Хонгконг веќе неколку месеци е под опсада на масовните протести, предизвикани од стравот дека Кина ги еродира слободата и автономијата што беа ветени со принципот една земја, два система. Но гневот на Хонгконг против кинеската влада е погрешен и самоуништувачки

Хонгконг долго време беше светол пример за инспирација на азиските градови. Висококонкурентен и добро поврзан, градот служеше како мост помеѓу Истокот и Западот, поради што беше наречен светскиот град на Азија. Но оваа позиција сега е изложена на закана, и тоа по сопствена вина на Хонгконг. Веќе неколку месеци е под опсада на масовните протести, кои беа иницирани од предлог-законот за екстрадиција, чија цел е упростување на процесот за трансфер на осомничени криминалци во Тајван, Кина и Макао. Демонстрантите, како и многу надворешни набљудувачи, сметаат дека законот, кој оттогаш е суспендиран на неопределено време, е скриен напор на кинеската централна влада за воспоставување легална алатка за изведување на своите замислени непријатели пред својата јурисдикција.

Во таа смисла, законот за екстрадиција би претставувал закана за слободата и автономијата на Хонгконг, во согласност со принципот една земја, два система, што е основен столб за односите на градот со Кина по 1997 година, кога кинескиот суверенитет беше повторно воспоставен во бившата британска колонија. Но таквата логика е погрешна.

Договорите за екстрадиција се вообичаени, а Хонгконг има потпишано такви со други 20 земји. Уште поважно, кинеската влада знае дека е во нејзин интерес да обезбеди Хонгконг да остане мирен и напреден светски град, спојувајќи ги кинеските и западните бизнис-практики, владини системи и идеологии. Токму поради тоа кинеската централна влада направи многу отстапки во корист на Хонгконг. Жителите на градот плаќаат најнизок данок помеѓу кинеските граѓани, што значи дека тие помалку придонесуваат, во однос на нивниот правичен удел, националните јавни добра во дипломатијата, одбраната и безбедноста. А со или без законот за екстрадиција, тие сепак уживаат најмногу слобода и автономија.

Но предностите на Хонгконг сега се изложени на ризик, во најголем дел благодарение на неговата сопствена несигурност. Како што истакнаа неколку експерти, значајниот економски пораст на Кина и развојот во изминатите децении, ја еродираа водечката улога на Хонгконг како финансиски, логистички и трговски центар. Во 1997 година, Хонгконг имаше дури 50 отсто удел во кинеската надворешна трговија, а неговиот БДП беше речиси една петтина од оној на Кина. Тој далеку го надмина Шангај – најнапредниот град во копнена Кина – во рамките на БДП, приход по жител и бродскиот транспорт. Денес, на Хонгконг му отпаѓа само една осмина од кинеската трговија. Во однос на БДП, тој заостанува не само зад Шангај, туку и зад Пекинг и Шенжен. Кога станува збор за обемот на бродскиот транспорт, Хонгконг сега заостанува дури и зад многу помалиот кинески град Нингбо.

Сепак, уште пофрустрирачки за жителите на Хонгконг е растечката нееднаквост во градот – тренд што беше засилен од највисоките цени на недвижнини во светот. Уште повеќе, младите луѓе од Хонгконг сѐ почесто се наоѓаат во подредена позиција во меѓународните рамки, благодарение на несоодветните англиски и кинески вештини. Но локалната политика, а не централната кинеска влада, ги намали придонесите за попристапно јавно домување и ги отежни напорите за подобрување на вештините и можностите за вработување. Кога станува збор за економската и за финансиската позиција на Хонгконг, иницијативите на кинеската влада би требало да помогнат. Особено урбаниот синџир во областа на Големиот Залив, која покрива девет града околу делтата на Бисерната Река во Јужен Гуангдонг, плус Хонгконг и Макао, има голем потенцијал. И покрај тоа, некои во Хонгконг се противат на таквата интеграција, тврдејќи дека тоа дополнително ќе ги еродира нивната политичка автономија, економската сила и локалниот идентитет.

Прашањето е зошто гневот (во најголем дел локален) во Хонгконг предизвика толку големи демонстрации. На пример, протестите на 16 јуни привлекоа речиси два милиони учесници, со што станаа најголеми во историјата на градот. Одговорот можеби делумно лежи во интернетот или поточно во дигиталните комори со ехо што го создаваат социјалните медиуми. Тешко дека феноменот е ограничен само на Хонгконг, тој беше движечка сила зад глобалниот бран демонстрации во периодот 2009-2012 година: Зеленото движење во Иран, востанијата од Арапската пролет, Окупирај го Волстрит во САД, како и протестите против мерките за штедење во Португалија, Шпанија и Грција.
Во неговата книга „Мрежи на гнев и надеж: Социјалните движења во ерата на Интернет“, теоретичарот Мануел Кастелс тврди дека таквите „бунтови со повеќе лица“ се поттикнати не толку од сиромаштијата, економијата или недостигот од демократија, колку од понижувањето испровоцирано од цинизмот и ароганција од оние што се на власт. Но само преку вмрежување таквите емоции беа претворени во масовни акции. Тие што се чувствуваа понижени од моќните, ги игнорираа политичките партии, не им веруваа на медиумите, не признаваа ниту едно лидерство и ги отфрлија сите формални организации. Наместо тоа, тие бараа да користат „контрамоќ“, претставувајќи се низ процесот на автономна комуникација, слободни од контролата од оние што ја имаат институционалната моќ. Платформите на социјалните медиуми го олеснија овој процес. Но со здружувањето на сите оние со слични гледишта за локалните прашања, тие ги отсекоа од спротивните ставови. Тоа ја зголеми поларизацијата, предизвикувајќи стравот да биде претворен во гнев, а во некои случаи, гневот во надеж за подобро човештво.

Таквите хоризонтално вмрежени и од емоции придвижувани движења често му се препуштаа на насилството, како што сега Хонгконг го искусува тоа. На почетокот од минатиот месец, демонстрантите навлегоа и ја уништија зградата на Легислативниот совет, а подоцна и канцеларијата за врски на кинеската влада. Таквите активности, комбинирани со проширувањето на демонстрациите во локалните населби, до максимум ја оптоварија полицијата.

Во оваа високонаелектризирана и длабоко поларизирана атмосфера, зачувувањето на позицијата на Хонгконг како стабилен и сигурен мост помеѓу Кина и остатокот од светот нема да биде лесно. Но тоа е во интерес на сите. Првиот чекор е да се спроведат серија дискусии за тоа како да се балансира автономијата ветена од „двата система“ со суверенитетот гарантиран од „една земја“. Во овој процес, народот на Хонгконг мора да направи витални калкулации. Како најмеѓународен дел од Кина, Хонгконг има главна улога во обликувањето на кинеската глобална интеграција и во охрабрувањето на отвореноста. Доколку ја напушти оваа улога, кинеската влада во секој случај ќе продолжи напред, оставајќи го Хонгконг зад себе.