Русите се обвинети оти шират лажни вести за да ја повредат американската демократија. Но ако повнимателно се читаат приказните за таквите случаи, се чини дека Русите само ги имитираат американските политичари и експерти, кои ја користат секоја шанса пред избори за да ги засилат општествените поделби

Замислете си дека планирате голем светски заговор за да ги поттикнете поделбите меѓу Американците. Како ќе го направите тоа? Можете да ширите пикантни, но сомнителни обвиненија, да речеме ако некој политичар „претпочита еротика поврзана со Бигфут“. Но ваквите обвиненија се веќе застарени, затоа што една демократска кандидатка во изборната трката за Конгресот летоска веќе направи таков потег против својот ривал.
Можеби ќе размислувате пошироко и ќе направите снимка во која ќе се обидете да го намамите кандидатот со тоа што ќе го поврзете со Џорџ Сорос и со „антифашистите“. Но тоа би било непотребно, затоа што Националниот републикански конгресен комитет веќе финансираше таква реклама.
Секогаш можете да ги ширите теориите на заговор без докази, како на пример идејата дека „непознати лица од Блискиот Исток“ се инфилтрирале во карванот со доселеници и напредуваат кон мексиканската граница. Но така само ќе ги трошите парите на вашиот спонзор. Таа теорија претходно се рашири кога веќе ја промовираше и самиот американски претседател Доналд Трамп.
Сето ова е доволно да ве фати малку жал за Елена Алексеевна Хусеинова, Русинката што беше обвинета дека заговарала против САД. Неодамна, таа беше обвинета за, како што пренесе Си-ен-ен, заговор за повреда на американската демократија“, но нејзините наводни активности многу личат на американската демократија. Што точно треба да направи некој што сака да изврши субверзија?

Во обвиненијата против Хусеинова се вели дека таа и нејзините заговорници сакале да предизвикаат поделби и несогласувања во американскиот политички систем „со креирање општествена и политичка поларизација“. Според обвиненијата, „тие лажно се претставувале на Интернет за да ги разгорат тензиите во разни дебати, како што се доселувањето, контролата на оружјето и Вториот амандман, знамето на Конфедерацијата, расните односи, прашањата на ЛГБТ-заедницата, маршот на жените и националната химна на НФЛ“.
Со други зборови, тие имитираа голем дел од американските политичари и експерти од кои повеќето го користат секој момент пред сите избори за да го поларизираат народот и да ги разгорат тензиите и тоа со повикување токму на овие прашања. Русите само додадоа малку масло на огнот. Сепак, имаше пропусти во нивните имитации. Во една писмена изјава на еден агент од ФБИ против Хусеинова се тврди дека нејзините теории на заговор почнале да се шират во една група на Фејсбук наречена „Стоп за С.Н.“ Според агентот, тоа е кратенка за „Стоп за сите натрапници“. Групата повеќе не постои, така што не се знае колку луѓе се вклучиле во неа затоа што првично мислеле дека станува збор за група за борба против вештачката интелигенција.

Би било добро ако дебатираме само за обвиненијата на Хусеинова според нивните правила. Новинарите можат да проверат колку се точни обвиненијата. Адвокатите можат да расправаат дали активностите навистина можат да се сметаат за незаконска измама. Либертаријанците можат да се сомневаат дали Владата треба да ја контролира слободата на говорот. Можеме да имаме нормален циклус на вести за едни обвиненија.
Но во 2018 година, ваквата приказна неизбежно прераснува во нешто многу поголемо. Во изминатите две години, постојано кружеа извештаи за Русите што ширеле лажни вести, отворале лажни профили на социјалните медиуми и формирале лажни групи за организирање вистински протести на американска територија. Новинарите често предупредуваа и се оградуваа, но дури и во тој случај, многу од статиите се напишани на начин на кој Москва стана дежурниот виновник сите за поделби во американската домашна политика. На пример, кога „Њујорк тајмс“ објави статија со наслов „Како Русија го искористи американскиот гнев за да ја промени американската политика“, обрнете внимание како фокусот е на Русите, а не гневните Американци. САД имаат долга историја на припишување на своите проблеми на надворешни фактори, па затоа е лесно во старата легенда да се приклучат и лицата од Фејсбук.

Тогаш сигурно е важно што овие статии имаат тенденција да вклучуваат многу повеќе примери на Руси, кои ги имитираат Американците отколку што влијаат врз Американците. Иако она што на прв поглед изгледа како голем успех, кога руските „позери“ поттикнаа илјадници демонстранти против Трамп да излезат на улиците во Њујорк, и не е толку импресивно кога сфаќате како успеале да го направат тоа, поточно со договарање на времето и местото каде што претходно веќе се организираа протести против Трамп. Сенаторот Ангус Кинг од Мејн еднаш изјави дека Москва сака „да се наметне врз американското општество и да предизвика големи поделби“. Но таа забележа поделби што веќе беа присутни и само ги искористи како камуфлажа.
Уште почесто ги откриваат поделбите, ама воопшто не ги продлабочуваат. Пред неколку месеци сфативме дека една иницијатива за отцепување на Тексас тајно организирана од Русите можеше да привлече „неколку десетици“ поддржувачи. Ако тоа звучи импресивно, сетете се дека истата идеја можеше да привлече „неколку стотици“ поддржувачи во 1990-тите, кога односите на Москва и Вашингтон по Студената војна сè уште не беа сериозно нарушени.

Секоја држава што има спротивставени интереси ќе биде поделена на разни начини, а изборите се токму вистинското време кога се очекува разгорување на тензиите околу тие поделби. Само по себе тоа не е толку лошо. Проблемот со антифашистичките реклами на Сорос не е што зборуваат за поделбите, туку дека станува збор за клеветење на дежурниот виновник. Најдобрата одбрана против таквите пораки е да се научи како да се препознае лош аргумент или статија со лоши извори и кога ќе се открие да се информира јавноста. Станува збор за огромна задача, но не е поголема од онаа да се спречат луѓето да шират такви клевети на прво место. Не е важно дали клеветите потекнуваат од Русите, Американците или од некој трет.
Ништо од ова не покажува дека треба да ја отфрлиме приказната за Хусеинова и сличните на неа. Активностите што се наведени во обвинението можеби не ги откриваат скриените борбени линии во американското општество, но тие се корисен прозорец кон светот на лажното претставување на Интернет.

Во тој свет не е присутна само Русија. Странските сили, од Кина па до Саудиска Арабија, имаат армии од тролови на Интернет, а и САД инвестираа воени буџети за „менаџирање со профилите на Интернет“, што „овозможува 10 идентитети за еден корисник со однапред смислено потекло, историја, детали и присуство во сајбер-просторот што се технички, културно и географски конзистентни“. Конечно, такви работи не прават само владите. Домашните политички кампањи, аполитичните вирални реклами, игрите со алтернативна реалност, лажните профили и шегаџиите, како и сите фирми што пишувале лажни препораки на Интернет потекнуваат од големата рамка за надворешни теории на заговор и ќе забележите поголема и позаплеткана слика на измами и разни злоупотреби на идентитетот на Интернет.
Фокусирањето на Русија може да прикрие само колку е голем и стар овој глобален маскенбал. Една неодамнешна статија во „Њујорк тајмс“ вклучува една изјава дека „политиката отсекогаш вклучувала прикривање на вистината преку ширење гласини, испраќање пораки или објавување негативни реклами што се граничат со невистина“. Но исто така се тврди дека нештата „се поинакви овој пат“, зашто „домашните портали ја користат руската стратегија од 2016 година, агресивно создавајќи мрежи од профили и страници на Фејсбук, од кои повеќето се лажни, за да изгледа дека идеите што тие ги шират добиваат огромна популарност“.

Ваквите тврдења зависат од неверојатната амнезија што си ја дозволуваме. Адаптацијата на ваква стратегија на Фејсбук можеби е нешто релативно ново, но не е нова употребата на алатките на Интернет (и пред неговото постоење) за да се создаде илузија на масовна популарност. Пред една деценија, дезинформациските кампањи на Интернет вклучуваа коментирање на теми и препраќање мејлови, но сега се користат твитови и монтажи на Фејсбук. Технологијата можеби е поразлична, но секој што забележал слични сомнителни коментари по блогови за промовирање одреден кандидат или политика ќе ви каже дека таквиот процес веќе одамна трае. Американците се многу искусни кога станува збор за поттикнување поделби.

Вокер е автор на книгата „Соединети држави на паранојата: теорија на заговор“