Разни организации бараат од технолошките џинови како Фејсбук да се справат со пропагандата на антивакцинерите, бидејќи голем број родители се изложени на дезинформации за вакцините на социјалните мрежи

Половина од родителите со мали деца на социјалните медиуми се изложени на дезинформации за вакцините, се вели во еден нов извештај, кој открива дека најчеста причина за невакцинирањето е стравот од несакани ефекти.
Ширли Кремер, извршната директорка на Кралското друштво за јавно здравство на Британија (РСПХ), кое го објави извештајот, вели дека е потребно да се спречи ширењето на дезинформациите на Интернет и преку социјалните медиуми. Тие апелираат до големите компании на социјалните медиуми и платформите да преземат мерки за овој проблем, затоа што тие стануваат плодна почва за ширење дезинформации и негативни пораки што можат да остават навистина негативни и опасни последици.

Антивакцинерските групи целат на новите родители преку социјалните медиуми со тоа што објавуваат приказни во кои тврдат дека бебиња починале или здравјето им било влошено од вакцините. Американската група наречена „Стоп за задолжителната вакцинација“, предводена од Лери Кук, во ноември беше цензурирана од страна на британското Регулаторно тело за рекламирање (АСА) за една платена објава на Фејсбук откако се пожалила една мајка на бебе.

Објавата содржела фотографија на бебе со затворени очи со наводно име, датум на раѓање и смрт и предупредување за „родителите дека не само што вакцините примени на која било возраст можат да го убијат детето и да се случи невидена трагедија туку докторите ќе го окарактеризираат случајот како т.н. синдром на ненадејна смрт кај новороденче“. Ова ги натера читателите да се приклучат на групата на Фејсбук.
Како одговор на АСА, групата на антивакцинери порача дека „нејзина цел биле корисниците заинтересирани за воспитување, затоа што сакале да ги натераат родителите добро да размислат пред да изберат да ги вакцинираат своите деца“.

АСА донесе одлука дека објавата била дезинформациска и предизвикувала страв и паника, особено кај родителите што сакале фактички информации за ризиците од вакцинацијата на нивните деца. Кук не се согласил со одлуката, како што изјави АСА за „Гардијан“, па, така, институцијата морала да се обрати до Фејсбук за да се отстрани спорната реклама. Но регулаторното тело било со ограничени овластувања.

Од институцијата порачаа дека „можеби и во иднина ќе има објави на фејсбук-профилот на Лери Кук што се надвор од нејзината надлежност, а АСА може да преземе чекори само да ги отстрани платените реклами на неговата страна што ги поттикнуваат корисниците да му донираат пари“. Портпаролот на Фејсбук неодамна излезе со изјава дека „не сакаат дезинформациска содржина на Фејсбук“ и дека направиле значителни инвестиции во изминатите неколку години за да се спречи нивното ширење и наедно да се промовираат висококвалитетно новинарство и медиумска писменост. Тие, како што велат, секогаш се трудат да ја одржат рамнотежата меѓу слободата на говорот и безбедноста на луѓето и токму затоа не ги спречуваат луѓето да објавуваат нешто што е фактички неточно, особено ако тоа го прават ненамерно. Сепак, преземаат чекори за да се погрижат ваквиот вид содржини да се декласираат во вестите на Фејсбук за помалку да бидат забележливи и помалку да се споделуваат за да се обесхрабрат оние што ги објавуваат.

Нивото на имунизација против честите но потенцијално смртоносни болести во Европа е намалено благодарение на влијанието на скептиците што ги шират своите ставови преку социјалните медиуми.

Бројот на случаи со мали сипаници во Европа е највисок во изминатите 20 години во Европа. Комесарот за здравство во ЕУ, Витјанис Андријукаитис, предупреди за ширењето на „лажните вести“ околу безбедноста на вакцините.

Извештајот на РСПХ порача дека родителите генерално ја поддржувале вакцинацијата во Британија, но и откри „одредени загрижувачки статистики“. Двајца од пет родители помлади од 18 години изјавиле дека често или понекогаш биле изложени на негативни пораки за вакцини на социјалните медиуми или на форуми на Интернет. Оваа бројка се зголемила на половина кај родителите чии деца имале помалку од две години и 47 отсто чии деца биле под пет години.

Само еден од 10 родители изјавил дека верува на објавите на социјалните медиуми. Во извештајот се вели дека ваквата значителна изложеност на негативни пораки за вакцинацијата може да влијае врз ставот за вакцините со текот на времето.

Повторувањето на пораките честопати може погрешно да се сфати како вистина, односно феноменот што се нарекува илузорен ефект на вистината. Се откри дека дури и кога луѓето знаат дека пораката е лажна, доколку доволно пати се повтори, тогаш тие ќе почнат да веруваат во неа.

Истражувањето, кое вклучи и анкета во која учествуваа над 2.600 родители како и 2.000 други возрасни лица, откри дека свеста за вакцините била ниска, со тоа што над една четвртина (28 отсто) погрешно верувале дека не треба да се вакцинираат децата.
Фамата околу вакцината МРП (морбили, рубеола и заушки), која ја започна во 1998 година компромитираниот гастроентеролог Ендру Вејкфилд, кој тврдеше дека таа предизвикува аутизам, предизвика огромно намалување на вакцинацијата, која сега во голема мера е подобрена во Британија.

Сепак, истражувањето откри дека еден од десет родители сè уште не го вакцинирал своето дете со МРП. Повеќето (70 отсто) изјавиле дека се плашеле од можните несакани ефекти. Неверодостојната хипотеза за аутизмот сè уште кружи по социјалните медиуми. Еден од пет родители, вклучувајќи ги оние што ги вакцинирале децата, поверувал дека вакцината ги предизвикува несаканите ефекти.
Добро се спроведува вакцинацијата против ХПВ (хуман папилома вирусот), при што над 83 отсто од девојчињата во деветто одделение во Британија двапати се вакцинирале во периодот 2016-2017 година. Но вакцинацијата против другите болести не е толку успешна. Од испитаните 2.600 родители, 180 избрале да не го вакцинираат своето дете, а две третини од нив како причина ги навеле несаканите ефекти.
Антивакцинациските кампањи промовираат лажни приказни, и тоа преку видеоснимки на Јутјуб во кои се тврди дека вакцините предизвикуваат сериозни реакции кај илјадници девојчиња и се причина за стотици смртни случаи. Како одговор на стравот, експертски истраги, вклучувајќи го и прегледот на Европската агенција за медицина, потврдија дека вакцината е безбедна.
Кралското друштво исто така објави препораки дека вакцинациите треба да се достапни на повеќе локации, вклучувајќи ги и мобилните клиники на прометните улици, вежбалниците и работните места, особено за вакцините за возрасни, како што се оние против грип и херпес.

Кремер изјави дека социјалните медиуми треба да преземат одговорност околу дезинформациите за вакцините на ист начин како што прават за менталното здравје. Таа порача дека „треба да се намали ширењето на лажните вести и приоритет да им се даде на здравствените информации од приоритетни извори“.

Во истражувањето на РСПХ таа додаде дека „четири од пет возрасни се согласуваат со нив дека платформите на социјалните медиуми преземаат чекори за да го ограничат ширењето на лажните вести за вакцинацијата, така што и самата јавност ги побарала овие мерки“.

Инаку, истражувањето е спонзорирано од МСД, компанија што произведува вакцини. РСПХ нагласуваат оти фирмата не интервенирала во извештајот и дека немала никаква одговорност за содржината или пренесените ставови.