Михаил Горбачов, бивш лидер на СССР

Европа месецов одбележува 30 години од падот на Берлинскиот ѕид. Последниот претседател на поранешниот Советски Сојуз во интервју за германскиот неделник зборува за уривањето на ѕидот, случувањата во Источна и Западна Германија пред три децении, како и за денешните односи меѓу Западот и Русија

Берлинскиот ѕид падна на 9 ноември 1989 година. Триесет години подоцна, како гледате на овој настан?
– Мојот став за германското обединување денес е ист како што беше тогаш. Обединувањето беше една од најважните работи што сум ги направил. Имаше огромно влијание врз животот на многу луѓе. Многу го ценам тој ден.

Ве изненади ли падот на Берлинскиот ѕид?
– Многу внимателно ги следевме настаните во Германската Демократска Република (ГДР). Барањата за промена беа сеприсутни. Но реформите дојдоа предоцна. На состанок, една недела пред падот на Берлинскиот ѕид, за време на дискусијата за состојбата во Германија, претседателот на Комитетот за државна безбедност рече дека наредниот ден 500.000 луѓе ќе излезат на улиците на Берлин и во другите градови.

Какви одговори разгледувавте?
– Никој не се сомневаше дека Германците имаат право да одлучуваат за сопствената судбина. Но интересите на соседните држави и на глобалната заедница исто така мораше да бидат земени предвид. Мојата главна одговорност беше да ја исклучам можноста за насилство. Интензивно преговаравме со германските лидери, Американците и со другите водачи во Европа. Моравме да спречиме германската желба за реобединување да ја оживее Студената војна.

Дали военото раководство на ГДР или советскиот амбасадор во Источен Берлин повикаа на воена интервенција?
– Комунициравме со политичките лидери во ГДР, но никогаш не одржував директни контакти со војската. Задача на нашиот амбасадор беше да нѐ информира за тоа што се случуваше во земјата, а не да има некакви барања.

Дали имаше барања за изградба на нов ѕид по падот на Берлинскиот ѕид?
– Не бев свесен за такво нешто. Но не ја исклучувам можноста некои неодговорни луѓе или групи да разговарале за таква смешна идеја.

Дали побаравте да ја затворите границата и да распоредите сили?
– Кои граници требаше да се затворат? Каде требаше да маршираат војниците? Тогаш имаше 380.000 советски војници стационирани во ГДР. Тие ги почитуваа наредбите да се воздржат од интервенирање.

Зошто дозволивте да падне ГДР, близок сојузник на Москва? На други места, како балтичките држави во 1991 година, бевте многу построги.
– Западна Германија ја видовме како земја што тргна на патот кон демократијата по падот на режимот на Хитлер. Обединувањето денес се сфаќа, како и пред 30 години, како исполнување на долгогодишните желби на граѓаните од Источна и Западна Германија. Колку што можам да кажам од многуте писма, тие луѓе сѐ уште се благодарни за поддршката од Русија.

Кога дојдовте на власт во 1985 година, на земјите од Источниот блок им сигнализиравте дека би можеле да постојат независно од Москва. Дали тогаш се сомневавте дека еден ден ќе падне ѕидот меѓу Исток и Запад?
– Дали навистина верувате дека ѕидот меѓу Истокот и Западот беше идеално сценарио или модел за иднината? Ја создадовме Перестројката за да ја извадиме земјата од ќор-сокак. За да може државата и економијата да цветаат, ни беа потребни добри односи и со соседите и со целиот свет. Не ни требаше Железната завеса.

Им овозможивте на Германците повторно обединување, но набргу потоа ја загубивте позицијата и СССР се распадна. Како гледате на тоа денес?
– Зошто не ме прашувате дали жалам за Перестројката? Не, не жалам. Беше невозможно да се продолжи да се живее како порано. Од суштинско значење за Перестројката беше овој нов вид на размислување за надворешната политика. Тоа вклучуваше универзални вредности и нуклеарно разоружување, како и слободни избори. Не можевме да ги лишиме соседните земји, Германците, Чесите, Словаците и Унгарците, од правата и слободите што му ги дадовме на нашиот народ. Кога почнавме со Перестројката, знаевме дека ризикуваме. Но целото државно раководство се согласи дека промените се неопходни. Вината за крајот на Перестројката и распадот на СССР е во оние што го организираа државниот удар во август 1991 година.

Дали светот денес е подобар отколку што беше во Студената војна?
– Не чувствувам никаква носталгија за Студената војна. Но мора да признаеме дека по нејзиното завршување, новите лидери не успеаја да создадат модерна безбедносна архитектура, особено во Европа. Затоа се појавија нови линии на поделби, кои источното проширување на НАТО ги префрли до руската граница.

Зарем односите меѓу Русија и Западот не се лоши како во Студената војна?
– Има знаци дека Западот и Русија разбираат дека комуникациските канали мора да се активираат. Реториката постепено се менува. Можеби ова е првиот чекор. Се разбира, долг е патот пред да се врати довербата. Мора да почнеме со нуклеарно разоружување. Неодамна ги повикав сите нуклеарни сили да дадат заедничка декларација против нуклеарната војна. Преговорите мора да продолжат меѓу Русија и САД, заедно со другите нуклеарни сили.

Многу луѓе во Европа загрижено ги следат настаните во Русија. Се чини дека Москва ги напушти принципите на Перестројката.
– Мислам дека ситуацијата не е толку драматична. Луѓето многу добро знаат да го ценат постигнатиот напредок. Но сега се соочуваме со нов предизвик – глобализација.