Фондот најверојатно нема да ги исполни целите за кои е создаден

На земјите-членки што се најпогодени од здравствената криза, како на пример Италија, им се потребни пари веднаш, а не подоцна

Европските лидери, кои се среќаваат во Брисел наредната недела, најмногу надеж полагаат во фондот за обнова од 750 милијарди евра, што би требало да го спаси континентот од кризата со коронавирусот. Но тој нема да биде доволен. Кога станува збор за мисијата за која беше првично дизајниран, да му се помогне на Рим да се справи со економскиот шок од коронавирусот и да ја смени траекторијата на италијанската политика за подобро да го гарантира долгорочното членство на земјата во еврозоната, фондот за обнова веројатно нема да успее да ја исполни.
Едно е сигурно, а тоа е дека фондот претставува голем чекор напред во развојот на ЕУ. Тој овозможи значително позајмување на ниво на ЕУ и значителна редистрибуција, преку грантови, за земјите во Јужна Европа, кои се многу повеќе погодени од ковид-19. На пример, Италија може да добие 8,5 отсто од својот БДП во грантови и долгорочни заеми, што е невидена сума во 63-годишната историја на ЕУ.

Засега се чини дека фондот ќе се имплементира. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, беше ангажиран во низа интензивни билатерални разговори со лидерите на ЕУ. Високи официјални претставници во Брисел вклучени во процесот велат дека атмосферата за разговорите „е подобра од очекуваното“.
Ова е делумно затоа што напорите на Мишел беа потпомогнати од активната дипломатија на германската канцеларка Ангела Меркел и на францускиот претседател Емануел Макрон. Високи француски функционери велат дека има „условно позитивни индикации“ што доаѓаат од Хаг, клучниот противник на планот.
Сепак, оние што се надеваат дека планот за заздравување ќе ја направи разликата, речиси сигурно ќе бидат разочарани. Нема да биде можно да се убеди Северна Европа да се согласи на такво значително задолжување и давање грантови без робустен процес на реформи, имплементација и рецензија, процес што Брисел штотуку го започнува.

Ќе биде потребно време за да се воспостави ова. Според сегашните планови, Италија нема да види пари од фондот до крајот на 2021 година. Значајните суми ќе дојдат многу подоцна, во 2023 година, односно предоцна за да се спречи Италија да доживее длабока рецесија и огромни нивоа на јавен долг.
Во меѓувреме, пандемијата и политиката ќе продолжат да чекорат напред. Освен што ќе се справува со ризикот од втор бран, италијанскиот премиер Џузепе Конте исто така ќе треба да се соочи и со тешките регионални избори, уставниот референдум по летото, како и со евентуални обвиненија за начинот на кој неговата влада се справи со ковид-19.
Ако Конте биде принуден да го активира Европскиот механизам за стабилност (ЕСМ) за да се справи со краткорочните дупки во финансирањето, последователните реакции сигурно нема да придонесат за домашната политичка стабилност. Движењето Пет ѕвезди, коалициски партнер во Владата, е целосно поделено во однос на ова прашање. Затоа се можни масовни истапувања од Владата ако наскоро се изврши притисок да се гласа за ЕСМ во парламентот.

На среден рок, како што забрзува закрепнувањето во Северна Европа, дебатата таму ќе се промени од стимулирање кон приспособување и ќе се создаде притисок врз Брисел повторно да се спроведуваат фискалните правила. Фрустрацијата, исто така, веројатно ќе расте во Северна Европа, бидејќи има многу малку политички апетит за значајни реформи во Рим. Точно е дека италијанската влада има одржано повеќедневни состаноци со економските фактори за да изгради консензус за новите реформи. Но засега има малку суштински резултати. Досега, најперспективниот предлог вклучува намалување на даночното оптоварување.
Во меѓувреме, иако екстремно десничарската Лига на Матео Салвини загуби одредена поддршка на изборите, таа и понатаму е најпопуларна партија во Италија. Покрај тоа, загубата на Лигата значеше подем на главно помалата екстремно десничарска партија Браќа на Италија. Заедно со поумерената Форца Италија, тие заедно одржуваат цврсто водство, доволно за да формираат влада ако денес се распишат избори. На долг рок, влада предводена од евроскептичната Лига останува многу реална можност. Ова е клучен ризик за пазарите, нешто што фондот за обновува требаше да го намали, но во неговата сегашна форма нема да го стори тоа.

Изгледите за Владата на Шпанија не се многу посветли. Коалицијата во Мадрид е малцинска влада, која бара поддршка од неколку мали партии за усвојување на законите. Градење консензус за реформите е речиси невозможна мисија. Всушност, одењето чекор наназад е поверојатно, бидејќи Подемос, коалицискиот партнер на социјалистите, се залага за укинување на реформите во пазарот на трудот, воведени во 2012 година. Во таков контекст би било погрешно да се смета на поддршка од Европската централна банка на неодредено време.
Значи, конечно, фондот за економска обнова претставува важен чекор за ЕУ и за еврозоната, поддржувајќи ги со поцврста фискална архитектура. Но тој малку ќе стори за да го спречи нерамномерното закрепнување во Унијата и нема фундаментално да се подобрат краткорочната, среднорочната и долгорочната траекторија на италијанската политика, што е и негова крајна цел.
За тоа се потребни сериозни суми пари во втората половина од оваа година. Тоа е амбицијата на Мишел, Меркел, Макрон и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, која тие би требало да се подготват да ја претстават на наредниот самит на ЕУ.