Меркел 18 години беше на врвот на Демохристијанската унија (ЦДУ), но реши да се повлече од лидерската позиција. Како таа ги промени демохристијаните? Дали ЦДУ ќе го продолжи нејзиниот курс? Партиските делегати вчера избираа наследник на Меркел, а цела Европа следеше кој ќе биде кандидатот за нареден канцелар на Германија и најмоќен политичар во ЕУ

Кристоф Хаселбах

Демохристијанската унија (ЦДУ) во почетокот на 2000 година беше умерено конзервативна партија, со која доминираа мажи, по малку здодевна, но и државничка и водена од јасни принципи. Политикологот Оскар Нидемајер ја опиша како партија за која либералната економска политика е највисоко на агендата, како и конзервативно-христијанските вредности за луѓето.
Самоуверената ЦДУ во тоа време беше во криза. Доживеа тежок изборен пораз од социјалдемократите. Хелмут Кол ја зеде во својот кабинет младата Ангела Меркел од Источна Германија, а јавноста ја нарече „девојчето на Кол“. Но таа брзо се еманципира. И многу повеќе од тоа: среде аферата за партиски донации, Меркел се дистанцира од својот политички ментор преку отворено писмо до јавноста. Неколку месеци подоцна го презеде раководството на партијата. Таа е Германка од Истокот, протестантка, разведена, докторка по природни науки и во тоа време дејствува како туѓо тело во ЦДУ на Кол.

Еден од оние што тогаш беа критички настроени кон неа е и Фридрих Мерц, еден од кандидатите што сакаат да ја наследат на лидерската функција во ЦДУ. Тој е дел од низата ривали што уште тогаш се сметаа себеси за подобар избор, а меѓу нив е и Волфганг Шојбле. Меркел, пак, сите ги маргинализира. Кога во 2005 година се кандидира за канцеларка, никој веќе не можеше да ја засени. Меркел покажа цврст став кога се работеше за демонстрирање моќ. Нанадвор, пак, настапот ѝ е смирен и одмерен. Кол беше на чело на ЦДУ 25 години, Меркел повеќе од 18. Нидермајер зборува за „ерата на Меркел“, но не толку заради времетраењето, колку поради печатот што го остави во партијата поместувајќи ја економски и општествено-политички кон лево.

Кандидатите за наследник на Меркел: Фридрих Мерц, Анегрет Крамп-Каренбауер и Јенс Шпан

Многу од промените што ги донесе Меркел ќе беа незамисливи со Кол, иако во почетокот таа не важеше за надарен креатор. Честопати ѝ се префрлаше дека предолго тактизира и одолжува наместо да пресекува. Потоа стана јасно дека Меркел за важните прашања одлучува тивко и без да допушти партиска дебата. Изненадување приреди за повеќе теми, како на пример во 2010 година, кога важеше за штедлива „домаќинка“. Среде финансиската криза исклучи финансиска помош за презадолжената Грција. Но кратко потоа даде согласност за првиот голем пакет помош за Атина, по што следуваа уште два други. Еврото и единството на Европа станаа нејзини доминантни теми. Во 2011 година, Меркел важеше за поддржувачка на атомска енергија, но по страшната нуклеарна хаварија во Фукушима наеднаш го смени својот став и коалицијата донесе одлука за прекин на користење таквата енергија. Во 2013 година, таа се изјасни против двојното државјанство, кое го воведе црвено-зелената владина коалиција, но во 2017-та го бранеше решението „двојни пасоши“ и против желбата на нејзината партија.

Канцеларката во 2015 година ги отвори границите за имигрантите, со што ги подели и партијата и државата

Во 2015 година, за време на бегалската криза, Меркел беше сигурна дека ќе се најде излез, иако во 2004 година велеше дека мултикултурното општество пропаднало. Отворањето на границите за бегалците ја дели партијата на два табора. Меркел долго време беше противничка на истополови бракови, но кратко пред изборите во 2017 година го отвори патот за гласање во Бундестагот без притисок од пратеничката група. Гласањето заврши со усвојување на т.н. брак за сите.

Меркел ја помести ЦДУ кон политичкиот центар и делумно со тоа успеа да добие и политички поени. Од помош се покажаа неколку теми што традиционално беа предмет на залагањата на социјалдемократите или на зелените, но Меркел неочекувано ги присвои за ЦДУ. Еден пример е семејната политика, бидејќи под водство на Меркел се воведе правото на место во дневно престојувалиште за деца, како и надоместокот за родители. Со тоа Унијата на изборите во 2013 година доби над 40 отсто гласови, процент што денес е далечен сон. Кај конзервативните гласачи, Меркел успеа да добие поддршка и преку еколошки и општествени теми. Тешка поделба меѓу демохристијаните предизвикаа миграциската и политиката за азил. Многумина бараа горна граница за баратели на азил и бегалци од воени подрачја, но Меркел беше против. „Тука имаше свое гледиште и го наметна и покрај сиот отпор и критиките“, посочува Оскар Нидермајер.

Таквиот став ЦДУ ја чинеше многу гласови на изборите во 2017 година. И предвременото повлекување на Меркел од претседателското место во партијата се базира на спорната миграциска политика. Денес сите кандидати за нејзини наследници се дистанцираат од таквата политика.

– Сепак, кога ќе се сведе билансот, ерата на Меркел за ЦДУ беше многу успешен период – вели политикологот Вернер Пацелт, кој самиот е член на ЦДУ.
Но тој период е малку засенет поради ригидниот став на Меркел кон крајот на владеењето и тоа што не ја согледа најголемата опасност за ЦДУ, подемот на партијата позиционирана подесно од неа, Алтернатива за Германија (АФД).

Промените од ерата на Меркел можеби најдобро се читаат од изборот на нејзиниот наследник, со оглед на што имаше дури тројца сериозни кандидати. Има и други што сега се појавуваат против нивната доскорашна шефица, што за ЦДУ е новитет. Хелмут Кол на изборите во 1998 година дури не чекаше ни номинација од партијата, туку се самопрогласи за кандидат за канцелар. ЦДУ денес е очигледно поотворена и повеќеслојна партија и го отсликува општеството, кое исто така станува сѐ похетерогено.

– Во ЦДУ сега владее копнеж по јасните и конзервативни позиции. Но времето не се враќа назад, без разлика кој и да ја наследи Меркел – вели Нидермајер. Политикологот смета дека тоа воопшто не е можно и додава дека никој и не го сака тоа. Прашањето во најдобар случај е дали сѐ ќе продолжи како и досега, или пак ќе има умерена корекција на курсот. Се чини дека мнозинството во партијата воопшто не жали по времињата од ерата на патријархот Хелмут Кол.