САД ја дадоа својата поддршка за предлозите на Светската трговска организација за привремено да се укинат заштитите на интелектуалните права за вакцини против ковид-19. Во пишано соопштение, американската трговска претставничка Кетрин Тај порача дека „станува збор за светска здравствена криза“ и дека „вонредните околности на пандемијата на ковид-19 бараат вонредни мерки“. Ставот на САД не наиде на добар прием од фармацевтските компании, кои велат дека тоа нема да го олесни застојот во испораките и само ќе ја отежни иновацијата.
Поборниците за одрекување од патентите истакнаа дека производителите на вакцини зависат од огромни суми на јавни финансии во развивањето на нивните вакцини и дека нивната успешност треба да се сподели со земјите во развој. Според податоците на порталот „Иновации и пристап до лекови“, инвестиции во вредност од 5,9 милијарди долари биле вложени во истражувањето и развојот на вакцини до март годинава, од кои 98,1 отсто биле од јавни финансии. САД со две милијарди долари и Германија со 1,5 милијарда долари се главните инвеститори во истражувањето и развојот. Велика Британија е трета со тоа што нејзините финансии надминуваат 500 милиони долари, додека Европската Унија (ЕУ) има инвестирано околу 327 милиони долари. Иако најголемиот дел од инвестициите на САД се од јавни финансии од околу 2,17 милијарди долари, сепак се донирани и најмалку 62 милиони долари од филантропи.