Повеќе од половина милијарда лица во Кина ќе плаќаат електронски со своите мобилни телефони преку ПОС-терминалите за оваа година, според извештајот за дигитални пазари на „Статиста“. Тука можат да бидат опфатени плаќања во физичка или виртуелна продавница, како и во ресторан. Бројот е еднаков на стапката на пазарна пенетрација од 39,5 отсто, што е највисока во истражувањето.
На развиениот пазар со апликации за електронски плаќања доминираат големите фирми како „Алипеј“ и „Вичет пеј“, кои масовно се користат во електронската трговија, во продавниците и во рестораните. Во држава каде што многу мали претпријатија се грижат за клиентите, употребата на кредитни картички никогаш не беше широкоприфатена, со што се создаде нагла промена кај бизнисите од плаќање со готовина во плаќање со апликација.
Сепак, целокупната годишна трансакциска вредност по потрошувач е повисока во САД и во неколку европски држави, како Велика Британија, Норвешка и Италија, отколку во Кина. Се очекува кинеските потрошувачи да потрошат околу 2.300 долари со плаќања преку апликации во 2021 година, во споредба со над 7.000 долари во Велика Британија и речиси 8.000 долари во САД. Скандинавските држави водат кога станува збор за корисничка пенетрација во Европа, додека Германија и Италија заостануваат.
Земјите во развој во Азија, како Индија и Виетнам, типично имаат повисоко ниво на подем на апликациите за плаќање од светскиот просек, но просечната потрошувачка по клиент сè уште е екстремно ниска, што укажува на тоа дека поголем дел од потрошувачите не ги користат често.