Рускиот претседател Владимир Путин неодамна зборуваше за историско приближување кон Турција, според моделот на Франција и на Германија по Втората светска војна

Според бивши западни и руски функционери

Рускиот претседател Владимир Путин повика на историско приближување кон Турција, според моделот на Франција и Германија по Втората светска војна, но бивши претставници на НАТО и Русија сметаат идејата за турско оддалечување од Западот е прерана.
– Денес Франција и Германија заеднички ги извршуваат своите одбранбени и безбедносни должности во НАТО како што мислат дека одговара. Зошто не можеме и ние (Русија и Турција) да го сториме истото тоа во регионот на Црно Море – изјави Путин на 17 ноември.
Тој зборуваше откако ѝ дозволи на Турција да се приклучи на новиот руски воен центар во Азербејџан, спроведувајќи го мировниот договор со Ерменија.
Според Путин, Русија имаше „позитивно искуство“ за заеднички операции со Турција во војната во Сирија.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган купи и неодамна тестира руски систем за противвоздушна одбрана и покрај заканите за санкции од САД доколку го стори тоа. Неговата морнарица исто така се судри со француски и грчки воени бродови, предизвикувајќи европски негодувања.
Но за сето време гледиштето од Брисел беше дека Турција „не сака да ги жртвува НАТО и нејзината врска со Западот за да оди во нов правец со Русија“.
– Не ја прифаќам оваа теорија дека Турција се позиционира на начин како што го стори тоа Египет, кога го раскина сојузот со Советскиот Сојуз во 1970-тите за да се пресели во американскиот табор, но Турција сега ќе тргне во друга насока – вели Џејми Шеј, поранешен функционер на НАТО, задолжен за нови безбедносни предизвици.

Според него, Путин е „премногу интелигентен“ за да помисли дека може „да го убеди Ердоган во склучување нов сојуз“. Шеј додава дека Турција претставува премногу голем западен сојузник на Блискиот Исток за НАТО да си дозволи да си замине. Санкциите на САД сè уште може да се избегнат во последен миг, смета Шеј, кој сега работи во британскиот аналитички центар „Чатам хаус“.
– Ердоган го купи рускиот систем за воздушна одбрана „С-400“ во знак на протест дека САД нема да му ја продадат најсовремената технологија за противвоздушна одбрана „патриот“ – вели Шеј.
Но новата американска администрација на Џо Бајден може да склучи договор за „патриот“ и „С-400“ да бидат „распродадени“, според Шеј, слично како што Франција, пред неколку години, му продаде воени бродови „мистрал“ на Египет откако пропадна неговиот договор за вооружување со Русија.
– НАТО е навикнато на долгорочно менаџирање со сојузниците, што може да биде тешко – вели Шеј

Според него, зделките на Путин со Ердоган имаат цена.
– Постои поголема турска улога во нејзината стара османлиска сфера на влијание, за која Путин смета дека е руска сфера во изминатите 20 години – вели Шеј.
Шансите за ново позиционирање на Турција се слични и за Дмитриј Тренин, директорот на аналитичкиот центар „Карнеги-Москва“ во Русија.
– Нема сојуз меѓу Русија и Турција – изјави Тренин.
Според него, амбицијата на Путин за врски со Ердоган е ограничена на регионалната „реалполитика“.
– Путин е заинтересиран за зачувување на мирните односи со Турција, која е регионална сила во подем, соработува каде што интересите се доволно блиски и управува со разликите, спречувајќи ги да прераснат во конфликти – вели Тренин, кој е поранешен руски воено-разузнавачки полковник.
Гледајќи го неодамнешниот договор меѓу Русија и Турција за Јужен Кавказ, тој смета дека „соработката за Нагорно Карабах создава подобра клима за интеракција во целиот регион, а недостигот од соработка таму би ги влошил односите во поопшта смисла“.

– Сепак, секоја ситуација се решава независно. Руските и турските интереси може да се разминат, па дури и да се судрат во други конфликти, како што се оние во Либија и во Сирија – вели тој.
Тренин дава поинаква процена за тоа кој може да биде подобар во справувањето со комплицирани пријатели, како што е Ердоган.
– Русите може да се справат со секого врз основа на „реалполитиката“. Но НАТО не е добро дизајниран да се справи со земја што сериозно ја спроведува нешто што во постсоветскиот свет е познато како мултивекторска надворешна и безбедносна политика – додава тој.
Изгледите се слични и за Асли Ајдинташбаш од Европскиот совет за надворешни односи.
– Решавањето конфликти и ракувањето ги натера Путин и Ердоган да се чувствуваат добро на начин на кој никогаш не може да го направат тоа со европски лидер. Но нивната врска е само трансакциска – вели таа.
Ајдинташбаш смета дека ако Турција е преголема за НАТО да се откаже од неа, тогаш парите на Западот се преголеми за Ердоган да ги загуби.

На Западот му беа потребни турски воздушни и радарски бази и турско разузнавање за џихадистите од Блискиот Исток, но на Ердоган му беа потребни западни инвестиции и финансиери на долгот.
– Русија има нафта и природен гас, па е во состојба да одржи систем на лична влада што не се заснова на правила. Турција е земја интегрирана во светската и европската економија, на која ѝ требаат странски инвестиции. Иако можеби Ердоган сака да ја предводи својата земја како Путин, тој можеби нема да може да го стори тоа во отсуство на нафта и гас – вели Ајдинташбаш.
Според неа, Путин не е долгорочен спонзор за Ердоган.
– Русија е средна економија, покрај воената моќ. Таа ни оддалеку не е меѓу најдобрите економии во светот, а економските потреби на Турција се огромни – смета таа.