Топлотните бранови во Канада, поплавите во Германија, сушите во Африка и во Централна Азија ги натераа научниците да откријат колку тие се поврзани со климатските промени, пишуваат Франческо Колини и Јохан Гроле за „Шпигел“

Екстремните временски услови ја загрижуваат експертската јавност

Екстремните жештини и суши на западниот брег од Северна Америка практично ги исмеаја временските прогнози. Десетици нови температурни рекорди беа регистрирани во канадската провинција Британска Колумбија и сојузните држави Вашингтон и Орегон во САД, што претставуваше температурен шок што не беше предвидени ниту во еден модел на климатските истражувачи. Ако е возможно одеднаш да се јават пустински температури на планините во Канада, тогаш што нè очекува во иднина?

Лето на катастрофи

Планинскиот канадски град Литон прекуноќ настрада од пожар додека две недели подоцна на другата страна од Атлантикот климатските промени пристигнаа во градовите Хаген и Вупертал во Западна Германија, кои беа погодени од поплави предизвикани од силни дождови. Додека булдожерите ги расчистуваа штетите од тамошните поплави, следниот временски дебакл во Европа се случи во Медитеранот со искачување на живата во термометрите на над 40 степени Целзиусови во Грција и во Турција, а пожарникарите се бореа со огнените стихии во многу области, додека метеоролозите едногласно прогласија историски топлотен бран. Југозападот на Америка се соочува со катастрофални суши во последните две децении. Количеството јаглерод диоксид што го испуштаат пожарите на западот на Америка е приближно еднакво на количеството штетни емисии што беа намалени во Калифорнија за време на пандемијата. Пожарите се влошуваат секоја година и ги надминуваат напорите да се намалат емисиите на стакленички гасови. Во јуни, Хелсинки и Москва нетипично регистрираа рекордно високи температури. Во Сибир изгореа над еден милион хектари шума, а во некои области, пожари има во текот на целата година. На Блискиот Исток беше забележан феноменот на „топлотна купола“ со температури над 50 степени Целзиусови. Поради сушите, Авганистан се соочува со недостиг од храна за милиони лица. Ангола се соочи со најтешка суша во последните четириесет години, со тоа што жетвата речиси пропадна, а стоката умираше од жед. Од друга страна, Бразил се соочува со недостиг од струја, бидејќи реките Игуасу и Парана имаат намален водостој. Во Тајван, каде што обично има обилни врнежи, оваа година не беа регистрирани тајфуни. Тамошните производители на компјутери може да се соочат со проблеми ако се исушат водните резерви што се потребни во производството на чипови. Во Кина големи поплави го зафатија градот Џенгџоу, во кои водата навлезе во метро-мрежата, при што многу лица останаа заглавени во возовите, а имаше и загинати.

Неоптимистички прогнози

Променливо време секогаш ќе има, како и природни катастрофи на планетата, но овој пат во исто време многу региони во светот се соочија со такви феномени. Бројот и јачината на ваквите временски услови оставаат впечаток дека е нарушена рамнотежата и дека се менува климата. Претставниците на Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) во клучен момент го претставија својот извештај, кој не влева оптимизам. Климатските промени се забрзани и изгледа дека се мали шансите да се постигнат целите од Парискиот климатски договор. Ќе биде потребно време пред радикалното намалување на стакленичките гасови да успее да ги намали температурите. Состојбата во блиска иднина, најверојатно, само ќе се влоши. Се очекува топлотните бранови да зачестат, како и сите екстремни временски услови. Летата што сега се сметаат за екстремни, за десет години ќе бидат нормална појава. Потопло време значи дека ќе следува поголемо испарување и кондензација во облаците, што ќе создаде поголеми услови за врнежи, кои нема еднакво да бидат распоредени. Обилните дождови што предизвикуваат поплави ќе зачестат во некои држави, а истовремено во сушните региони воопшто нема да има врнежи. Некои научници се загрижени дека човечкото влијание врз развојот на климатските промени поттикна нови процеси што се недоволно сфатени.

Ефектите на глобалното затоплување

Научниците во светот истражуваат места каде што глобалното затоплување поттикна забрзани процеси, со тоа што само ја влошуваат актуелната состојба. Има многу индикации дека најголемите изненадувања за климатскиот систем на Земјата се кријат во поларните региони. Мразот што доминира со тамошниот пејзаж токму ги поседува карактеристиките што предизвикуваат длабоки климатски промени, особено со неговото топење, кое влијае на целиот систем. Данските истражувачи неодамна соопштија дека ледената покривка „масовно“ се топи, а температурите во северен Гренланд се искачија на над 20 степени Целзиусови, со тоа што островот сега годишно во просек губи 268 кубни километри мраз.
Исто така, иднината на бразилските прашуми е загрозена. Ако се остварат најлошите предвидувања, тогаш голем дел од Амазон ќе се претвори во савана што ќе резултира со истребување на илјадници животински и растителни видови и ослободување огромни количества јаглерод диоксид во атмосферата.