По загубените животи во ерупцијата на најактивниот вулкан на Нов Зеланд, се поставува прашањето зошто на туристите воопшто им било дозволено да го посетат

Повеќе тешки прашања мора да бидат поставени и одговорени по ерупцијата на вулканот на Белиот Остров, во која неделава настрадаа најмалку 16 лица, изјави премиерката Џасинда Ардерн пред парламентот на Нов Зеланд.
Неколку недели пред ерупцијата имаше предупредувачки знаци, а минатиот месец беше зголемен степенот на тревога од еден на два (на скала од пет), што укажува на умерени до засилени вулкански активности. Сепак, непосредната и драматична природа на ерупцијата изненади многумина. Сето ова одново ги постави прашањата дали луѓето можат навистина да предвидат вулкански ерупции или, пак, нивната јачина.

Вулканска ерупција е кога пареа или лава се исфрлаат од вулканскиот отвор. Екстремно е тешко да се предвиди кога може да се случи експлозија со погубни последици, особено кога вулканот е неактивен многу години. Сепак, научниците можат да следат знаци и трендови за да направат одредени предвидувања. На пример, тие ја следат активноста на вулканите преку земјотреси, емисии на гасови или експанзии на вулканот. Ако научниците, на пример, забележале интензивирање на гасовите од вулканските отвори или на потресите во близината на вулканот, тогаш може да се посомневаат во евентуална ерупција. Сепак, предвидувањето дали тие знаци навистина укажуваат на ерупција што би се случила за еден час, месец или за подолг период, зависи од индивидуалниот вулкан. Колку повеќе податоци имаат вулканолозите за некој конкретен вулкан, толку подобро ќе можат да ги предвидат неговото однесување и можноста за ерупција. Повеќето вулкани имаат тенденција да ги покажат овие знаци недели или месеци пред самата ерупција, но некои експлозии се поненадејни и понеочекувани. Исто така, потешко е да се проценат ерупциите кога вулканите некое време биле неактивни или, пак, биле активни пред пронаоѓање на современата технологија за набљудување на вулканите.

Во 1991 година, околу 5.000 животи беа спасени со навремени евакуации во околината на планината Пинатубо, на Филипините. Американскиот геолошки завод и Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија тогаш однапред предупредија за ерупција на вулканот. Тие ја набљудуваа зголемената активност околу десет недели пред низата помали експлозии и ги предупредија властите за потребата од масовни евакуации. Тоа беше една од најголемите ерупции во минатиот век, посочува Би-би-си.

Меѓутоа, во други случаи, како со планината Онтаке во Јапонија во 2014 година, немаше тревога поради ненадејната ерупција. Исто така, имало и случаи во кои луѓето биле евакуирани од некоја област непотребно, односно кога очекуваната ерупција не се случила.

Конечно, ефективноста на националните агенции за следење на вулканите зависи од степенот на ресурси и експертиза. Нов Зеланд е еден од светските лидери во оваа сфера и им помага на земјите во развој, како на пример на пацифичкиот остров Вануату, во предвидување на ерупциите. Технологијата што ја користи земјата за следење на вулканската активност вклучува ГПС-ресивери, сензори, беспилотни летала, како и разни тимови на терен.

Бен Кенеди, вулканолог од универзитетот „Кантербери“ во Нов Зеланд, вели дека има постојано подобрување на предвидувањата на вулканските ерупции.

– Ако споредите со земјотресите, ние сме многу подобри во предвидување на вулканските ерупции отколку големите тектонски земјотреси – вели тој.

Иако Белиот Остров на кој еруптира најактивниот вулкан во Нов Зеланд е приватно земјиште, тој сепак е набљудуван од националната агенција.