Германија е членка на НАТО, но има интерес за добри односи со Русија, вели Шојбле

Сопартиецот на Меркел го поддржува одговорот на ЕУ на пандемијата и смета дека Германија треба да има поактивна улога во јакнењето на европската соработка

ИНТЕРВЈУ СО ВОЛФГАНГ ШОЈБЛЕ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА БУНДЕСТАГОТ

Волфганг Шојбле (77) е претседател на германскиот парламент, Бундестагот, и е висок член на партијата на канцеларката Ангела Меркел, Христијанско-демократската унија (ЦДУ). Тој служеше во кабинетот на Меркел како министер за финансии од 2009 до 2017 година и беше гласноговорникот на барањата на Германија до земјите од еврозоната да воведат политики на штедење во замена за помош од ЕУ.
Во почетокот на пандемијата, работите не изгледаа добро за Европа. Границите беа затворени низ целиот континент, а Италија се чувствуваше напуштено.
– Предизвиците што ги зададе корона-кризата беа сосема непознати и нови за нас. Со оглед на таквата егзистенцијална закана, луѓето и заедниците реагираат, држејќи се до она што им е најблизу. Ако сте во политиката, треба да ја разберете таа реакција.
Затворањето на границите беше ужасно за сликата за обединета Европа.

– Границата со Франција беше затворена откако Франција ги затвори своите продавници и луѓето доаѓаа во Германија на шопинг. Франција имаше поголем број инфекции од Германија. Градоначалникот на Фрајбург беше првиот што забрани влез зашто притисокот од населението беше силен. Ние немавме доволно тоалетна хартија.
ЕУ е во процес на подготовка на огромен пакет за помош. Може ли корона-кризата да биде катализатор за поблиска соработка?
– Беше предвидливо дека прво ќе има бесмислена дебата што ќе се фокусира на прашањето за еврообврзниците. Отсекогаш сум бил против заеднички долг без заедничко одлучување. Но јас сум за постигнување рамнотежа помеѓу економски посилните и економски послабите земји-членки. Затоа предлогот на канцеларката Ангела Меркел и на францускиот претседател Емануел Макрон е толку фантастичен.
Може ли пакетот за помош да претставува чекор кон поцврста унија?
– Се надевам. Пакетот за помош ќе биде импулс. Отсекогаш сум бил за поблиска унија затоа што верувам дека Германија има подобри шанси за својата иднина како дел од политичка унија во Европа.

Германија ќе го преземе ротирачкото претседателство на ЕУ во јули. Како можеме да го искористиме моментот?
– Мораме да ги решиме проблемите подобро отколку што го правевме тоа досега. Да се направи огромен чекор напред, на пример, во областа на дигитализацијата, вештачката интелигенција, фармацевтското истражување, хемијата и медицината.
Дали корона-кризата исто така може да доведе до заедничка финансиска и економска политика?
– Треба да се движиме во таа насока. Дури и во фазата на основање на валутната унија, се водеше дебата за тоа дали е можно воопшто да има заедничка валута без политичка унија. На повеќе економисти им беше јасно колку е тешко да се има заедничка валута без заедничка финансиска, економска и социјална политика.