одбрана остануваат негов омилен избор, сегашен приоритет на Техеран е производство на домашни оклопни возила како што се тенковите „карар“. Трите ракетни системи „с-300пму“ со кои Русија го снабди Иран треба да бидат доволни. Техеран има и ирански системи „бавар-373“, кои имаат заеднички карактеристики со рускиот „с-300“. Се верува дека Револуционерната гарда ги контролира повеќето одбранбени претпријатија.
Трето, продлабочувањето на воената соработка со Иран има потенцијални ризици за Москва. Пример за тоа е соборувањето на украинскиот „боинг-737“ во јануари.
Четврто, еднакво е можно Русија да негува поблиски односи со некои од традиционалните непријатели на Иран. По Осмата московска конференција за меѓународна безбедност, агенцијата „Блумберг“ објави дека Русија го одбила иранското барање за купување „с-400“ за да не предизвика проблеми на Блискиот Исток и да ги вознемири земјите од Заливот и Израел. Сепак, претставниците на Федералната служба за воено-техничка соработка подоцна нагласија оти Русија е подготвена да го снабди Иран со „с-400“.

Русија може да избегне нарушувања во односите со Иран, но и да избегне одредени ризици. Таа може да му испорача на Техеран одбранбени системи со различен дострел, но не и офанзивно вооружување.
Рускиот аналитичар Јуриј Лиамин вели оти верува дека Иран на крајот ќе се одлучи за набавка на авиони „су-35“ или „су-30м“ од Русија. Иранските сили се соочуваат со итна потреба од современи повеќенаменски авиони и иранскиот воено-индустриски комплекс не може да ги сервисира овие потреби во моментот.
Никита Смагин, експерт од Рускиот совет за меѓународни работи со седиште во Техеран, верува дека Иран веројатно нема да потпише суштински договор со Русија за набавка на широк спектар на оружје и воена опрема. Потегот на Техеран масовно да купува оружје во време кога земјата е зафатена од стагнација и пад на реалните приходи може да предизвика безредија. Според Смагин, иако Иран речиси сигурно ќе се воздржи од какви било крупни зделки со Русија, тој најверојатно ќе се одлучи за склучување неколку симболични договори за да ја покаже својата способност да ја надмине блокадата на САД.

Од друга страна, потенцијалот на воена соработка меѓу Русија и Иран може да биде многу поголем. Според Александар Стучилин, заменик-извршен директор на истражувачкиот центар „Резонанс“, радарот „резонанс-не“, кој е произведен од центарот и е дизајниран за откривање „невидливи“ авиони, веќе неколку години е во употреба во Иран. Радарот дури успеа да открие американски авиони „ф-35“ присутни во близината на Иран. Целиот случај можеби стана медиумска сензација, но позначаен детаљ е тоа што тие „ф-35“ можеби се откриени со употреба на радарски модели произведени за руската армија. Според официјалните извештаи, Русија му испорачала на Иран два радарски системи „гадир“ во 2014 и 2015 година, кои потоа биле распоредени во провинциите во земјата. Овие радари се дизајнирани како извозни производи и со тоа имаат пониски карактеристики во споредба со моделите за употреба во Русија. Сепак, има извештаи што сугерираат дека Иран може да поседува радарски станици модифицирани за употреба од руската армија.

На еден или друг начин, укинувањето на ембаргото за оружје претставува предизвик за воената соработка на Русија со Иран. Постои очигледна тензија помеѓу заинтересираноста на Москва за снабдување на Иран со одбранбена опрема и желбата на Техеран да купи офанзивно оружје. Лошиот углед на Иран е уште еден фактор што Русија треба да го земе предвид, бидејќи секоја продажба на авиони или ракети за борбени авиони или воени бродови ќе предизвика негодување и кај регионалните играчи и кај САД. Конечно, не се исклучува можноста Кремљ да одобри продажба на офанзивно оружје на Иран и да ги занемари сите наведени потенцијални ризици.