Жители на Милано во април положија цвеќе во спомен на партизаните што загинаа во Втората светска војна. Бројот на сведоци е намален поради ковид-19

Пандемијата го забрза заминувањето на сведоците на клучните конфликти од минатиот век, овозможувајќи им на разни политички сили да ја ревидираат историјата

На Денот на ослободувањето на Италија во април жителите на Милано положија цвеќе во спомен на партизаните што загинаа за време на Втората светска војна. Бројот на оние што се сеќаваат на војната е намален од коронавирусот.

Гилдо Негри со години ги посетуваше училиштата за да ги сподели своите приказни за разнесувањето мостови и сечењето електрични жици за да ги саботира нацистите и фашистите во Втората светска војна. Во јануари, 89-годишникот замина во друга посета, оставајќи го својот дом за стари лица во Милано за да им помогне на студентите да засадат дрвја во чест на Италијанците депортирани во концентрационите логори. Но на крајот на февруари, коронавирусот се појави во Европа, се прошири и во старскиот дом на Негри и тој исто така се зарази. Негри беше разочаран што ги пропушти вообичаените паради и јавните говори на Денот на ослободувањето на Италија, уште поголеми годинава поради одбележувањето на 75-годишнината. Но ковид-19 ги откажа комеморациите на 25 април. Негри почина таа вечер.

– Сеќавањата исчезнуваат, а коронавирусот го забрзува овој процес. Ги губиме луѓето што можат од прва рака да ни кажат што се случило. Жално е затоа што кога ќе го изгубиме историското сеќавање, ќе загубиме сѐ – вели Рита Магнани, која работеше со Негри во Националното здружение на италијанските партизани.

Времето веќе ги опустоши животите и ги замагли спомените на една генерација што одблиску ги виде идеологиите и злосторствата што ја претворија Европа во бојно поле. Вирусот, кој е многу смртоносен за старите лица, го забрза заминувањето на овие последни сведоци и го принуди откажувањето на годишнината од комеморациите што нудеа последна шанса да ги раскажат своите приказни пред големата публика. Исто така, се создаде можност за сѐ поголеми политички сили, кои се обидуваат да ја ревидираат историјата од минатиот век за да одиграат во обликувањето на сегашноста. Во цела Европа, радикални десничарски партии, кои често ги негираат холокаустот, фашизмот и нацизмот, се во подем во изминатите години, движејќи се од маргините во парламентите, па дури и во владејачките коалиции. Алтернатива за Германија сака да ги искористи економските фрустрации од корона-кризата. Во Франција, екстремно десничарскиот Национален собир имаше најдобри резултати на последните избори во Европскиот парламент.

Ломбардија во април ги повика луѓето над 65 години да останат дома

Во Италија, родното место на фашизмот, потомците на постфашистичките партии се уште попопуларни, а стигмата околу Бенито Мусолини и политиката на диктаторите исчезнува. Италија е особено ранлива на губењето на меморијата. Таа издржа тешка епидемија и го има најстарото население во Европа. Таа е и политички поларизирана земја, во која на сеќавањата на нацистичките и фашистичките злосторства се спротивставуваат егзекуциите извршени од комунистичките партизани. Во 75-те години по поразот на Италија и де факто граѓанската војна со краткотрајната нацистичка марионетска држава на Мусолини на северот, луѓето што живееја за време на војната и фашизмот нудеа живо сведоштво што светеше низ маглата. Таа генерација требаше да ги добие мегафонот и сцената на 75-годишнината од крајот на војната, во Италија и во цела Европа.

За одбележување на 75-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Дахау, Германија повеќе од една година резервираше летови и хотели и организираше инвалидски колички за 72-те преживеани и 20-те американски војници што ги ослободија камповите. Пет дена, почнувајќи од 29 април, тие требаше да се сретнат и да ги раскажат своите приказни. Со пандемијата, тоа беше невозможно. Наместо тоа, само четири официјални лица учествуваа на настанот. Слична беше ситуацијата и во Британија и во Франција. Некои групи на ветераните рекоа дека разбираат дека спомен-обележјата за минатото заземат споредна улога при итни здравствени ризици, додека други оценија оти отсуството е погубно. Во Русија, која изгуби десетици милиони војници за време на војната, претседателот Владимир Путин планираше голема воена парада на 9 мај во Москва, на која требаше да присуствуваат францускиот претседател Емануел Макрон и други светски лидери. Наместо тоа, тој телефонски изразуваше солидарност и го презакажа настанот за 24 јуни.

Вирусот ги прекинува и врските со минатото. Во Шпанија, Хозе Марија Галанте (71) страдаше за време на режимот на диктаторот Франциско Франко и ги помина последните години обидувајќи се да го изведе пред лицето на правдата својот мачител Антонио Гонзалез Пачеко, полицаец познат како Били Кид. Но во март Галанте почина од вирусот. Неколку недели подоцна, вирусот го уби и Пачеко (73).
Кога вирусот на 25 април го уби Хенри Кича, 94-годишен белгиски писател, кој го преживеал Аушвиц, белгискиот политичар Шарл Пике напиша дека светот го напуштил „голем сведок на холокаустот“ и дека „сега останува младите генерации да ја продолжат својата битка против омразата “.

Во меѓувреме, Италија дебатира што да прави со своите ранливи постари лица. Со месеци властите дебатираа за тоа каква политика треба да се донесе за постарото население во земјата со ризик, вклучувајќи ги и оние што ја изградија земјата по војната, го поттикнаа нејзиниот бум и го издржаа домашниот тероризам од 1970-тите, кој беше ехо од граѓанската војна. Во земја како Италија, предлозите да се поттикнат старите лица да останат внатре би значеле затворање на голем дел од политичката, академската, индустриската и деловната елита. Во март, Ломбардија ги повика луѓето над 65 години да останат дома, сугестија што ја повтори националната влада со декрет.

Дедовците објавија отворени писма до внуците, барајќи од нив да не ги кријат протагонистите од 1940-тите како „бескорисен товар“. Бивш претседател на највисокиот суд во земјата истакна дека Уставот обезбедува слобода на движење на сите граѓани и додаде дека „познава 80-годишни деца што се во одлична форма“.

За разлика од Германија, која се принуди себеси да погледне кон своите злосторства, Италија честопати гледаше настрана. По војната се појавија постфашистички партии, а нивните директни политички потомци сè уште се живи и растат. Национализмот е повторно во мода, со лидери што му се восхитуваат на Мусолини. Во мај, Џорџија Мелони, ѕвезда на италијанската десница и лидер на сè попопуларните Браќа на Италија, потомок на постфашистичките партии на Италија, оддаде почит на десничарски политичар, која некогаш ги поддржуваше расистичките закони на Мусолини. Од друга страна, смртните случаи од вирусот на лица што се бореле против фашизмот добија помалку внимание. Семејствата на партизани велат дека тие ја чувствувале целата тежина на историјата откако умреле луѓето што живееле во неа.
– Знаете како е, кога некој е добро, сѐ ви се чини како приказна. Кога ќе ги снема, повеќе не изгледа како приказна – вели Тереза Барони (86), која во март го загуби својот сопруг и бивш партизан Савино поради ковид-19.

Вилијам Маркони, партизан што се борел против нацистите, вели дека меморијата заминува кога си заминуваат оние што се директно вклучени. Маркони (95) вели дека неможноста да пешачи го задржала дома и подалеку од заканата од вирусот што уби еден од неговите поранешни другари. Маркони пишувал за своите искуства, но не е толку уверен дека помладите генерации ќе научат лекции од минатото.
– Не сум убеден дека меморијата има улога. Дури и оние што ја знаат историјата, и тие го прават тоа повторно и повторно – нагласува тој.

Подготвил: Дејан Србиновски