Макрон можеби смета дека со брендирање на тероризмот како универзална опасност за сите помага за враќање на солидарноста во НАТО. Но тој погрешно ги процени природата на заканата и капацитетот на НАТО за справување со неа

Кога се поставува прашањето за најголемиот безбедносен приоритет на НАТО, повеќето посочуваат кон „руската мечка“ на Истокот. Тоа не е без преседан. Трансатлантската алијанса беше буквално формирана во 1949 година за одбрана на евроатлантската сфера од советската агресија. Седумдесет години подоцна, стратегиската ориентација на НАТО и понатаму во најголем дел е ориентирана кон Русија, која сѐ уште е голема сила, и покрај нејзините економски тешкотии и замрзнатите дипломатски односи со Западот.

Францускиот претседател Емануел Макрон сепак има различно мислење за тоа како би требало Алијансата да ги концентрира своите ресурси и внимание. Пред да замине на последниот самит на НАТО во Лондон, Макрон порача дека Русија и Кина не му се непријатели на НАТО.
– Нашиот заеднички непријател денес е тероризмот, кој ги погоди сите наши земји – истакна францускиот лидер.

Макрон не ја ослободи Русија од одговорноста колку што се обиде да ја промени насоката на дебатата. Не може да не се забележи дека и покрај ритуалистичките рецитирања во салите на НАТО за единството, солидарноста и вредностите, земјите-членки имаат конфликтни ставови за тоа на кој безбедносен проблем Алијансата би требало да му посвети најголемо внимание. Полска и балтичките земји остануваат уплашени од рускиот сосед, кој го анектираше Кримскиот Полуостров, предизвика бунт во Источна Украина, изврши инвазија на Грузија пред една деценија, па дури и интервенираше во европската политика користејќи префинети дезинформациски операции. На југ, Италија апелира до НАТО да се фокусира на нелегалната имиграција. Исто така, постојат и значителни разлики во Алијансата за тоа дали дипломатската политика кон Кремљ е соодветна, колку НАТО би требало да ги зајакне силите на источното крило и дали треба да се усвои заедничка позиција кон Кина.
Потегот на Макрон барем би довел до некои напори за единство во НАТО. Сите земји-членки имаат национален безбедносен интерес да ги одбранат своите народи од тероризам. Многу од нив беа жртви: Франција, Германија, Белгија, САД, Британија и Холандија се соочија со напади во изминатите четири години. Искоренувањето на тероризмот би било совршена почетна точка за сите 29 (наскоро 30) членки. Сепак, не е толку лесно колку што изгледа.

Прво, тероризмот е многу чувствителна дефиниција за одредување. Различни држави имаат различни критериуми и гледишта за тоа кои групи треба да се означат. И додека сите членки на НАТО би се согласиле дека Ал каеда и Исламска држава (ИД) се квалификуваат како терористички групи, проширувањето на мрежата би било многу тешко сѐ додека Турција е членка. Анкара, на пример, и понатаму инсистира дека курдските единици во Сириските демократски сили треба да бидат класифицирани како терористи поради нивните врски со турската и ирачката ПКК. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дури и го блокираше усвојувањето на одбранбениот план на НАТО за Балтикот, само за да изнуди отстапка на овој фронт. Таа отстапка е можна исто колку што е можно Турција да им го врати системот „с-400“ на Русите.

Второ, Европа и САД не се со сосема исто гледиште за прашањето на тероризмот. И додека НАТО формално е член на коалицијата против ИД, предводена од САД, одредени членки на Алијансата не успеаја да постигнат консензус за справувањето со илјадниците џихадисти од ИД, кои останаа затворени во североисточна Сирија. Иако Вашингтон агресивно лобира кај европските влади да ги примат назад нивните државјани и да им судат, европските политички лидери се повлекоа поради безбедносните прашања поврзани со повратниците и загриженоста за тоа дали постојат доволно докази за да се поддржи пресуда. Берлин дури сега почна да ги разгледува случаите со германските повратници од ИД, бидејќи Турција почна да ги депортира. Париз остро се противи на реадмисијата на француски државјани на својата територија. Лондон попрво би им го одзел државјанството на британските џихадисти од ИД отколку да ги изведе пред суд. Секоја поединечна членка на НАТО можеби се согласува со убивањето на лошите момци, но многу е потешко постигнувањето едногласност во Алијансата за тоа како тие да бидат приведени и судени.

Конечно, нема воени решенија за проблемите што потекнуваат од тероризмот. НАТО е воена организација, што значи дека е предиспозиционирана да размислува за предизвиците во воени термини. Не можете да го победите тероризмот со распоредување 30 воени бродови, 30 копнени баталјони и 30 ескадрили за 30 дена. Не можете да ги уништите терористите со бомбардирање.

Тероризмот е аморфен, неконвенционален проблем што може случајно да се појави за кратко време. Нападите може да бидат извршени со најпримитивни оружја. Терористите во Европа извршија напади што се несофистицирани, но смртоносни, како што беа нападите со камиони или со ножеви. Најдобро е контратероризмот да им се остави на разузнавачките агенции и полицијата, кои може да одржуваат извори, да ги следат трендовите и да работат со локалните заедници за спречување на нападите. Мултилатералната воена алијанса од двете страни на океанот не е соодветна за оваа работа.

Макрон можеби смета дека со брендирањето на тероризмот како универзална опасност за сите помага за враќање на солидарноста во редовите на НАТО. Но тој сосема погрешно ги процени природата на заканата и капацитетот на НАТО за справување со неа.