Можните несакани ефекти се главна причина зошто некои не сакаат да се вакцинираат

Експертите предупредуваат дека трката за производство на вакцина за ковид-19 може да ја влоши пандемијата на долг рок. Слаб или делумно ефикасен кандидат може потенцијално да предизвика ситуација во која голем број луѓе веруваат дека се имуни на вирусот, а тоа може да резултира со повисоки стапки на инфекција. Такво предупредување неодамна даде и професорот Ричард Пето од универзитетот „Оксфорд“ и советник на Светската здравствена организација (СЗО), кој рече дека првата вакцина ќе се дистрибуира во целиот свет, дури и да има мала ефикасност.

Пето за „Гардијан“ го опиша актуелниот развој на настаните како процес на „голем наплив, донекаде и националистички наплив, но исто така и капиталистички наплив“, додавајќи дека на светот што поскоро му е потребна вакцина што функционира, како и дека „навистина се потребни силни докази за ефикасност“.
Претпазливоста на Пето ја повторуваат граѓани на одредени држави, според едно неодамнешно истражување на јавното мислење на Ипсос МОРИ. Во светот, граѓаните на одредени земји се крајно претпазливи во врска со вакцината и остануваат неволни да примат вакцина, при што огромно мнозинство испитаници ги наведуваат потенцијалните несакани ефекти како главна причина зошто не сакаат вакцина.

Во кои земји граѓаните се најмалку загрижени да примат вакцина против ковид-19 ако е достапна? Ипсос МОРИ открива дека 97 проценти од луѓето во Кина би примиле вакцина, заедно со 88 проценти во Бразил, 87 проценти во Индија и 85 проценти во Велика Британија. Русија неодамна објави дека планира својата вакцина „спутник 5“ да ја понуди на пазарот во текот на месецот, наспроти обвинувањата дека таа не е подложена на сеопфатно тестирање. Само 54 проценти од Русите велат дека би примиле вакцина доколку е достапна. Учеството на луѓето во Франција е исто така ниско, 59 проценти. Во Германија и во САД, пак, според истражувањето, 67 проценти од испитаниците изјавиле дека би се согласиле да примат вакцина.