Според податоците на Светската банка и ММФ се очекува, азиските земји да бидат најмногубројни меѓу првите пет држави во светот според големината на БДП во 2024 година, оставајќи ги европските економски сили во пониските редови. Економскиот пораст на Кина е брз и голем уште од 1990-тите, додека Индија и Индонезија неодамна влегоа во групата десет најголеми економии во светот и се очекува да ги достигнат третото и петтото место до 2024 година.

Се очекува Јапонија да успее да го задржи четвртото место до 2024 година, додека Русија да се искачи на шестото место.
Зголемената средна класа во Азија е една од причините за континенталната промена во БДП. Додека Кина досега е пример за пораст во 21 век, земјата се очекува подоцна да се справи со стареењето на населението, што ќе ја забави потрошувачката. Индонезија, заедно со Филипините и Малезија, се очекува значително да ја зголеми својата работна сила во наредните години, придонесувајќи за пораст на просечните приходи, според Светскиот економски форум.

Азиските мултинационални компании, како кинески „Хуавеи“ и индиска „Тата“, веќе забележаа подем во овој век, а тоа се очекува да го сторат многу други компании од овој континент. Но брзиот раст во Азија, исто така, значи и нови проблеми, како зголемен јаз меѓу руралните и урбаните приходи, деградацијата на животната средина и нови предизвици за управувањето со институциите.