Групата за еколошки кампањи „Транспорт и животна средина“ неодамна објави рангирање на најголемите загадувачи во Европа, според кое бродската флота на Медитеранската транспортна компанија му се приклучи на авиопревозникот „Рајанер“ на списокот на топ-загадувачи, заедно со уште осум оператори на електрични централи што работат на јаглен. Групата открива дека бродовите што пловеле кон и од Европа лани испуштиле над 139 милиони тони јаглероден диоксид. Ако поморската транспортна флота на ЕУ беше земја, таа ќе беше осмиот најголем загадувач во Унијата, веднаш по Холандија. Поморскиот сектор е ослободен од давачки за гориво според законите на ЕУ, што практично дејствува како годишна субвенција од 24 милијарди евра.

Еден начин да се процени колку навистина загадуваат бродовите во Европа е флотите да се споредат со вкупниот број автомобили во различни земји. Важно е да се спомене дека во некои случаи, податоците за националните бројки на автомобили се делумни и ги земаат предвид само големите градови, а не целата држава. На пример, Германија ги зема предвид само возилата во најголемите десет града, а Ирска ги опфаќа само градовите Даблин, Корк и Лимерик.

Во Белгија, која има релативно мало крајбрежје, емисиите од бродскиот транспорт (10 милиони тони) уште малку ќе ги надминат емисиите од сите автомобили во земјата (11,7 милиони тони). Во Холандија бродовите испуштаат повеќе јаглероден диоксид од сите автомобили во целата земја. Слична е ситуацијата и во Британија, каде што поморските емисии се повисоки од автомобилските емисии во 17-те најголеми градови на Островот.