По катастрофалниот втор бран на ковид-19 во Индија, премиерот Нарендра Моди го загуби првото место на ранг-листата за најдобар рејтинг меѓу 13 светски лидери. Заклучно со 29 јуни, Моди е на второто место во анкетата што ја објави „Морнинг консалт“, а на првото место изби мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор. Народната поддршка на Моди се намали за 14 отсто од крајот на март и за 34 отсто од највисокиот рејтинг забележан во мај 2020 година. Додека во Индија се дебатира за причините за неуспешното справување со ковид-19, критичарите ги истакнаа автократските тенденции во рамките на Владата, за кои тврдат дека предизвикаа проблем не само во однос на коронавирусот туку во многу сфери од јавниот живот.
Со одолжувањето на корона-кризата, во 2021 година голема штета претрпеа рејтинзите на светските лидери. Само пет од 13 светски лидери забележаа зголемување на поддршката меѓу март и јуни. Германската канцеларка Ангела Меркел го зголеми рејтингот за 11 отсто, но не го врати на нешто повеќе од 20 отсто поддршка, која ја имаше меѓу декември и јануари. Освен Моди, францускиот претседател Емануел Макрон и јапонскиот премиер Јошихиде Суга забележаа најлоши рејтинзи и пад на народната поддршка во анкетата. Додека Макрон се бори со брзината на вакцинацијата, економскиот дефицит и низата екстремистички напади, Суга се соочува со слични проблеми поврзани со коронавирусот и со организацијата на Олимписките игри во период на пандемија.