САД треба да спроведат демократски мерки пред ноемвриските избори, велат експерти

Американците долго време во други земји промовираа програми за развој на демократските институции, но сега е време тие лекции да ги применат дома

Замислете ја следната сцена. Земјата гори. Малцинските заедници и нивните сојузници ги преплавуваат поголемите градови во знак на протест против злоупотребите на човековите права и нееднаквоста. Претседателот е демагог, кој отворено го поддржува насилството врз неговите критичари во циничен обид да ја засили својата намалена поддршка. Медиумите, некогаш почитувана институција, се борат за живот и се под ризик од апсење и напад. И полицијата повеќе не се почитува како некој што го гарантира владеењето на правото, туку наместо тоа се смета за закана за јавната безбедност. Облаци чад се видливи во главниот град. Владините згради и населби се обележани со графити против естаблишментот додека полицискиот штаб е запален. Продавниците се вандализирани, сирените на полицијата и брзата помош се слушаат насекаде додека хеликоптерите се слушаат над главите, а во градот се спроведува полициски час. Ова е токму вид земја во која САД редовно вложуваат милиони долари за промовирање на демократијата. Но не зборуваме за Демократска Република Конго или Филипините или Венецуела. Зборуваме за САД. Иронијата е дека американската влада плаче за програма за демократска помош што редовно ја спроведува „таму“ некаде, во т.н. земји во развој.

Поделбите во американската демократија не се ништо ново. Ниту убиството на Џорџ Флојд од униформиран бел полицаец ниту ерупцијата на болка не треба да шокира.
Институционализираниот расизам и нееднаквост, растечките расправии помеѓу разните групи и политичкиот систем што очигледно ги фаворизира скапите кампањи наместо квалитетот на кандидатот веќе долго време ја уриваат демократската позиција на САД. Овие работи не се случија прекуноќ туку се неизбежен исход од одбивањето на самопрогласената „најмоќна демократија“ во светот да ги признае и искрено да ги реши своите недостатоци.
Во Вашингтон, официјалните лица удобно ја гледаат стабилната ерозија на демократските норми на земјата. Недостатокот има длабока културна компонента, која ги има своите корени во поимот за американската исклучителност. Според овој светоглед, САД се сметаат себеси за фундаментално различни од своите глобални колеги, честопати на начин што се воздигнува над критиката.

Оваа тенденција за идеализирање на американската демократија е засилена од работењето на некои организации што ги анализираат глобалните демократски трендови, како „Фридом хаус“, кој предолго го врамува американскиот проект како олицетворение на тоа како треба да изгледа демократијата. САД се самиот стандард, со други зборови, според кој им се суди на другите земји. Иако организациите како „Фридом хаус“ и други неодамна изразија сериозна загриженост за надолната траекторија на американската демократија, како и за нејзините глобални последици, ова допрва треба целосно да ја разбуди националната свест.
Како резултат на тоа, претпоставките за силните институции на САД и за нивните добри намери, ги маскираа основните недостатоци на земјата. Особено во изминатите неколку години, тие вклучуваат континуирана економска и политичка маргинализација на малцинските групи, недоволно претставување на жените на избраните функции, изборни единици што создаваат нерамномерна политичка сцена, поттикнување политичко насилство од екстремни избрани функционери и грубите нарушувања предизвикани од огромното влијание на парите во политиката.

Сево ова помага да се објасни зошто имало бизарно прифаќање на недостатоците на политичките процеси во САД, вклучувајќи ги и изборите. И покрај штетата што ваквите процеси ѝ ја нанесуваат на демократијата, американските политички лидери активно работеа едни против други за да спречат реформи.
Претседателот Доналд Трамп, лидер чија единствена конзистентна особина му е реторички и во практика да ги прекршува принципи на демократијата и човековите права, помогна да се забрза заостанувањето на Америка. Сепак, премногу често, коментаторите се фокусираат на Трамп како тој сам да го предизвика демократскиот пад на земјата. Реално, тој повеќе е симптом отколку причина за поделениот политички систем, кој е обележан со растечка поларизација и недоверба.

Со оглед на евидентното пропаѓање на американската демократија, впечатливо е што, во изминатите години, Владата на САД потроши значително повеќе време, енергија и ресурси обидувајќи се да ја направи демократијата функционална надвор од своите граници наместо дома. Од скромните почетоци во 1980-тите, глобалното трошење за промовирање на демократијата сега се проценува на околу десет милијарди долари годишно. Овие инвестиции не се лоши. Кога се спроведуваат стратегиски и со долгорочен фокус, продемократските програми се економичен начин за заштита и зајакнување на правата и егзистенцијата на милиони луѓе низ целиот свет.
Замислете си го персоналот што работи на развој на демократијата во земји како Нигерија, Ирак или Авганистан, потоа да спроведува процена на изборите во Северна Каролина, Џорџија и Висконсин. Тие сигурно би заклучиле дека многу од проектите што ги спроведуваат во странство би можеле да помогнат во зајакнувањето на американскиот политички систем во време кога тоа е очајно потребно.

Она што денес им треба на САД, всушност, е програма за демократска обнова, учејќи од она што беше најефикасно низ целиот свет. Ова треба да вклучува итни мерки за да се намали ризикот од политичка нестабилност и потенцијално насилство во пресрет на изборите во ноември и подолготраен процес на реформи за обнова на довербата во политичкиот систем.
Прво, на САД им е потребна програма за вистина, правда и помирување за да се справат со малтретирањето на расните малцинства од страна на полицијата и сродните безбедносни сили. Идеално, оваа иницијатива би се совпаднала со мировниот договор, прифатен од најголемите политички партии, кои би ги обврзале да се придржуваат кон демократските принципи и да не поттикнуваат насилство во пресрет на изборите во ноември. Второ, јасно е дека се потребни големи изборни реформи за да се стави крај на практиката на оневозможување на гласачите да гласаат преку разни мерки, особен кај малцинските гласачи.

Изборите во ноември се премногу близу за да се воведат вистински систематски реформи, но можно е да се ублажат некои од последиците. На пример, внимателно насочени и добро финансирани кампањи за поттикнување на гласањето имаат значителен успех во зголемувањето на стапките на одзив меѓу малцинствата, жените и младите. САД имаат историја на кампањи за гласање, но во 2020 година, тие треба да бидат далеку посеопфатни и поповрзани.
И, конечно, треба да се стави крај на поделбите преку социјалните медиуми и партиските напади врз сите форми на медиуми, почнувајќи од самиот Трамп. Твитер неодамна донесе одлука јавно да повика да се проверат фактите од твитовите на Трамп.
Се разбира, ова мора да се направи внимателно за да не доведе до поголема цензура, но заедно со обемни кампањи за дигитална писменост, што треба да се предава во училиштата и да се спроведува преку медиумите, може да помогне во намалување на ширењето дезинформации. Заедно со внимателно следење на медиумите и гонење на оние што се вклучени во говор на омраза или негово поттикнување, ова може да го намали ризикот од безредија за време на изборите.

Долгорочно, зајакнувањето на системот на проверки и рамнотежи против извршната власт ќе биде клучно. Мандатот на Трамп демонстрира дека многу од ограничувањата за кои се претпоставуваше дека се во сила, се всушност мошне неформални и лесно отфрлени од лидерот, кој сака да постави преседан и да изврши противуставни и потенцијално нелегални дејства. САД веќе паднаа на листите за демократски развој и сега се демократија со недостатоци, поради падовите на низа индикатори, вклучувајќи ги и нееднаквоста, политичкиот авторитаризам и недовербата во Владата.
Оваа состојба е лоша за САД и за светот. Активистите во светот сѐ уште гледаат кон Вашингтон, колку и да е несовршена неговата политика, барајќи надеж и солидарност во нивните демократски борби. Да се изневерат овие аспирации и да не се отстранат демократските недостатоци дома значи да се изневери ветувањето за демократија што американските лидери со генерации му го проповедаа на целиот свет, вклучувајќи ги и своите граѓани.