Кинеската економија лани забележала пораст од 6,1 отсто, покажуваат податоците што ги објави кинескиот завод за статистика. Иако таквите бројки изгледаат неверојатно од американска или европска перспектива, за втората најголема економија во светот се применуваат различни стандарди. Порастот на бруто-домашниот производ (БДП) од 6,1 отсто за Кина претставува најлош економски резултат од 1990 година.

Намалената домашна побарувачка поврзана со ефектите од трговската војна со САД придонесе за намалување на економскиот пораст. Овој надолен тренд продолжува веќе неколку години. Во почетокот на 2019 година, кинеската влада објави стимулативен пакет од 193 милијарди долари за јакнење на економијата, мерка што ѝ помогна на земјата да ја исполни својата цел за зачувувањето на порастот на ниво од шест до 6,5 отсто во 2019 година.

Гледајќи ги кварталните стапки на пораст, се чини дека забавувањето на Кина можеби се намалило во последните три месеци од 2019 година, кога порастот на БДП останал стабилен на шест отсто. Стабилизирањето на сегашното ниво на пораст е тоа што го сакаат кинеските власти и во 2020 година, иако тамошниот завод за статистика предупреди дека економијата се соочува „со зголемен притисок“, бидејќи „глобалниот економски и трговски пораст забавува“, додека „изворите на нестабилност и ризик се зголемуваат“.

Економијата на Кина внимателно се набљудува на меѓународно ниво, бидејќи многу меѓународни корпорации ја сметаат за клучен пазар за постигнување на сопствените цели за пораст. Како што илустрира графиконот, кинескиот БДП забележа двоцифрен пораст во поголем дел од првата деценија од новиот милениум, по што беше регистрирано поголемо економско забавување вo 2010 година.